Другата вистина

24.11.2018 09:59
Другата вистина

Често се зборува за осаменоста, надвор, со оглед на тоа дека познаваме само еден вид осаменост. Но ништо не е толку сурово како осаменоста во лудницата.

Во таа немилосрдна одбивност од страна на сите се вовлекуваат змии во твојата фантазија, стегачи на физичката болка, прифаќање на сламената постела на која претходно се излигавила некоја друга болна. Осаменост на заборавените, осаменост на кривите.

Твојот домашен фустан ти станува незаменлив, и парталите што си ги навлекол, со оглед на тоа дека само тие го познаваат твоето право на постоење, твојот начин на живот.

Во лудницата бев сама, долго време не зборувајќи, уверена во својата невиност. Подоцна открив дека и лудаците имаат име, срце, чувство за љубов, и научив, токму внатре, да ги љубам ближните свои.

Сите го делиме единствениот леб со пресретлива наклонетост и нашата трпеза е семејна. Некои од болните ќе дојдеа да ми ги здиплат покривачите и ќе ме бакнеа по кратката коса. И потем, надвор, никогаш од никого не добив таков бакнеж, зашто бев излечена. Но со знак од лудница.

Лековите ни го одземаа секое чувство, секој однос со надворешната стварност. Мојот личен лекар, д-р Г., тврди дека тоа се случува во функција на болеста. Јас тврдам спротивно, зашто одлично се сеќавам дека на почетокот од својата мачна изолираност бев сосема свесна за стварноста, дотолку повеќе што, кога повторно се најдов на тоа место, се онесвестив од страв.

Отсутноста и конфузијата дојдоа подоцна, по лековите и постојаното озборување на болничарките и влијанието од околината.

Многу сум збунета кога ја дефинирам својата болест како „нешто што дошло само од себе“, ама склона сум да тврдам дека е предизвикана, модификувана и отежната со неодговарачки, погубен третман во лудницата.

Ја пишувам оваа книга не толку од задоволство што можам слободно да му дадам на своето сеќавање да здивне, туку за отворено да објаснам дека и ден-денес носам во себе сличен товар незадоволство и горчина, то ест, сѐ што е потребно за тој долг повторен престој во болницата, кој од мене направи манијак без волја, трајно збунета од своите лични морални и општествени вредности. Токму вчера собирав потписи во корист на ментално болните. Не сум кадра да преземам толку голема општествена акција, ама кој може подобро од мене да каже што се случува во таа болница?

(Извадок од дневникот на Алда Мерини L‘altra verità. Diario di una diversa, Milano 2007.)
Извор: filozofskim.blogspot.com

Алда Мерини е италијанска поетеса родена во Милано 1931 година. Минала десет години во лудница и дневникот е нејзино автентично искуство. Најпознати поетски збирки: Страв од Бога, Ти си ПјетроПрисутноста на Орфеј, Света земја. Починала на 1 ноември 2009 година.

Слични содржини

Графички Дизајн / Книжевност / Психологија / Стрип
Книжевност / Психологија / Живот
Книжевност / Психологија / Култура

ОкоБоли главаВицФото