Бернардо Бертолучи (1941 - 2018)

27.11.2018 11:01
Бернардо Бертолучи (1941 - 2018)

На 77 години, во својот дом во Рим, почина славниот режисер Бернардо Бертолучи кој ги режираше легендарните филмови „Последниот танго во Париз“ со Марлон Брандо и со Марија Шнајдер и на оскаровецот „Последниот император“ од 1987 година.

Славниот режисер, кој паралелно работеше и во Европа и во Холивуд, со својот висок филмски стил инспирираше генерации филмаџии ширум светот.

Последниот гранде маестро, како што го нарекуваат Италијанците, е роден во Парма на 16 март 1941 година. На почетокот на своето школување тој студирал на факултетот за модерна литература во Рим, а потоа ги напушта студиите за сметка на киното, станувајќи асистент на својот близок пријател Пјер Паоло Пазолини, правејќи ги воедно и првите чекори во седмата уметност - филмот. Благодарение на Пазолини, како и на интересот од страна на продуцентот Дел Лука, Бертолучи првпат работи како асистент на првиот филм од фријулијанскиот регион, Акатоне [1961], кога воедно ја сретнува и неговата идна сопатничка, актерката Адријана Асти.

Следната 1962 година со Тонино Черви како продуцент и Пазолини како сценарист го реализира првиот долгометражен филм „Мрачниот убиец“. Брзо се одделува од светот и поетиката на Пазолини за да ја следи својата индивидуална идеја за киното базирана на личности кои се наоѓаат пред нагли промени во нивниот свет. Tаквата тематика е практично присутна во сите дела на Бертолучи.

Неговото име посебно е одбележано во 1972 со скандалот за филмот „Последно танго во Париз“. Во 80-тите години патува во странство, при што неговите остварувања (филмови и дела) се здобиваат со извонредна гледаност. Во 1987 го режира меѓународно познатиот филм „Последниот император“, кој е награден со повеќе „Оскари“, меѓу кои и за најдобар филм и за режија. Во 1990 патува во Мароко за филмот „Чај во пустината“, додека во 1993 работи на проектот за „Малиот Буда“ со Киану Ривс. Во 1996 година го снима „Украдена убавина“, а во 2003 година, „Сонувачи“.

Во 2007 година доби Златен лав за животно дело во Венеција, а во 2011 година, Златна палма на канскиот филмски фестивал.

Последен филм на Бертолучи е „Јас и ти“ од 2012 година.

Извор: PBS