Потеклото на непристојната понуда

30.11.2018 14:34
Потеклото на непристојната понуда

Две писма што сведочат за постоењето на историјата на истополовата желба, преземени од Summa dictaminis per magistrum Dominicanum hispanum, запис настанат кон крајот на XI или почетокот на XII век. Ракописот содржи широка палета од историски документи, вклучувајќи и писма што Темпларите му ги испраќале на Папата, а во кои се бранеле во времето кога биле прогонувани поради ерес и содомија, по што се практично истребени.

Двете писма што се наведени во овој текст се совршен пример за историјата на непристојните понуди, хомофобијата и упатството како тие да се одбијат. Покрај тоа, нудат увид и во тоа на кој сѐ начини хомосексуалните чувства се правдани со класичната митологија, а како христијанството влијаело тие да се направат непожелни.

Уште еден значаен момент е и толкувањето на терминот ludus – што изворно значи: игра, спорт, разиграност, а Џејмс Босвел тврди дека тој термин се користел како шифра меѓу мажите што сакале мажи, па може да се протолкува и како дел од првиот геј-сленг.

Слика: John Woodrow Kelley

Маж се обидува да заведе младич (околу 1200)

Јов уште одамна има издадено едикт во кој стои дека секое дејство што предизвикува задоволство е чесно и ослободува од гревот. И кога од полињата на Јунона отишол во прегратките на Ганимед, не го видел срамот во спортот што го играат младичите [in ludo pueri], зашто да го видел, не би се впуштил и самиот во такви дела. Тој нивни спорт, велат старите, се играл на отворено, и никој не се плашел дека разузданоста [ludi lascivia] ќе ја оштети опремата, и дека оваа ќе стане бескорисна по играта. Ама кога некој својот стап ќе го турне во вдлабнатината на лавиринтот, тој не го чувствува крајот, па се плаши дека во тој амбис ќе изгуби сѐ во што верувал. Па кога стапот од длабочината ќе излезе, овој сака да се отсече од него, да го заборави. Измачени од овој страв, многу мажи се тргнале од жените и се свртеле кон младичите за со нив да си поиграат [volupatis ludos in pueros]. Таа игра од зумбулот направила цвет и од момчето Ганимед пехарник создала (добил послушание да го носи винскиот пехар на Јов), а згодниот Кипрасиус го претворила во виток кипарис. Кога би сакал да зборувам за нивната чест, би почнал од нивните тела, а ти, бидејќи пред себе имаш толку големи авторитети, не би смеел да црвенееш, љубен, кога ќе ти појдам в прегратка и ќе посакам повторно да бидам млад покрај млад човек.

 

Одговорот на младичот

Природните закони, кои ги создале двата пола да се мешаат, згрозени се пред твојот предлог. Природата, која се радува над еластичните копја на младичите, не ги направила за продажба. Ужасен човеку, јас во тој грев, пред кој и самиот Бог се тресе, не би стапнувал, оти знам сѐ за Содома и Гомора. Покрај тоа, и падот на Орфеј е доволно предупредување, и јас го слушам. И поради тоа, потисни ја својата желба и не обидувај се да ме возбудиш за другите игри да ги напуштам заради твоите срамни [ludum infamie]. Зашто ако и натаму бидеш упорен, може да зажалиш кога на сите ќе им кажам за твоето срамно однесување. И чуј го мојот добронамерен совет: батали го тој порок или ќе завршиш како стар запрежен коњ што гние во сопствените гомна.

Слика: Gabriel Ferrier

Извор: Trans. Thomas Stehling, Medieval Latin Poems of Male Love and Friendship (New York and London: Garland Publishing, Inc., 1984).

Преземено од: www.xxzmagazin.com

Насловна слика: Peter Paul Rubens

Слични содржини

Квир / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото