Пауза: за ручек и ментално здравје

30.11.2018 01:19
Пауза: за ручек и ментално здравје

Шпанија и Италија се меѓу земјите со најдолга пауза за ручек. Традиционалната шпанска „сиеста“ како тричасовен одмор среде работниот ден е светски позната и навистина функционира. Италијанците го сметаат ручекот за најважен оброк и без проблем престануваат со работа помеѓу 13 и 15 часот за да уживаат во специјалитетите на домашната кујна во кругот на семејството.

Остатокот од модерниот свет сè уште не ги разбира бенефитите кои ги носи одморот од дневните работни барања и обврски. Анкетите покажуваат дека половина од вработените заради преголем обем на работа не можат себеси да си дозволат ни кратка пауза, додека една третина се жалат на притисок од страна на менаџерите да работат и за време на наводно платената пауза. Со премолчено или јасно предочено очекување дека секогаш ќе бидат достапни и случајно да не пропуштат информации од (животно) значење, многумина, во најдобар случај, ручаат на канцелариското биро.

Резултатите од анкетите се вознемирувачки зашто токму паузите за ручек се единствената можност за одмор и опуштање за време на навидум бескрајните работни часови. Барем и получасовно дистанцирање од преоптовареноста со работа значително го намалува стресот што ни го носи капиталистичкиот стил на живот. Сепак, најпопуларните паузи како подготвувањето кафе или излегувањето на воздух, воопшто не помагаат и само дополнително заморуваат. Значи, паузата за ручек е исклучително важна, никако банална, и важно е да се процени каков вид пауза е најкорисен за менталното здравје на вработените.

Користејќи ги анализите од дневниците кои ги пополнувале повеќе од 1 000 работници од различни германски компании и тоа трипати дневно во текот на две недели, психолозите од Универзитетот во Мајнхајм тестирале различни методи за закрепнување од работа преку мерење на две клучни димензии – заморот и вклученоста во работата. Резултатите покажале дека релаксацијата, поврзаноста со другите и слободата сами да одлучиме како ќе ја поминеме паузата за ручек, се поврзани со намален замор и поголема вклученост во работата за време на попладневните часови.

Под релаксација тука пред сè се мисли на физичко опуштање, како што е намалувањето на тензијата на мускулите од неудобното седење во текот на денот. Поврзаноста подразбира блискост со другите, што значи дека вработениот се чувствува како прифатен и вреднуван член на групата или заедницата со која ги споделува грижите и успесите. Во таа смисла, препорака е ручекот да се поминува со луѓе кои ни се драги и со кои се чувствуваме пријатно и опуштено.

Контролата што ја има вработениот над својата пауза за ручек е неговиот најважен аспект. Често слободата на одлучувањето за тоа каде и како да се воздивне и да се руча, постои само формално, додека неформално се наметнува поминувањето на времето исклучиво со тимот и на однапред предвиден начин. Меѓутоа, личните преференции и потреби треба да бидат над самите активности – односно, за да дојде до ментално освежување, не е важна активноста сама по себе туку и како таа се доживува. Некому повеќе одговара лесен ручек со колегите, некој друг повеќе би сакал да изеде чизбургер во самостојна прошетка. Потребно е да се следат сопствените потреби за да бидеме позадоволни и подобро подготвени за работата што следи, што значи дека ако си угодуваме себеси индиректно му угодуваме и на работодавачот.

Неочекуван резултат од ова истражување е дека психолошкото дистанцирање од работата за време на паузата не довело до закрепнување и намалување на заморот. Психолошкото дистанцирање како спротивност на руминацијата (преокупираност и постојано размислување), подразбира воздржување од какви било мисли поврзани со работата. Тоа е клучен аспект на закрепнувањето од стресот, но исклучиво надвор од работното место. Се покажало дека е тешко да се избегнат мислите за претстојните обврски и предизвици во работното окружување.

Истражувањето на Шарлот Фриц, професорка по организациска психологија на Универзитетот во Портланд, покажало дека мини-одморите од работа, како телефонските повици, проверувањето на социјалните мрежи, не само што не се поврзани со намалувањето на заморот туку и го зголемуваат. Значи, важно е и како ја поминуваме паузата но и колку трае таа. А за поставувањето на семејството, здравата исхрана и менталното здравје пред интересите на компанијата, многу можеме да научиме од Италијанците и Шпанците. Па дури и ако нивниот пример е само бајка или легенда која се прераскажува.

Извор: http://www.psihobrlog.com

ОкоБоли главаВицФото