Се плашиме од себе

30.09.2010 11:42
Се плашиме од себе

Придвижувајќи офанзива против Ромите, француската влада мислеше дека еден проблем, кој се сведува на проблем на заштита на границите и органите за безбедност, ќе ги претвори во предизборни политички поени. Голема грешка.

Претседателот на Франција се фати за оружје – и си пукаше во нога. Придвижувајќи офанзива против Ромите, француската влада мислеше дека еден проблем, кој се сведува на проблем на заштита на границите и органите за безбедност, ќе ги претвори во предизборни политички поени. Голема грешка. Прашањето за Ромите не се однесува на јавната или социјалната, туку на менталната сигурност. И тоа не е само француски, туку проблем на целата Европа.

По падот на Железната завеса, американскиот дневен весник ЛА Тајмс во 1990 година го спроведе едно од првите испитувања на јавното мислење во Источна Европа. Резултатите покажаа дека за 80 отсто од луѓето кои тукушто се ослободија од комунизмот – Чесите, Унгарците, Бугарите и Полјаците – „Циганите“ се дијаболични суштества.

Чешкиот претседател Вацлав Хавел во деведесеттите години, наспроти жестокото спротивставување на јавноста, го урна гетото во кое неговиот народ сакаше да ги затвори „номадите“. Можеби омразата кон „Циганите“ е повеќе раширена и подеструктивна во Источна Европа, но секако дека ја има и на запад. Книжевноста и оперите во 19 век – од Виктор Иго до Верди – се полни со стравот на староседелците од жителите без своја земја. Просење, болест, џепарење, па дури и фантазии за крадење на деца – беа асоцијациите кои со векови ги опседнуваа европските умови, престрашени од помислата на „луѓето кои не живеат како нас“. Со подигнување на оваа хистерија на екстремно ниво, нацистите овие „нелуѓе“ ги ставаа во гасни комори.

Со усвојувањето – конечно! – на правото за слобода на движење за своите жители, Европската унија ги пробуди старите стравови, зашто прогонетите се вратија. Француската реакција на ова ендемска група беше несоодветна и штетна, како што добро забележаа црквата и невладините организации. Главниот проблем не е во Ромите, туку во луѓето на кои тие им пречат. Постмодерната Европа сака да ги руши табуата кои ја ограничуваат слободата, но се повлекува пред емигрантите. На смрт се плаши од Ромите, народот кој своеволно и традиционално патува. Мораме да сфатиме дека тука не станува збор за отфрлање на другите, туку за отфрлање на самите нас.

Бришењето на границите, европеизација на народите, глобализацијата на континентот – сето тоа нè одведе во свет без јасни насоки и цврсти норми. Да се присетиме на дијагнозата која во 1965 година ја постави Шарл де Гол: „Сеопштиот напредок фрли сенка на поединецот. Некогашниот мир на селанските народи, сигурни во просечната но безбедна егзистенција на својата земја, во овој век е заменет со стравот од невкоренетоста“.

Оваа изместеност своето насмеано лице го прикажува во формата на 300 000 француски апатриди кои во Лондон трупаат пари кога берзата расте. А трагичното лице се номадите, прогонети од една до друга дива населба, на кои им се скратено правото да патуваат и да просат, што некогаш насилно се правеше само во комунистичките системи. Ромите нè плашат. Со криењето на Ромите, ги криеме нашите невкоренети браќа, зашто тие се неизбежен и застрашувачки дел од нашата судбина. Стравот од Ромите е страв од самите нас.

Ако на номадите им го одбиете правото слободно да патуваат, ако не им дадете можност слободно да се движат во прифатливи услови, влегувате во доменот на расизмот и на ксенофобичната опсесија. Минимумот пристојност налага, а и францускиот закон пропишува, изградба на прифатливи станбени единици кои би ги замениле раштрканите кампови и срамните населби од кои би требало да се срами цела Европа.

Медиумската бука околу повеќе или помалку доброволната колективна репатријација на стотина несреќници е бесмислена ако знаеме дека само во Романија два милиони граѓани на Европа седат на своите куфери и се убедуваат себеси дека просјачкиот живот во Франција е помалку катастрофален од животот на отфрлениот сиромав во средноисточна Европа. Бесмислено е и тоа што Европската унија се труди да ги натера номадите да се скрасат на едно место. Оваа политика беше опсесија на Николај Чаушеску и на неговите тоталитарни соучесници. Со бриселските субвенции нема да се постигне нешто што не можеше да се постигне ни со полицискиот терор. И бесмислено е што Саркози ги испраќа своите претставници во Букурешт за да ја убеди тамошната влада дека треба да работи на интеграцијата и асимилацијата на Ромите. Романските власти не се во состојба да го прават тоа, а Ромите не го сакаат тоа.

Должност на нас, просперитетните нации, е да придвижиме интелектуална револуција за признавање на легитимноста на трансевропската номадска традиција стара повеќе стотина години. Правото на различност е составен дел од демократијата.

Не може да се каже дека многу бранители на ова право го дигнаа својот глас. Бриселските бирократи, тие свештеници на современата Европа, ни со прст не се помрднаа за на Ромите да им обезбедат право на слобода на движење. А ни слаткоречивите „зелени“, кои пред камерите јуришаат на генетски модифицираните растенија, не се во состојба да ги одбранат овие „патници“, ниту се бореа за нивниот опстанок. Да, ја спасуваме планетата. А номадите не? Нема ни европски парламентарни иницијативи, а кога ги има, не се ефикасни.

Само група луѓе, на кои им се смачи од нетолеранцијата, упати добронамерни критики кон „демократите“, но таквите критики влегуваат на едното, а излегуваат од другото уво. За да бидам сосема јасен: европските слободи не се ограничени само на деловната заедница, на моќните луѓе и на интелектуалците. Слободниот проток на стока и идеи е гарантиран; сега е време да обезбедиме слобода за најслабите меѓу нас, оние кои границите ги преминуваат во каравани, патници без дом кои со векови ги инспирирале музичарите и поетите. Сè додека Ромите се непожелни на трпезата во богатите земји, еманципацијата на сите европски граѓани ќе биде под знак прашање.

Доста беше лицемерие! Во своето демагошко збивање на редовите, Ромите од една страна се демонизираат, а од друга страна меѓународните медиуми ги напаѓаат Французите. Тајм пишува за француското „гестапо“, Дејли Мејл вели дека се случува „систем на депортација“. Дури и пекиншкиот Пиплс Дејли се осмели да ја употреби оваа терминологија. Може да се критикува Саркози и неговата политика кон Ромите, а да не го нарекуваме Петен или Лавал и да не користиме навреди и исмевања. Но, делириумот и понатаму расте. Ромите се колатерални жртви на изгубените деца на глобализацијата. Никола Саркози го демонизира безидејната опозиција, а Франција ја осудуваат европските и меѓународни организации кои ја заборавиле целата на своето постоење. Секој има свое жртвено јагне.

Да бидам сосема јасен: не ме интересира ниту претераното морализирање ниту кукањето заради внатрешната безбедност. Тука ме интересираат само Ромите и нивните скандалозни и непотребни страдања. Нивната положба нема да ја поправат ни силата на репресијата ни спротивните сили на навредување на власта. Една или две општини реагираа на притисокот и ги понудија своите спортски сали. На една недела? Можеби на месец? А што потоа? Претседателските избори ќе се одржат за две години. Да се надеваме дека ова нема да биде искористено да продолжување на расправите кои на Париз веќе му ја донесоа титулата на град кој е за потсмев.

Извор: Sign and Sight

Слики: Austin Power

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото