„Телата ви се на дното од големата река“

24.11.2018 14:23
„Телата ви се на дното од големата река“

MISSISSIPPI GODDAM

Нашите пресечени глави стоеја една до друга на шанкот меѓу купиштата пивски шишиња, садови со кикирики и неколку хартивчиња со телефонски броеви, кои љубовџиите си ги заборавиле во алкохолен занес. На подиумот за танц еден каубој си ја бараше (ма)музата, додека неговиот коњ се воодушевуваше на блескавата диско-топка. „Телата ви се на дното од големата река”, ни соопшти шанкерот и нè праша што ќе се напиеме. „Што било со цевка”, му реков и заплакавме од смеење.
Нина Симон ни намигна со гадење.

 

ПОЛУПРИКАЗНА

Се пресеков на пола. Едната моја половина сакаше бринети, другата блондинки. Едната моја половина сакаше класична музика, другата турбофолк. Едната запотена нога ми мирисаше на кисела зелка, другата на расипани јајца. Едната половина ми стана прозападна, другата происточна. Двете половини од мене почнаа да се мразат и да се закануваат со нуклеарни војни. Се разделивме и секој полујас тргна на своја страна. Веќе никогаш нема да бидеме заедно во добро и во зло, сѐ додека смртта не нѐ обедини.
Амин.

АЈ ДУ

Кога решив да бидам матичар, сиот свет ми се гледаше низ призма на бели гулаби-акробати кои леткаат околу свадбениот трапез во форма на голема бурма. Но, не беше баш така... Бев киднапиран на мојот прв работен ден. Ме грабна еден луд бивш сопруг на една жена која ја венчавав сабајлето, ми впери пиштол в чело и ми нареди да скокам на една нога и цела вечност да викам: НЕ! НЕ! НЕ! НЕ! НЕ! Кога починав од исцрпеност, ме стави во котел со врел зејтин, ме испржи со малку кромид и морков, и ме сервираше на сопствената инает-свадба со некоја 13-годишна девојка од Шутка.

 

ВЕРНОСТ

Од увото на мачката излезе една сурла која ме испрска со сета вода што некогаш сум ја испил. Потоа сурлата дојде до вратата, ја отвори и ми нареди да заминам. Излегов. Се најдов во еден ходник осветлен од светулки-мумии, балсамирани од сопствената биолуминисценција. Погледнав нагоре и ја видов мојата прва девојка, гола, залепена на плафонот, осудена да капе по една капка љубов дневно до крајот на вечноста. Ми се насмевна и почна да ми раскажува за родителите. Ѝ се извинив и се престорив во кадифено куче кое живее во женска чанта и умира од радост секојпат кога раката посегнува по клучевите од дома.

АВТОБУСКИ РАСКАЗ БР. 1

Господинот Мизантроп – џуџето од соседството кое ни ги дупнуваше топките кога бевме деца, нанадејно почина. Сите деца, сега веќе возрасни жени и мажи, држевме почесна стража крај неговиот гроб, сè додека неговиот костур не почна да пулсира во еден луд западноафрикански ритам. Шивачката која му го соши посмртниот смокинг на г. Мизантроп, кога го слушна ритамот, излезе на улица, се соблече гола и ги исповрза сите раткапни во градот со бел свилен конец. Чуварот крај старата рампа, кој го гледаше овој лирски перформанс на шивачката, стопен од милост, реши да ѝ предложи брак. Таа прифати, им се роди џуџе, и во маалото од нашето детство повторно се воспостави баланс.

 

ЕДЕН ДЕН ВО АВГУСТ

Телото ја шеташе својата глава под левата мишка, и ѝ даваше да грицка сончоглед. Главата беше задоволна, телото пукаше од здравје. Мали деца, дами во години, мажи кои трчаат по улици, верверички и кучиња – главата никого не оставаше рамнодушен. Сите ја галеа, ѝ зборуваа, си играа со неа, ѝ даваа залачиња од своите сендвичи, ѝ правеа фризури, ѝ раскажуваа приказни... Главата само молчеше и се смешкаше и одвреме-навреме ќе почкрипеше со забите. „Како се вика главата?“, конечно праша едно девојче кое јадеше шеќерна волна. Телото само слегна со рамениците, ја спушти главата на земја, зеде залет и ја шутна колку што можеше посилно. Сите воодушевено ракоплескаа, а телото се поклони, прати обезглавен бакнеж, се сврти и замина.

Цртежи: Владимир Лукаш
Извор: Владимир Лукаш - Дедлајна, љубов моја! (Темплум, 2018)

ОкоБоли главаВицФото