„Електролит“, нелегитимното копиле на мојата љубов кон панкот и кибер-панкот

29.11.2018 01:40
„Електролит“, нелегитимното копиле на мојата љубов кон панкот и кибер-панкот

„Електролит“ e првиот електронски конкурс за литература во Македонија. Во овој текст ќе ја разгледаме неговата историја и ќе дознаете зошто тој е копиле. Но, зошто денес, сега после 12 години зборуваме за Електролит? Причината е што решив самостојно да ја поставам неговата архива на нет, за да ги потсетам сите оние кои објавувале на него, но и сите оние кои денес не знаат за неговото постоење, дека еднаш одамна, во оваа чудна и изместена земја, постоела таква појава која пркосела на правилата и очекувањата и можеби ќе ги инспирира на големи нешта. Линкот до самата архива е на крајот од текстот*.

Но, како започна приказната за овој чуден феномен? Електролит не започна во 2006 година кога едно студено и магловито јануарско утро влегов во канцелариите на Културниот Центар Точка (воедно и на Темплум и Контрапункт) и му кажав на Коља (Никола Гелевски), „Имам една идеја...“ и потоа го вклучив компјутерот и од ЦД го стартував Електролит во истата форма во која се појави онлајн неколку дена подоцна.

Не, Електролит всушност започна многу порано. Беше 1992 година и бев прва година средно, а единственото нешто што ме интересираше тогаш беше да дојде сабота и да свириме со Кечо, другар од основно. Додека тој рокаше на единствениот добош и чинела закачени на лустерот од мојата дневна соба, јас мавав рифови на позајмената електрична црно-зелена гитара марка „Јолана“. Се снимавме на касетофонче и имавме неколку демо снимки со лош квалитет, чинелата пиштеше ко тенџере, шумовите беа појаки од рифовите, а песните пократки од една минута, но тоа беше и поентата - да биде направи-сам, диво и брзо, во духот на хардкор-панк музиката која ја слушавме и ја свиревме. Но, каква врска има панкот со нашата приказна за Електролит?

Панкот за мене лично значеше една голема идеја - дека секој може да направи што сака и дека не треба да бара дозвола од никого за тоа, не му треба образование, институција или „грб“ за да ги оствари своите потенцијали. Панкот за мене не беше само музика, и иако надворешно никогаш не сум терал панкерска мода, сепак го живеев панкот!

Во раните деведесетти се појавија и изданијата на Темплум кои почиваа на сличните анархистички принципи, од времето кога Коља со брат му Бане ги правел неговите самиздати печатени на фотокопир, книгички и изданија кои и ден-денес се револуционерни и единствени во нашава државичка. Тогаш се појави и Маргина. Моето прво среќавање со ова списание во просториите на Табернакул во раните 90-ти е документирано од страна на Берт Стајн и кон тоа нема да се навраќам, но ќе споменам само дека ова списание имаше психоделично влијание врз мојата свест. Таму прв пат слушнав за поимите „хиперлитература“ и „кибер-панк“, група млади дечки и девојки кои веруваа дека интернетот ќе го смени светот, дека не се работи само за огромна библиотека, туку и простор каде што целосно ќе се оствари вградената потреба на информацијата „да биде слободна“. Таа реченица остана длабоко вградена во мојата потсвест и одигра значајна улога во следниот чекор.

Премотуваме нанапред и повторно се среќаваме со концептот на „бесно, брзо и кратко“ во моите куси раскази од првата книгичка „За секого по нешто, за некого ништо,“ (2003, Темплум), вработувањето во Точка во 2004 и моментот кога почнувам да праќам мои раскази на различни конкурси ширум поранешна Југославија. Следеше откритието дека во Македонија не постои ниту еден таков медиум кој би им овозможил на младите и сè уште неафирмирани писатели да најдат платформа за самопромоција и можност преку оваа платформа да успеат како писатели и да го работат тоа што го сакаат, наместо да бидат маргинализирани, несфатени и отфрлени. Тогаш решив, ако ваква платформа не постои, да ја создадам сам.

Точка беше токму тоа - место каде што можеше да дојдеш со идеја, да ја понудиш и таа магично да се оствари. Коља и целата екипа собрана околу Точка го нудеше токму тоа, промоција на младите уметници кои немаа шанса да се пробијат до тврдините на институциите. Тоа донекаде беше и идејата на Електролит. Електролит, како сајт, беше рудименитран и визуелно неразвиен, но го содржеше најбитното - текстуалната информација. Во процесот на работа, ми помогна мојот верен "ghost programmer" Владимир Карер, пријател од детството, кој секогаш несебично ги поддржувал моите необични и утопистички проекти иако знаел дека никогаш нема да има никаква лична корист од нив. Ние бевме, и се уште сме, одлично анархистичко дуо кое сака да го смени светот и прифаќа да реализира секаква идеја, само под два услови (да е предизвик - Владимир и да е утопистичка - јас). Откако го направив сајтот, го формулирав и воведниот текст, кој гласеше вака:

„Добродојдовте на нашиот Електролит конкурс. Од левата страна на вашиот екран се наоѓа мени со содржини кои се однесуваат на конкурсот којшто е во тек, а од десната е архивата на сите изминати конкурси.

Што ви нудиме? Објавување во списанието Маргина и објавување во двете годишни книги на Електролит (општата и жанровската). Но, запомнете дека сите ќе бидете објавени на нашиот сајт и дека не мора да го поминувате мачниот процес на барање издавач, молење, клечење, фаќање врски, спонзори... Овој конкурс е од некомерцијален / демократски карактер и се залага за ширење на пишаниот збор и давање можност на младите, неафирмираните и пред сè на тие кои немаат каде да ги објават своите трудови. Замислете го како некој вид заеднички блог/архива на вашите текстови.

Целта ни е да прераснеме во голема архива на текстови која ќе функционира како некој контра/паралелен/виртуелен и динамичен литературен простор и да лансираме млади и неафирмирани, но моќни писателски катапулти кон големиот челичен писателски Титаник, замрзнат и заспан некаде на некоја Антарктадемија и да го распарчиме!

Што бараме од вас? Да праќате текстови и да престанете да велите дека државата, власта, вонземјаните... ви се криви. Еве ви шанса!“

И тоа беше почетокот на Електролит. Го постиравме на сајтот на Темплум и Коља го прифати со двете раце, иако во жирито бевме повеќе луѓе, Коља ги студираше расказите сериозно, како да стануваше збор за врвна литература, иако имаше и многу младешка, недоработена проза, ги бираше најдобрите и ги пишуваше критиките. Потоа одвојуваше книги од библиотеката на Темплум и ги подаруваше на најдобрите, а на годишно ниво издаваше книги со најдобрите раскази од конкурсот. Без Коља овој конкурс немаше да постои, тоа е факт.

Но, што е со сите оние кои беа присутни и наградени на конкурсот Електролит? Од конкурсот произлегле една цела низа на млади автори кои подоцна се афирмирале како писатели, а Електролит им бил прво појавување во јавноста, како на пример: Ненад Јолдески (награда „Новите“ за 2009 и „Наградата за литература на Европска Унија“ 2016), Петар Андоновски (награда „Роман на годината“ на Утрински весник, 2015), Живко Грозданоски (финалист на конкурсот „Роман на годината“ на „Утрински весник“, 2014), Иван Шопов (награда „Новите“ за 2010), Марта Маркоска (награда Тодор Чаловски за поезија, есеистика, критика и креативни прозни форми, 2015 и други), Алекс Букарски (еден од првите блогери во Македонија), Ирена Цветковиќ (на Електролит присутна како Алена, прв автор на квир-литература во МК)... и други.

Електролит постоеше две години и ја исполни својата улога. Јас лично имав поголема визија за конкурсот - да стане еден голем проект во кој би се поврзале повеќе издавачки куќи, за поголема медиумска присутност, поголеми награди и поголема мотивација на членовите. Но, со зборовите на Коља, „не можеме да организираме еден саем заедно со другите издавачи, а не па ќе организираме заеднички конкурс,“ тоа не се оствари. Имав идеја Електролит да стане дел од една платформа за „унапредување на електронската литература, па и општо, за подобрување на квалитетот, перцепцијата и односот кон културата во сајбер просторот.“ (Ќе забележите дека во тоа време интернетот го нарекувавме „сајбер простор“:)


Дополнително, сметав дека Електролит, во неговата суштина децентрализиран систем, треба да се рашири како вирус во сајбер-просторот и да се трансформира во други електронски форми на постоење, како што агентот Смит прави клонови од себеси во филмот Матрикс. Тогаш напишав:

„Иднината на Електролит ја гледам во соработката со други издавачи од Скопје и Македонија. Нивната улога би била под наше водство да оформат свои конкурси и да разработат свој систем на наградување и функционирање. Целата работа може да се одвива на нашиот портал, кој би бил како некој вид “контролен децентрализиран центар” (молам?) или подобро речено “збиралиште” од каде се разгрануваат другите конкурси. Со тоа би се зголемила заинтересираноста кај корисниците, но што е уште поважно би се создала конкурентност. Мислам дека доколку се случи тоа, во перспектива, би дошло до огромен развој и популаризација на младата литература, нешто што Електролит досега го прави, но треба да биде уште помоќно и поголемо.“

Електролит не порасна, си остана мало недоформено детенце, копиле кое никој не го сакаше. Но, можеби така е и подобро, бидејќи панкот не треба да стане институција. На негово место, и повеќе од тоа, дојде порталот Окно и конкурсите за куси раскази, едицијата „Катапулт“, наградата „Новите“ и други конкурси кои се организираа таму. Времињата се сменија, но едно остана исто - недостаток од студиозна критика и признание на неформалните начини на креативно изразување. Тоа генерално е голем проблем во нашата држава, но со оглед на сите други проблеми се чини и логично. Сепак, не би требало тоа да го прифатиме како „дифолт“ и да не преземаме ништо во врска со проблемот. Отсекогаш стоев, и се уште стојам на ставот, ако сакаш нешто да направиш, направи го, не чекај од другите да го направат или да ти помогнат. Во денешно време, кога светот ги надрасна можностите на интернетот од раните 90-ти кога јас читав и се инспирирав од кибер-панкерите или на раните 2000-ти кога се појавуваа првите блогери и т.н. интернет 2.0, до денес, ми се чини дека можностите на социјалните медиуми се големи и тоа треба сите да го исползуваме. Но, каде се вклопува Електролит во целата таа приказна од денешна гледна точка?

Електролит беше една утопија, а колку таа се оствари во реалниот свет, проценете сами.


* Линкот до архивата на Електролит (2006-07)

 

 

ОкоБоли главаВицФото