Насловната страница на Америка

30.09.2010 13:04
Насловната страница на Америка

Кога пред некој ден го расчистував својот подрум, наидов на New York Times од 13 април 1990 г. Насловите зборуваа за тоа дека источните Германци се извинуваат за нацистичките злосторства, за оправдувањата кои Американците ги бараат за своето неизлегување на изборите, за тоа како на претседателот Буш постариот му е дијагостицирана почетна фаза на глауком и за Пулицеровите награди кои беа објавени еден ден претходно. Во самиот весник може да се најде статија за незадоволството на советските воени кругови од претседателот Горбачов поради тоа што комунистичката партија се откажува од монополот врз власта, за преселувањето на дваесет ортодоксни еврејски семејства од Ерусалим во становите на христијанската четврт во Стариот град, што предизвикало протести на стотина христијански свештеници, па војниците кои ги обезбедувале доселениците ги растуриле со солзавец, за тоа како Британија запленила огромна лимена челична цевка која британскиот производител сакал да ја извезе во Ирак, бидејќи цариниците заклучиле дека таа може да се искористи за ракетен фрлач со досег од неколку стотици километри – иако извршниот директор на компанијата изјавил дека цевката би се распаднала ако некој се обиде да ја искористи како оружје. Сево ова звучи толку познато.

А кога погледот ми падна на колумната на Антонио Луиз под наслов „Време за промени“ на страницата со лични ставови, тешко ми беше да поверувам дека таа не е напишана минатата недела:

Американското општество денес се соочува со проблеми кои се подеднакво сериозни колку и оние од периодот по Големата депресија. Штедењето и инвестициите опаѓаат; се потпираме на странскиот капитал, а потоа беснееме кога тој капитал станува сопственик на американскиот имот, што е незамисливо. Инфраструктурата на нашите патишта, мостови и друугите јавни објекти се урива.

Нашето општество е лошо образовано, во свет во кој образованието сè повеќе е од пресудно значење. Америка е единствената развиена земја која нема национален систем на здравствено осигурување. 31 милион Американци немаат никаква здравствена заштита.

Огромен број припадници на најсиромашните слоеви претставуваат лоша репутација за Америка како праведно општество. Бездомниците се собираат по најотмените улици на нашите градови. На ѕидот на скапиот ресторан може да се види постер на кој пишува: „На сите им се потребни храна и засолниште“, а потоа следи список на местата каде може да се добие „бесплатен оброк или место за спиење“.

Кога се во прашање овие и слични проблеми, претседателот Буш не ни нуди никаква визија вредна за споменување. Неговиот лек за економијата се сведува на намалување на даноците на капиталната добивка, што во најдобар случај е небитно. Тој не нуди ништо битно кога се работи за болеста на корупцијата во нашето општество.

Ако се промени името на претседателот, бројката на здравствено неосигураните лица и неколку ситни детали, сето она за кое пишува Луиз сè уште е вистина, освен тоа што денес нашата земја е во многу полоша состојба отколку што беше пред дваесет години.

Неодамна читавме за деловите на земјата кои банкротирале, во кои се затвораат библиотеките, каде училиштата работат четири дена неделно, каде патиштата за чија обнова нема пари се прекопуваат и посипуваат со чакал и каде цели населби се во мрак, бидејќи не можат да го платат уличното осветлување. Кога ќе ги видите тие градови – со напуштени згради во центарот, со празни излози во кои до неодамна била изложена техничка стока, канцелариски материјал, облека и книги – тоа е застрашувачки. Изгледа дека цветаат само заложувалниците.

Минатото лето, во еден стар индустриски град во државата Њујорк, видов проститутки како одат по улиците за време на ручек и им ги нудат своите услуги на возачите на автомобили кои се на поминување. Ако го прашате месното население што се случило со нивниот град, ќе ви одговорат дека е затворена и последната од фабриките кои вработувале илјадници луѓе и дека тие работи сега се вршат некаде во странство. Кога е во прашање купувањето, гордо ќе ве упатат кон неколкуте трговски центри во градот, иако таму продавниците не се во сопственост на месното население, а работата која може да се најде во нив е малубројна и многу лошо платена.

А што се однесува до иднината, треба да се биде целосно неупатен во функционирањето на големиот капитал во земјава, па да се поверува дека во овие градови некогаш повторно ќе има пристојни услови. Предлогот кој на Денот на трудот го изнесе претседателот Обама, за инвестирањето на 50 милијарди долари во отворање нови работни места кои ќе го опфатат развојот на патната мрежа, железницата и аеродромот звучи како добар план, ама не верувам дека ќе дојде до негово остварување. Политичката класа, чија моментална амбиција е на американските работници некако да им ги одземе пензиите, осигурувањето во случај на невработенст и социјалното осигурување, во исто време убедувајќи ги дека бесмислените војни на кои досега се потрошени три илјади милијарди долари немаат никаква врска со нашите економски проблеми, секако нема да биде од помош.

Дел од одговорноста паѓа и на самите граѓани. Без никакво историско памтење, без какво и да е разбирање на она што им се прави, без протест прифаќајќи го сè поголемиот јаз во приходите и растот на сопствената сиромаштија, тие лесно стануваат плен на беспринципиелните опортунисти, кои ги следат своите лични интереси, а се кандидираат за места во нивните заедници. И иако им се кажува дека државата на сите нивоа е нивен непријател, бидејќи им наметнува даноци и ограничувања на граѓанските слободи, можеме да бидеме сигурни дека тие повторно ќе ги изберат истите преваранти и дека на изборите ќе гласаат против сопствениот економски интерес. Се надевам дека грешам, но читајќи ги повторно зборовите на Антонио Луиз, а притоа имајќи предвид дека нашиот политички систем е уште полош и покорумпиран денес отколку во времето кога тој ја пишувал својата колумна, ме обзема чувство на безнадежност.

Извор: The New York Review of Books Blogs

ОкоБоли главаВицФото