Сказна

27.11.2018 13:15
Сказна

превод: Павел Попов (1964-2018)

‒ Еве ‒ рекол Вања ставајќи ја тетратката на маса ‒ да напишеме приказна.
‒ Важи ‒ рекла Леночка седнувајќи на столот.
Вања земал молив и напишал:
“Бил еднаш еден крал...”
Тогаш се замислил и се загледал во плафонот, а Леночка ѕирнала во тетратката и прочитала што напишал Вања.
‒ Таква приказна е напишана ‒ рекла Леночка.
‒ Од каде знаеше? ‒ ја запрашал Вања.
‒ Прочитав ‒ рекла Леночка.
‒ А за што станува збор? запрашал Вања.
‒ Па, за тоа како кралот пиел чај, јадел јаболки и се задавил, а кралицата почнала да го удира по грбот за парченцето јаболко да му испадне од грлото. А кралот помислил дека кралицата се избезобразила и ја удрил со чаша по глава. Тогаш кралицата се налутила и го удрила кралот со чинија. А кралот ја удрил кралицата со тањир. А кралицата го удрила кралот со столче. А кралот скокнал и ја удрил кралицата со маса. А кралицата го турнала креденецот врз кралот. Но кралот се извлекол од под креденецот и врз кралицата ја фрлил круната. Тогаш кралицата го грабнала кралот за коса и го исфрлила низ прозорчето. Но кралот се вратил во собата низ другиот прозорец, ја грабнал кралицата и ја пикнал во печка. Но кралицата низ оџак излегла на покрив, потоа по громобран се спуштила во двор и низ прозорецот се вратила во собата. А кралот за тоа време ја ложел печката за да ја запали кралицата. Кралицата скришум се довлечкала одзади и го бутнала кралот. Кралот паднал во печката и изгорел. Ете, тоа е целата приказна ‒ рекла Леночка.
‒ Многу глупава приказна ‒ рекол Вања. ‒ Јас сакав да напишам поинаква.
‒ Па напиши ‒ рекла Леночка.
Вања земал молив и напишал: “Бил еднаш еден разбојник...”
‒ Чекај! викнала Леночка. ‒ Таква приказна е напишана!
‒ Не знаев ‒ рекол Вања.
‒ Па ‒ рекла Леночка ‒ зарем не знаеш дека еден разбојник, спасувајќи се од стражарите, скокнал на коњ со таква силина што се превртел на другата страна и паднал на земја? Разбојникот опцул и повторно скокнал на коњот, но повторно не го одмерил скокот, се превртел на другата страна и паднал на земја. Тогаш се подигнал, се заканил со тупаница, скокнал на коњот, повторно го прескокнал и полетал на земја. Тогаш извлекол пиштол од појасот, пукнал во воздух и повторно скокнал на коњот, но со таква силина што повторно го прескокнал и треснал на земја. Разбојникот ја симнал капата, ја изгазил и повторно скокнал на коњот, и повторно го прескокнал, треснал на земја и ја скршил ногата. А коњот се оддалечил на страна. Разбојникот куцајќи дотрчал до него и го удрил со тупаницата по чело. Коњот избегал. Притоа дотрчале стражарите, го грабнале разбојникот и го одвеле во затвор.
‒ Па, нема да пишувам за разбојник ‒ рекол Вања.
‒ А за кого ќе пишуваш? ‒ прашала Леночка.
‒ Ќе пишувам за ковачот ‒ рекол Вања.
Вања напишал: ‒ “Бил еднаш еден ковач...”
‒ Таква приказна веќе е напишана! ‒ викнала Леночка.
‒ Навистина? ‒ запрашал Вања и го спуштил моливот.
‒ Секако ‒ рекла Леночка. Бил еднаш еден ковач и, ете, ковал тој еднаш потковица и така замавнал со чеканот што овој се одвоил од држалката, излетал низ прозорецот, убил четири гулаби, удрил во пожарникарскиот дом, одлетал на страна, скршил прозорец од куќата на командантот на пожарникарската бригада, прелетал преку масата на која седеле командантот и неговата жена, го пробил ѕидот и излетал на улица. Тогаш бутнал бандера, го соборил од нозе продавачот на сладолед и го треснал Карл Иванович Шустерлинг по глава, кој на момент ја симнал капата за да го разлади тилот. Удирајќи го Карл Иванович Шустерлинг по глава, чеканот полетал назад, пак го соборил од нозе продавачот на сладолед и го треснал Карл Иванович Шустерлинг по глава, кој на момент ја симнал капата за да го разлади тилот. Удирајќи го Карл Иванович Шустерлинг по глава, чеканот полетал назад, пак го соборил продавачот на сладолед, кутнал од покривот два мачори кои гласно мјаукале, превртел крава, убил четири врапци, повторно влетал во ковачницата и се набил на држалката која ковачот уште ја држел во десната рака. Сè се случило толку брзо што ковачот ништо не забележал и продолжил да ја кова потковицата.
‒ Па, бидејќи веќе е напишана приказна за ковачот, јас ќе напишам приказна за самиот себе ‒ рекол Вања и напишал:
“Било еднаш едно момче кое се викало Вања...”
‒ И за Вања е напишана приказна ‒ рекла Леночка. ‒ Било еднаш едно момче кое се викало Вања. Еднаш тој дошол...
‒ Чекај ‒ рекол Вања ‒ јас сакав да напишам приказна за себе.
‒ И за тебе е напишана приказна ‒ рекла Леночка.
‒ Невозможно! ‒ викнал Вања.
‒ А јас ти велам дека е напишана ‒ рекла Леночка.
‒ Па кога е напишана? ‒ се зачудил Вања.
‒ Ете, купи ја книгата Бајка од Д. Хармс и ќе ја најдеш ‒ рекла Леночка.
Вања ја купил книгата и ја прочитал приказната која штотуку ја прочитавте.

Извор: Даниил Хармс - Случаи (Темплум, 2003)
Слики: Federico Hurtado