Сто години право на жените на глас: Борбата ни оддалеку не е завршена

28.11.2018 00:42
Сто години право на жените на глас: Борбата ни оддалеку не е завршена

Мажите се премногу емотивни за да гласаат, напиша американската писателка и активист за женски права Алис Дјур Милер во 1915 година во нејзината книга „Дали жените се луѓе?“. „Тоа го покажува нивниот однос за време на безбол-натпреварите и политичките преговори. И нивната вродена тенденција за употреба на насилство ги прави неподобни за исполнување на владините задачи."

Авторката во својот есеј набројува уште аргументи зошто на мажите треба да им се скрати правото на глас. Тоа беше ироничниот одговор на Милер на подеднакво апсурдните, но во тоа време сериозно изнесуваните аргументи против гласачкото право за жените. Протест против дискриминацијата на жените во светот, кој стануваше сѐ се погласен по Првата светска војна.

Долга борба на жените за рамноправност

Олимпија де Гуж беше француска писателка, поборник за женски права, драмска писателка и една од пионерите во борбата за рамноправност. Во 1791 година, во време во кое во Франција поради француската револуција се чинеше дека сѐ е возможно, таа ја напиша „Декларација за правата на жената и граѓанката.“ Две години подоцна таа беше уапсена и однесена на гилотина поради нејзините барања и визии. „Имаше визионерки кои многу рано почнаа да укажуваат на потребата од рамноправност на жените и да бараат тоа да се спроведе. Олимпија де Гуж беше една од нив. Но, женското движење како политичко движење се разви дури во средината на 19 век“, објаснува историчарката Ана Катарина Манголд.

Појдовна точка не беше само правото на глас, туку стануваше збор и за основни права кои беа исклучоци од законските права, бидејќи жените тогаш не беа сметани за правни субјекти. Еден пример за тоа е таканареченото полово старателство: жените не се сметале за деловно способни, туку морале да бидат застапувани од некој маж. На почеток од нивниот татко, а потоа од сопругот, или оние што не биле мажени од некој роднина.“

Жените во Германија не сакаа веќе да го трпат тоа. Пред Првата светска војна женското движење по првите успеси изгледаше оптимистичко. Но, по избивањето на војната остана во позадина и дури по нејзиното завршување повторно се засили, и стана многу погласно од кога било дотогаш. „Има една распространета теза дека жените во војната биле толку активни и им помагале на мажите во воената администрација, како и тоа дека биле рамо до рамо со мажите вклучени во индустријата, особено тешката индустрија, така што веќе било тешко да се поткрепува ставот зошто треба да бидат исклучени од процесот на гласање и да им се ускратува правото на глас“, појаснува Манголд. Борците за гласачко право на жените кратко пред крајот на војната беа пред остварување на својата долгоочекувана цел.

Демонстрации со барање за право на глас (архива, Берлин 12 мај 1912 година)

Воведување на гласачко право за жените во Германија

Во своето Велигденско обраќање во 1917 година, германскиот крал Вилхелм Втори ги претстави своите демократски реформи, меѓу кои и оние за правото на глас. Но не кажа ниту збор за правото на глас на жените. Тоа ги разочара активистките и тие се вратија на линијата на фронтот. Двете крила на женското движење - граѓанското и социјалдемократското - јасно агитираа преку заеднички акции, петиции и собири со што вршеа притисок врз поредокот во кој доминираа мажите. Сѐ додека на 12 ноември 1918 година не беше созадена правната основа за право на глас на жената. Во повикот на Советот на народни преставници се вели: „Сите избори за јавни тела мора да се спроведуваат според еднакво, тајно, директно, универзално право на глас, врз основа на пропорционалниот изборен систем за сите мажи и жени кои имаат најмалку 20 години.“ Пресвртница за женското движење.

Ова не беше пионерско достигнување, бидејќи некои скандинавски земји неколку години претходно веќе го воведоа правото на глас за жените, но сепак: „Имаше земји кои го воведоа ова право многу подоцна. Морам да посочам дека една од најстарите демократски земји - Швајцарија, која се зема како земја пример за основите на демократијата во Европа, дури во 1971 година го воведе правото на глас за жената на државно ниво, а во кантоните, како на пример во Апенцел Инероден дури во 1991 година“, вели Ана Катарина Манголд.

Законот од 1918 година беше пресвртница во борбата на жените за рамноправност, но текстот на членот 109, став 2 од Вајмарскиот устав остава простор за различно толкување: Мажите и жените во основа имаат исти граѓански права и обврски. „Тогаш може да се мисли: Аха, ако тие имаат исти основни граѓански права и обврски, тоа значи дека се рамноправни. Но далеку од тоа. Бидејќи правно гледано 'во основа' значи дека има исклучоци, а овие исклучоци се толкуваат многу опширно“ , објаснува Манголд.

Жени и мажи пред избирачко место во Берлин (архива, 19 јануари 1919 година)

Целосна рамноправност - де јуре

Во 1949 година членот од Уставот бешеизменет. Член 3 став 2 од Уставот утврдува дека мажите и жените се рамноправни. Во првата половина од 1990-те ставот беше надополнет со реченицата дека државата ја поттикнува фактичката реализација на рамноправноста на мажите жените и дека дејствува во правец на отстранување на постоечки нерамноправности. „Втората реченица покажува дека не е доволно да се имаат формално истите права, туку дека мора и фактички да бидат реализирани. А, тоа е фазата во која сега се наоаѓаме“, вели Манголд.

Иако еднаквоста на сите луѓе е дефинирана во Уставот, сепак во времиња на кампањи како #MeToo или забраната за информации за абортус се гледа јасно дека жените во општеството ја немаат истата положба како мажите. „Доволно е да погледнеме како се одвиваат судските процеси за силувања. Правото е конзервативна наука, која и натаму претежно ја работат мажи кои стравуваат дека нешто ќе загубат. Тоа значи дека основни човекови права како правото на телесен интегритет, кои државата мора ефективно да ги штити, се ставени под прашање.“

Книга за силни жени

5 земји, 50 жени, 125 страници: по повод јубилејот на правото на жените на глас во една новоиздадена книга се портретирани извонредни жени кои и покрај општествениот отпор се бореле за својот идеал за рамноправност. Тоа ни покажува дека борбата на жените за рамноправност е глобална и се води во повеќе земји истовремено.

„Ако патувате во разни градови ќе видите дека повеќето споменици се на мажи, или пак улиците се именувани според мажи. Со нашата книга сакавме да ѝ дадеме публицитет на силата на жените. Најдовме многу жени, но на крајот моравме да се концентрираме на потесен избор“, вели Сабине Гелер, една од издавачите. Книгата „Danube Women Stories“ портретира жени од Германија, Австрија, Унгарија, Романија и Србија ѝ оддава признание за нивните достигнувања во различни сфери на општествениот живот. Книгата е издадена на германски и англиски јазик од издавачката куќа Данјуб.

Таа сосема се вклопува во духот на времето, бидејќи и по 100 години откако на жените им беше дозволено активно да учествуваат во политичкиот живот, нивната борба за општествена рамноправност ни од далеку не е завршена.

 Извор: DW

ОкоБоли главаВицФото