Домаќинствата се виновни за 90 отсто од вкупните емисии на ПМ честички

26.11.2018 01:38
Домаќинствата се виновни за 90 отсто од вкупните емисии на ПМ честички

Загревањето на домаќинствата придонесува со најголема количина на ПМ емисии односно дури 90 отсто доаѓаат од овој сектор, а само 10 отсто доаѓаат од транспортот. Кај емисиите на нитроген оксид (NOx) главен виновник е транспортниот сектор кој учествува со 60 отсто од емисиите. Ова го покажуваат студиите на истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ кој ги презентираше Александар Дединец на дебатата што се одржа на 20 ноември во Град Скопје.

„Најбрза мерка која што може да се реализира во однос на загревањето е приклучувањето кон топлификацискиот систем за греење. Потоа субвенции за промена на начинот на греење односно замена на начинот со печки на пелети и топлотни пумпи односно инвертори. Изолација на домовите е мерка која што ја препорачуваме и може да ги намали потребите за греење а со тоа ќе го намали и локалното затоплување. Во поглед на транспортниот сектор има лепеза на мерки, најголемиот дел се однесуваат на промена на начинот на оданочувањето на возилата и воведување нова методологија која што ќе се базира на ЦО2 емисии, односно колку едно возило повеќе емитира толку повеќе ќе плаќа при увоз во државата и при регистрација. Конкретно за Град Скопје предвидуваме електрификација на Градот до 2025 година“, вели Дединец.

Во однос на загадувањето предизвикано од големите индустриски капацитети, Дединец вели дека во следниот период ќе изработат посебна студија и ќе ги презентираат резултатите.

Според студиите на МАНУ, со примена на сите мерки во секторот загревање може да дојде до намалување на 93 отсто на ПМ емисиите, додека во транспортниот сектор би се намалиле за околу 20 отсто.

За загадувањето во Скопје, виновни сме сите, индивидуално и колективно и за тоа не може никој да биде амнестиран, вели Цветанка Икономова Мартиновска – раководител на секторот за заштита на животната средина во Град Скопје.

Таа потенцираше дека во буџетот за 2019 година на Град Скопје предвидени се 15 милиони денари за субвенционирање на граѓаните за набавување на печки на пелети.

Шефот на кабинетот на градоначалникот на Град Скопје, Никола Наумовски вели дека градската администрација во изминатата година преземала 25 мерки за намалување на загадувањето.

„Направивме обуки на 20 нови оџачари, за 30 отсто е зголемена бројката на подигнати возила од пајак службата, ослободени се четири километри тротоар за пешаците и велосипедистите, воведовме бесплатен јавен превоз во деновите со енормно загадување, во тек е постапката за набавување на 40 еколошки автобуси, субвенции има за велосипеди и електрични тротинети, редовно ги миеме улиците, воведовме систем за пријавување на огнови на отворено, дуплирани се казни од инспекторите, поставен е филтер на Дрисла и воведовме бесплатна автобуска линија за Водно“, рече Наумовски.

Извор: МЕТА

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото