Со предавањето на Алфредо Саад Фиљо, вечерва завршува првиот дел на КРИК 03

24.11.2018 17:47
Со предавањето  на Алфредо Саад Фиљо, вечерва завршува првиот дел на КРИК 03

Вечерва (20, 30) во МСУ, на програмата на КРИК фестивал за критичка култура, воведно предавање насловено „Кризата на неолиберализмот, кризата на демократијата“ ќе одржи Алфредо Саад Фиљо, професор по политичка економија на Универзитетот СОАС (SOAS) во Лондон.

Неолиберализмот е во криза. Финансискиот колапс од 2007/2008 беше привремено решен, создавањето светски финансиски меур се претвори во криза на демократијата, преку порастот на авторитарното наличје на неолиберализмот, кој зема замав во сé поголем број земји. Кога се на власт, авторитарните лидери постојано наметнуваат особено исклучувачка форма на неолиберализам, која им штети на сиромашните, ја промовира финансијализацијата и неолиберализацијата на секојдневниот живот и уште повеќе ги концентрира моќта, приходите и имотот. Оваа сесија ќе ги испита корените на економската и политичката криза на неолиберализмот, фрактурите во глобалниот поредок, подемот на авторитарниот неолиберализам и можностите за левицата.
По предавањето, ќе се одржи разговор со професорот Алфредо Саад Фиљо и Бранимир Јовановиќ.

„Во рамки на КРИК секогаш настојуваме да излеземе од нашиот потесен фокус на културните и уметничките практики и да ги согледаме динамиките во поширокот општествен, политички и економски контекст. Општествената молекула е создадена од различните, взаемно поврзани атоми на дејствување, кои се во постојано преплетување, одбивање и привлекување.
Токму затоа, на последната вечер од првиот дел на КРИК 03, радосни сме да го објавиме предавањето на Алфредо Саад Фиљо, еден од водечките професори по политичка економија, чиј матичен универзитет повеќе од 15 години е Универзитетот СОАС (SOAS) во Лондон, каде што е и раководител на докторските студии. 
Освен анализите во рамки на политичката екномија од марксистичка перспектива, тој длабко навлегува и во анализите на поврзаноста на авторитарните режими, новите фашизми, популизмот во корелација со кризата на демкоратијата заснована врз неолибералниот наратив“, вели Искра Гешоска, директорка на фестивалот.

Синоќешниот трет фестивалски ден беше посветен на Ангела Мелитопулос, уметничка од Германија, која предава на Кралската академија за ликовни уметности во Копенхаген, Данска.

Ангела Мелитополус е позната авторка, која се изразува преку видео инсталации, видео есеи, документарци и звучни дела, како и теоретски текстови. Нејзината работа ги истражува не-наративните својства на движечките слики, вметнувајќи ги во конструкти од политичка географија и нови архиви базирани на историјата на малцинствата, на пример, миграциони искуства, антикапиталистички движења и антифашистички отпори.

Мелитополус, зборуваше за нејзиниот видео есеј од 2002 година за автопатот „Братство единство“ во поранешна Југославија, односно за последиците на нејзиниот распад, во кој учества и професорот Небојша Вилиќ од Македонија.

Таа го претстави и проектот „Crossings“, со кој учествуваше на последното издание на Документа (2017), експериментална филмска медитација за кризата со мигрантите во Грција и како е таа поврзана со сложените реалности на делувањето на капиталот и искористувањето на ресурсите. Видео инсталацијата прикажува картографија на места, истории и сеќавања за да ја позиционира актуелната криза во подолгата историја на капиталистичко уништување што се пренесува насилно од тело на тело и од генерација на генерација.

„Повеќе се работи за следење на траги отколку за видео документирање, а кога се следат траги, тие треба и да се прочитаат и низ тој процес на прегледување, монтирање тоа станува процес на акција. Ако ве интересира мапирањето и односот кон пејсажот, се разбира, кој не ги исклучува луѓето, нужно ќе стигнете до прашањето на мигрантите. Автономијата на мигрантството се семта дека има политички потенцијал да ги смени политиките на државите, нешто што е надвор од контрола на државата“, вели Мелитополус.

Потоа се одржа и разговор помеѓу Ангела Мелитополус и Маурицио Лазарато, кој со свои теоретски текстови учествува во нејзините дела. Во овој дел тие се задржаа на важноста на микрополитиката, како значаен фактор и за иднината на светот.
„Иднината на светот ќе биде фашистичка, реакционерна и расистичка доколку не се направи поврзување помеѓу политиката и микрополитиките во заедниците“, рече Лазарато. Со неговото предавање за политиките на задолжување и неофашистичкиот бран во светот беше отворено годинашното издание на фестивалот за критичка култура КРИК.

Синоќа во МСУ свој концерт имаше и групата „Millions of dead tourists“, која е познат и значаен дел од грката експериментална музичка сцена. Исто така, во текот на овие два дена се одржува работилница со Маја Ќириќ за критичко пишување во сферата на визуелните уметности „Јасно и
гласно“.

Фестивалот КРИК на 7 декември продолжува со вториот блок програмски содржини.

КРИК – фестивал за критичка култура е отворе (Критика – Реакција – Идеја – Конфронтација) има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст. КРИК застанува во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор.
КРИК е отворена платформа низ која се истражуваат и изучуваат можностите на проникнување помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството. Во рамки на КРИК се промовираат теориските, социо-културните, економските и уметничките практики како важна алатка со која може да се менуваат општествените наративи.

КРИК - Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот Институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, n.b.k. Video-Forum од Берлин, платформата Светот околу нас – критиката во регионот, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија), Проектниот простор Прес ту егзит (Македонија).

Контрапункт - асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Македонија, Фондација отворено општество – Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 - 2020.

Логистички партнери на фестивалот се: НУ Музеј на современа уметност – Скопје, Младински културен центар и порталот окно.мк Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа од Загреб и kuda.org од Нови Сад.

 Фотографии: Лени вон Гелева