Астрономијата го одбележа дваесеттиот век

30.09.2010 11:26
Астрономијата го одбележа дваесеттиот век

Иако веќе длабоко загазивме во 21-от век, неговиот претходник, 20-от, сè уште претставува предмет на бројни анализи и проучувања. Некои од најзначајните научни достигнувања се случија токму во областа на астрономијата. Да погледнеме што сè се случи на ова поле.

1910-тите

Првото десетлетие на 20-от век го одбележаа четири настани. Макс Планк утврди дека енергијата се пренесува преку ситни пакети – кванти, што го промени начинот на размислување во физиката, а со самото тоа и во астрономијата. Ова откритие ќе има големо влијание на подоцнежните отритија и објаснувања.

Објавен е првиот каталог на ѕвездените спектри (1901 г.), што значеше дека во астрофизиката е отворена нова област за проучување и можеше да се пристапи кон класифицирање на ѕвездите и утврдување на нивниот состав и еволуција.

Специјалната теорија за релативност на Ајнштајн, која е објавена во 1905 г., влијаеше на целокупната физика, а нејзиното значење астрономите ќе го почувствуваат веднаш. Еден од важните детали во сфаќањето на еволуциите на ѕвездите е и дијаграмот Херцшпрунг-Расел, кој ни зборува за врската меѓу спектралниот тип и луминозноста на ѕвездите. Објавен е во 1910 г., и значеше чекор напред во проучувањето на еволуцијата на ѕвездите.

1920-тите

Второто десетлетие започна со откривањето на нуклеарната структура на атомското јадро во 1911. Ова откритие го направи Ернест Радерфорд и тоа претставува само една од почетните низи во „раситнувањето на материјата“. Нилс Бор во 1913 г. ја обелодени својата теорија за структурата на атомот, која и денес се користи во пресметките во кои некои особини на атомите можат да се занемарат. Општата теорија за релативноста е објавена во 1915 г. и заедно со Специјалната теорија претставува столб за развојот на астрономијата во 20-от век. Истата година Валтер Адамс го идентификува првото бело џуџе (Сириус Б) кое претставува една фаза во еволуцијата на ѕвездите.

Една година подоцна Карл Шварцфилд објавува труд во кој го одредува полупречникот на хоризонтот на настаните во црната дупка, кој претставува граница меѓу овој Универзум и сингуларитетот. Димензиите на Млечниот пат и Сончевиот систем се одредени во 1918 г.

Следната година се доаѓа до првиот доказ за општата теорија на релативноста, со фотографирањето на целосното помрачување на сонцето во 1919. На таа фотографија положбата на ѕвездата која се гледа во близина на помраченото сонце е поместена во однос на вистинската положба онолку колку што за тоа предвидува општата теорија на релативноста. Последната година од втората деценија е одбележана со одредувањето на првиот пречник на ѕвезда надвор од Сончевиот систем (ѕвездата Бетелгез).

1930-тите

Третото десетлетие започна со откритието на ѕвездата Кефеj (според која се наречени еден вид променливи ѕвезди) од страна на Едвин Хабл во галаксијата Андромеда во 1923 г. Откритието подоцна ќе помогне да се одреди оддалеченоста на оваа галаксија. Роберт Годард во 1926 г. ја лансираше првата ракета на течно гориво. Следната година за првпат беше промовирана теоријата за Големата експлозија, која вели дека пред околу 13 милијарди години целиот Универзум – просторот и времето, настанале во една експлозија, а дека последица на тоа е ширењето на Универзумот.

Истата година Вернер Хајценберг го претстави принципот на неодреденоста, кој претставува еден од принципите на квантната механика. Пол Дирак во 1928 го претпостави постоењето на антиматеријата, а следната година Едвин Хабл утврди дека вселената се шири. На крајот на третата деценија се дојде до откритието на последната планета во Сончевиот систем – Плутон, кој во 2006 г. го изгуби тој статус.

Субрахманјан Чандрасекар ја одредува структурата и границата на масата на белото џуџе, а Волфганг Паули го предвидува постоењето на неутрините, едни од елементарните честици.

1940-тите

Со откритието на радио зачењата од центарот на нашата галаксија започнува четвртото десетлетие на минатиот век. Првите откритија во врска со хемискиот состав на атмосферата на Венера се направени 1932 г., а истата година е откриен и неутронот. Во 1934 г. е предвидено дека како последица на експлозијата на суперновата може да настане неутронска ѕвезда. Со објавувањето на теоријата за фузионите реакции во ѕвездите во 1938 започнува новата етапа во развојот на астрофизиката.

Втората светска војна ги попречи засилените истражувања во астрономијата, но за тоа време во физиката се направени нови откритија благодарение на развојот на новото убиствено оружје – атомската бомба.

Пред самиот крај на Втората светска војна, Герард Кујпер во 1944 г. ја откри атмосферата на Титан, сателитот на Сатурн. Две години подоцна откриен е првиот вонгалактички радио извор (Cygnus A). Герард Кујпер во 1948 г. направи уште едно откритие – тогаш за првпат е забележан сателитот на Уран, Миранда.

Истата година се предвиде постоењето на позадинското зрачење кое заостанало по Големата експлозија. Третото големо откритие на Кујпер е Нереид, сателитот на Нептун кој за првпат беше забележан во 1949 г. Последната година на петтата деценија Јан Орт го претпостави постоењето на големиот облак комети кои го опкружуваат Сончевиот систем.

1950- тите

Во 1951 г. е откриено зрачењето на меѓуѕвездениот водород на бранова должина од 21 см. Во октомври 1957 полета првиот вештачки сателит – Спутник 1, а истата година беше објаснето како ѕвездите ги произведуваат тешките елементи. Една година подоцна Експлорер 1 ги откри појасите Ван Ален кои ја опкружуваат Земјата, а претставуваат дел од земјиниот магнетен појас. Луна 1 во 1959 г. беше првиот вселенски брод кој ја напушти земјината гравитација.

1960- тите

Историски момент за целото човештво беше првиот лет на човекот во космосот. Таа 1961 г., април месец, рускиот космонаут Јуриј Гагарин беше првиот човек кој ја облета Земјата. Шестото десетлетие е одбележано од руско-американската трка во освојување на космосот.

Во 1962 г. Џон Глен беше првиот Американец во орбита околу Земјата, а истата година Маринер 2 ја оствари првата планетарна мисија кон планетата Венера. Една година подоцна беше востановено дека квазарите (квазиѕвездените радио објекти) се многу оддалечени објекти кои зрачат огромна количина енергија. Постоењето на позадинското зрачење практично го докажаа Анро Пезијас и Роберт Вилсон во 1965 г.

Истата година е остварена и првата прошетка во космосот од страна на космонаутот Алексеј Леонов, а Маринер 4 пролета покрај Марс и испрати многу податоци. Најголемиот метеорски дожд со околу 100 000 метеори на час (од метеорскиот рој Леониди) се одигра во 1966 г.

Следната година е откриен првиот пулсар кој претставува една од можните варијанти на крајот на ѕвездената еволуција, како и првиот гама блесок. Во 1968 Аполо 8 стана првиот вселенски брод се човечка посада која ја напушти земјината гравитација, а една година подоцна Нил Армстронг и Баз Олдрин беа првите луѓе кои се спуштија на Месечината во мисијата Аполо 11.

1970- тите

Седумдесеттите години на минатиот век ги одбележаа мисиите насочени кон планетите. Па така, Маринер 9 во 1971 г. влезе во орбита околу Марс, а бродот Марс 3 се спушти на неговата површина. Две години подоцна Пионир 10 помина покрај Јупитер. Маринер 10 во 1974 помина покрај Меркур, а истата година Стивен Хокинг објави труд во кој покажа дека црните дупки можат бавно да емитираат енергија.

Истата година се откриени двојните пулсари, со чија помош е докажано постоењето на гравитациските бранови. Меѓупланетарните мисии Викинг 1 и 2 во 1976 г. слетоа на Марс. Во 1977 г. беа откриени прстените на Уран, а следната година и сателитот на Плутон, Харон.

Војаџер 1 и 2 во 1979 пролетаа покрај Јупитер, а Пионир 11 покрај Сатурн. Последната година на оваа деценија ја одбележа поминувањето на Војаџер 1 покрај Сатурн, како и објавувањето на теоријата за падот на голем астероид на Земјата пред 65 милиони години што довело до изумирање на многу видови, меѓу кои и диносаурусите.

1980- тите

И ова десетлетие исто така помина во знакот на меѓупланетарните мисии, но и во знакот на развојот на астронаутиката воопшто. Во 1981 г. се случи првото лансирање на спејс шатлот, а Војаџер 2 пролета покрај Сатурн и беше објавена идејата за инфлаторната вселена. Две години подоцна Пионир 10 го напушти Сончевиот систем, и со себе понесе податоци за нашата цивилизација во случај да дојде во контакт со некоја друга цивилизација.

1986 г. беше драматична бидејќи се случи експлозија на шатлот Челинџер во која загинаа сите членови на посадата, во која за првпат се најдоа и цивили. Истата година Русите ја лансираа орбиталната станица „Мир“.

Најсјајната супернова за последните 400 години експлодира во 1987. Нејзината појава овозможи научниците малку подобро да го проучат овој астрономски феномен. Поставувањето на вселенскиот телескоп Хабл и проектот на радарско мапирање на Венера со помош на Магелан ја одбележа 1990 г.

1990- тите

Лансирањето на телескопот Хабл отвори нова ера во астрономијата, што ќе влијае врз целата последна деценија на 20-от век. Имено, Хабл испрати толку многу нови податоци што до крајот на векот сите тие сè уште не беа обработени. Овие податоци доведоа до многу нови сознанија. Првите членови на Кујперовиот појас се откриени во 1992 г., кога се набљудувани и првите планети околу пулсарите. Две години подоцна астрономите, но и останатите научници, имаа можност да набљудуваат судир на две небесни тела. Имено, дојде до судар на кометата Шумејкер-Леви 9 со Јупитер.

Првата екстрасоларна планета која орбитира околу ѕвезда слична на нашето Сонце е откриена во 1995, а истата година е откриено и првото кафеаво џуџе. Таа година леталото Галилео започна истражување на Јупитер. Во 1998 г. астрономите дојдоа до сознанието дека вселената забрзано се шири, односно дека количината на постоечката материја (видлива и невидлива) е недоволна да го спречи ширењето.

Крајот на 20-от век помина со неколку неуспеси на меѓупланетарните проекти, пред сè, на американското истражување на планетата Марс. Сепак, тоа не го спречи продолжението на истражувањето на оваа планета, па во 2000 г. се повторно постави прашањето дали на Марс во блиското минато имало вода, бидејќи некои снимки покажуваат постоење на траги кои укажуваат на такво нешто.

***

Од овој краток преглед на најважните случувања во астрономијата во минатиот век се гледа дека човечката цивилизација дојде до многу одговори, но дека се отворија многу други прашања. Овие прашања можат да се решат само преку упорни истражувања, но и со нови пробиви во развојот на технологијата.

Извор: nationalgeographic.com