Климатските промени и енергетиката на Балканот

26.11.2018 02:07
Климатските промени и енергетиката на Балканот

Релацијата помеѓу загревањето на планетата и негативните ефекти од климатските промени веќе одамна се научно верификувани факти. Транзицијата од фосилни горива на обновливи извори (ОИЕ) енергија се наметнува како апсолутна нужност во запирање на процесот на загревање на планетата. Каменот на сопнување и главната причина за недоволно вложување во обновливите извори на енергија досега секогаш беа поголеми трошоци при производството на енергија во однос на фосилните извори. Меѓутоа, новиот извештај на Меѓународната агенција за обновливи извори на енергија (ИРЕНА) најавуваат дека до 2020 година нештата радикално ќе се променат во однос на тоа прашање.

Извештајот предвидува дека трошоците за обновливите извори на енергија во најмала рака ќе се изедначат со фосилните горива или дури ќе бидат и помали. Според податоците на Меѓународната агенција за обновливи извори на енергија, трошокот за електрична енергија добиена од фосилните горива денес изнесува 0,05-0,17 долари за киловат час во земјите на Г20. До 2020 година тој би требало да изнесува 0,03-0,10 долари за киловат час, првенствено во секторот за соларна енергија и енергијата добиена од ветер. Ако тоа се случи навистина, апологетите на фосилните горива нема да имаат никакво оправдување за изборот на фосилни горива. Секако, ако притоа не ги земеме предвид интересите на индустријата за фосилни горива и дејствувањето на нивните лоби групи кои сигурно ќе се трудат да го забават процесот на енергетска транзиција и пренасочувањето кон обновливите извори на енергија како главен начин за производство на енергија.

Загуби заради неефикасност

Повеќето земји од Западен Балкан се увознички на елетрична енергија зашто нивните сопствени капацитети не ги исполнуваат домашните потреби. Голем дел од увозот е последица на високиот процент во системот за дистрибуција на енергија. Косово и Албанија се на врвот со вкупно 32 проценти загуба на електрична енерија, зад нив е Црна Гора со 18 проценти и Македонија со 15 проценти, ги следат Србија со 14 проценти и Босна и Херцеговина со 10 проценти загуба. Вкупната количина енергија која се губи во системот изнесува околу 10,12 гигават часови, што е двојно повеќе од очекуваното количество енергија од сите нови термоелектрани кои се планирани да се изградат.

Во смисла на енергетската ефикасност, земјите од Западен Балкан во просек трошат околу трипати повеќе енергија од државите од ЕУ заради застарената енергетска инфраструктура и енергетски неефикасната структура на индустријата и домаќинствата. Енергетските стратегии на балканските држави не го сфаќаат сериозно проблемот се расфрлање на енергијата, во рамки на самата дистрибуција или во рамки на инфраструктурата на индустријата и домаќинствата. Санирањето на инфраструктурните дупки во системот би можело значително да придонесе за рационална употреба на енергијата и заштедите во енергетскиот сектор. Но, се чини дека енергетските експерти во владите не им посветуваат толкаво внимание на наведените проблеми. Наместо елегантни и евтини решенија, се наметнува експанзијата на валкани технологии.

Она што зачудува во целата приказна е впрочем сосема контрадикторната стратегија за енергетски развој. Додека развиените напредни земји кои традиционално ни се примери полека „излегуваат“ од употребата на фосилни горива, се чини дека земјите од Балканот го прават токму спротивното. Ставката која фундаментално ја менува смисленоста и оправданоста од вложување во фосилна енергија се трошоците од емисијата на јаглероден диоксид. Сите трендови покажуваат дека трошоците од емисијата ќе растат од година во година и тоа со рапидна брзина. Моменталната цена на еден тон јаглероден диоксид на европскиот пазар изнесува околу 20 евра. Само од минатата година, цената на емисијата порасна за дури 176 проценти. Според препораките на научниците, рамковната цена која треба да се постигне за да се заузда загревањето на планетата до дозволените 1,5 степени, изнесува 40-80 долари по тон. Значи, се очекува понатамошен раст на цената на емисијата.

Балканот „заклучен“ во јаглен

Планираните термоелектрани во шест земји од Западен Балкан, според проценките од студиите за оправданост, би требало да емитуваат околу 23.867.292 тони јаглероден диоксид на годишно ниво. Ако ја земеме сегашната цена од 20 евра за еден тон, трошоците за плаќање на емисијата за планираните термоелектрани ќе изнесуваат малку помалку од половина милијарда евра на годишно ниво. Значи, судејќи според трендовите за раст на цената на емисијата на јаглерод диоксид, може многу лесно да се насети дека планираните електрани во блиска иднина со себе ќе донесат поголем трошок отколку корист.

Од друга страна, извештајот на Меѓународната агенција за обновливи извори на енергија во Југоисточна Европа покажува дека регионот има капацитет од 723 гигават часови во обновливи извори, од кои 532 гигавати отпаѓаат на енергијата од ветер и 120 гигавати на соларна енергија, односно, дека постои повеќе од доволен потенцијал обновливите извори на енергија да ја задоволат целокупната енергетска побарувачка на државите од Југоисточна Европа. Анализите на Светскиот економски форум уште сега покажуваат дека, на пример, соларната енергија е двојно поевтина од јагленот. Во однос на работните места, секторот за обновливи извори на енергија веќе создава повеќе работни места од секторот на јаглен и гас.

Накратко, податоците укажуваат дека обновливите извори на енергија се поисплатливо и порационално вложување од фосилните горива во сите темелни енергетски, економски и еколошки аспекти. Но, наместо таков енергетски пресврт, жителите на балканските земји многу веројатно ги чека процес на таканаречено „јаглеродно заклучување“, термин кој се однесува на понатамошниот развој на инфраструктурата која се потпира на користење фосилни горива. Резултатите од таквите стратегии во иднина со себе носат поскапа електрична енергија и загрозено здравје на луѓето и околината.

Според бројни анализи, подрачјето на Западен Балкан е многу изложено на климатски промени. Проценките велат дека само на подрачјето на Србија досегашната штета заради климатските промени изнесувала околу 5 милијарди евра во периодот од 2000-2014. Не можат да се вршат посериозни проценки на штетите заради климатските промени без адекватен мониторинг кој би помогнал во донесувањето мерки за борба против климатските промени. Владите на земјите од Западен Балкан сè уште не го перципираат влијанието на глобалното затоплување како проблем кој бара сериозно согледување. Во склад со тоа, не постои сет од мерки кој е донесен за борба против климатските промени, иако реалноста покажува дека тоа е нужно.

Што сè е на коцка?

Резултатите од студијата за климетските промени на подрачјето на Западен Балкан укажуваат дека температурата расте побрзо од глобалниот просек. Последиците од тоа се зголемена фреквенција и траење на топлинските удари кои ќе резултираат со почести суши и пожари. Големи штети ќе доживее земјоделското производство во вид на намалување на приносот и опаѓање на квалитетот. Се зголемува ризикот од доцни пролетни мразови. Исто така ќе се променат периодите за одгледување разни култури заради зголемувањето на просечната температура. Од друга страна, загрозени се водените ресурси и нивните природни режими на регулација. Исчезнувањето на снежните покривки во планинските подрачја, намалувањето на регенерацијата на подземните води и хидролошкиот волумен на протокот на реките ќе резултира со проблеми во снабдувањето и намалување на квалитетот на водата, особено во летните периоди.

Покрај сето тоа, се зголемува ризикот од поплави заради осцилации во количината дождови и зачестени налети на бури. Заради почестите и подолги периоди на топлотни удари се зголемува нивото на смртноста и појава на нови болести. Според некои проценки, вкупните здравствени трошоци кои се предизвикани од загадувањето на воздухот од термоелектраните во пет земји од Западен Балкан на годишно ниво изнесуваат до 8,5 милијарди евра. Термоелектраните во регионот емитуваат 13 пати повеќе сулфур диоксид и 30 пати повеќе честички кои се докажани причинители на срцеви и респираторни заболувања. Важна ставка при креирањето на енергетските стратегии би морало да бидат екстерните трошоци кои со себе ги носи одреден проект. Сепак, се чини дека здравствените трошоци кои произлегуваат од загадувањето на воздухот од термоелектраните поминуваат под радарот на дежурните носители на одлуки.

Иако сите овие нешта можеби звучат како некое апокалиптично сценарио, токму тоа полека и се одигрува во реалноста. Секако, треба време одредена количина јаглерод диоксид да се доживее како соодветна количина на затоплувањето, но затоплувањето и пред тоа остава белег во екосистемот. Глобалното затоплување и климатските промени имаат специфичен начин на манифестација во времето, односно ефектите од климатските промени се манифестираат на долг период што ја отежнува нивната непосредна перцепција. Освен тоа, последиците од емисијата на јаглеродниот диоксид се кумулативни. Вкупната акумулација е она што ја покачува температурата и колку повеќе е емитувано, толку помала е можноста да се ограничи моменталниот раст на температурата. Колку подолго се турка по старо, толку е потешко да се оттргнеме од тоа. Методот за туркање под килим кој често се практикува во регионот, нема да функционира во случајот на климатските промени. Ефектите од климатските промени веќе станаа „опиплива“ реалност. Времето за промена е сè помало, а влоговите се сè поголеми.

Извор: http://www.bilten.org

 

ОкоБоли главаВицФото