Секогаш ќе отстапам верно од каузата на Македонија. Никогаш нема да останам!

26.11.2018 13:20
Секогаш ќе отстапам верно од каузата на Македонија. Никогаш нема да останам!

 Во далечните и веќе заборавени деведесетти, новоформираните локални власти на градот Скопје (на првите избори за градоначалници, есента 1996) излегоа со најамбициозниот инфраструктурен проект што можеа да го замислат: проширувањето на улицата „Водњанска“ и нејзиното претворање во современа колекторска сообраќајница со два коловоза. Во тоа време „Водњанска“ беше калдрмисано џаде со коловоз неполни шест метри широк, со релјеф како во долината на Сома 1916 година и со несовладлива сообраќајна затка низ којашто требаа секојдневно да минат амбулантните возила, претседателската и премиерската колона, странските гости и уште илјади заболени, загрижени и задишани Скопјани. Проектот со филмска брзина го оствари моќното градежно претпријатие „Гранит“, а современиот булевар беше со зурли и тапани свечено пуштен во употреба по само една година.


Стапицата чека жртва

Во ритамот на тапаните, разбира се, никој не посвети внимание на еден детаљ: имено, дека улицата не е завршена и дека во никој случај не смееше да се пушти во употреба, затоа што една стара куќа остана да се издига од самиот коловоз, пресекувајќи го тротоарот така што сите пешаци мораат да се изложат на смрт одејќи по автомобилската површина на булеварот! Согласно со законот, градските власти мораа да го експроприраат објектот, да го обесштетат сопственикот, да го урнат старото здание и да ја обезбедат законската, сообраќајно-техничката, градежната и безбедносната исправност на булеварот. Кој сè го прекрши законот, со пуштањето во употреба на незавршениот, небезбедниот и незаконскиот булевар? Нема кој не: општината, градот, владата, инспекцијата, полицијата, обвинителството, и, на крајот сите ние што молкум поминуваме покрај стапицата што трпеливо ја чека својата прва фатална жртва.

Како реагираше македонската вековна цивилизација во дводецениското „решавање“ на проблемот на смртоносната „Водњанска“? Како и за се друго: наместо да го разреши проблемот од неговиот корен – да го експроприра објектот и да го урне за да ја изгради сообраќајницата во полн профил – секоја власт проблемот го сметаше за наследен и импровизираше во маскирањето на неговите симптоми. Првин се ставија некакви бетонски жардиниери, кои требаше да го „обезбедат“ движењето на пешаците по автомобилската лента, за на крајот од импровизациите, градот – наместо да го реши проблемот – го нормираше и го нормализираше за век и веков: го исшпарта со бела хоризонтална сигнализација – „сè ѓоа по пропис“, и нареди среде коловозот столпчиња што се ставаат на тротоари! Како целата наша милениумска, безбели вечна цивилизација да е креирана во Летечкиот циркус на Монти Пајтон! Наместо да ги решаваме проблемите, ние ги нормализираме и ги претвораме во баналност, во нешто наследено, непоправливо и беспредметно, во нешто што тивко почнува да го сочинува нашиот идентитет, нашата посебност и вселенска неповторливост. И, денес, згора на целиот зловестен циркус, градбата среде тротоар работи турбо, а наместо хамбургери, гледам, конечно се сместил вистинскиот бизнис: погребно претпријатие, со излог среде сообраќајниот профил на булеварот! Ниту Џон Клиз и другарите не можеа да го смислат тоа подобро!

Но, приказната за зградата среде модерниот булевар, е приказна за нашата потполно нарушена политичка, правна, општествена, културна и граѓанска свест. На ниту едно рамниште од оваа древна Фаланга на кретени не вирее свеста дека нема наследени проблеми, туку има проблеми што мораат да бидат разрешени и за кои е потребна одговорност, решителност и компетентност тие да се решаваат! Како никој да не сака да разбере, во оваа „вековна“ државна творба, дека проблемот на „Водњанска“ е одговорност на секоја власт, и дека сообраќајната полиција би морало да ја држи трајно затворена улицата, а зградата среде улицата би морало чим поскоро да биде експроприрана и урната, што значи дека целата држава оманува, сите 20 години и секој секунд од „нормалното“ незаконско функционирање на булеварот.

Со причините, не со последиците

Всушност, таа гротескна импровизација што ја чека својата прва фатална жртва, е вистинската слика за нашата „правна држава“, нејзините перформанси, капацитети и перверзни нормалности!

А, кога ќе падне првата фатална жртва од импровизацијата со столпчињата среде коловоз (досега се кршени и виткани металните столпчиња безброј пати, а „правната држава“ уредно ги исправа и менува), е, тогаш ќе врисне македонската јавност и ќе бара длабинска анализа кои странски разузнавачки служби учествувале во злосторот, која е рутата на бегалецот и колку, по ѓаволите, уште има непријавени Кинези на светот?!? Да, почитувани читатели, приказната за Летачкиот циркус на Монти Пајтон на улица „Водњанска“ е приказна за Вечната Македоња и бегството на Груевски од земјата. И, повторно и упорно, нашето внимание е насочено кон бизарните детали од неговото бекство, како и кон последиците што тој херојски акт ќе ги предизвика.

А, во некоја друга и посериозна стварност би требало да е сосем обратно: не да се занимаваме со последиците од состојбите што малоумно сме ги „нормализирале“, туку со нивните причини; не со земјите низ коишто минал, туку со земјата што ја напуштил! Не со способноста на оние што го овозможиле бегството, туку со нашата неспособност да ја смениме состојбата на свест, спомениците на злото и административната декапацитираност што Груевски ни ги остави зад себе, а ние ги негуваме како културно наследство!

Извор: Слободен печат

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото