Македонија; името, слободата и поредокот

01.12.2018 14:17
Македонија; името, слободата и поредокот

„Имаме токму доволно религија за да мразиме, но немаме доволно за да љубиме.”
Џонатан Свифт

Историските и тековни состојби во Република Македонија, особено по прашањето на името и сето она што произлегува од него - ме потсетуваат на три библиски приказни: за потопот, за вавилонската кула и за Даниил и неговите пријатели во Вавилон. Овие три приказни ќе бидат основата за содржината на статијата, додека насоката по која би можело да се дојде до праведен и заемно задоволителен исход ќе биде формирана врз теолошката размисла за идентитетот и помирувањето.

Приказната за потопот може да се нарече критика на човештвото во состојба на слобода без општествен поредок, додека приказната за вавилонската кула би била критика на човештвото во состојба на општествен поредок без слобода. Во првиот случај сме соочени со сурово владеење на посилниот без никакви квалификации. Срцето на таквите луѓе е насочено кон злоба и насилство. Во вториот случај сме соочени со поредок кој гарантира безбедност, при што жирантот во име на поредокот ја укинува личната и групната слобода. Балканот и Македонија во последните 150 години минуваат низ потопи и вавилонски кули. Токму затоа што решението се гледало било во комити, андарти, геги – слобода без општествен поредок - било во општествен поредок без слобода – угнетувачка монолитност без диверзитет. Во моментов притисокот врз Република Македонија, а посебно врз македонскиот етникум, е да прифати преименување заради еден општествен поредок кој гарантира безбедност. Но дали ваквата едностраност на формалниот општествен поредок без слобода ја гарантира хармонијата што ја ветува?

Џонатан Сакс, познатиот рабин од Лондон, дава уверливо толкување на библиската приказна за вавилонската кула кое се разликува од вообичаеното разбирање дека луѓето најпрвин имале еден јазик. Напротив, тој посочува на претходно опишаниот период кој хронолошки доаѓа пред градењето на вавилонската кула. Во тој период се опишува генеалогијата на нациите со нивните одделни јазици. Според Сакс, „еден јазик” не значи природен обединувачки феномен на човештвото, туку наметнато средство на империјална сила за угнетување и контрола над народот. Асирското царство е посебно поврзано со практиката на раселувањето народи, за да им ја поништи дистинктивноста и на културата и на јазикот, со асимилацијата како конечна цел. На пример, Асурбанипал водел политика на принудно користење на само еден јазик, додека Саргон II изјавува: „Народите од четирите страни на светот со чудни јазици... кои јас ги освоив како плен... ги присилив да прифатат еден глас (јазик).” Според Џонатан Сакс, Библијата се противи и на насилното безредие, но и на присилниот ред кој го гуши секој диверзитет.

Третиот библиски пример уште поилустративно го прикажува стремежот на империјата да дозволи егзистенција но само под своите ригорозни правила. Во првото поглавје на книгата на пророкот Даниил, читаме за него и за тројца пријатели кои биле одведени во заробеништво во Вавилон. Тие се избрани меѓу елитата според критериумите на тоа да бидат млади, со висока интелигенција, и со физичка сила и убавина. Ним им е наложено да се образоваат во сите научни дисциплини на Вавилон, а асимилацијата оди дотаму што им се менуваат и имињата. Зарем примерите на Асирија и Вавилон не наликуваат на систематската практика на Грција кон негрчките заедници на нејзина територија, а за што има недвосмислени материјални докази?

Споредбата на изворните еврејски имиња со вавилонските е јасен показател за намерата четворицата Евреи да бидат искористени како ресурс во полза на Вавилон, а за тоа да се постигне целосно, ќе им бидат сменети идентитетот и самоопределувањето. Секое од имињата: Даниил, Ананија, Мисаил и Азарија, носи значење кое ја поврзува личноста со израелскиот Јахве Бог. Даниил значи „Бог е мој судија”, Ананија значи „Бог е милозлив”, Мисаил значи „кој е како Бог”, и Азарија значи „Бог напомош”. За да се поништи каква било врска со ова лично и колективно сеќавање, Даниил е наречен Валтазар („Бел или Мардук нека го варди животот”), Ананија - Седрах (Бог на месечината Аху е водач”) , Мисаил - Мисах („кој е како Аху”), и Азарија - Авденаго („слуга на Наго, синот на Мардук). Сите четири имиња се на вавилонски божества.

Како, според мене, текстот погоре е поврзан со прашањето на идентитетот на Македонците? Балканот за жал е станат синоним за слобода без поредок. Посилниот народ, и оној кој е поподобен за интересите на дадената империја, во даден историски и геополитички контекст не бирал средства да изврши насилство заради контрола; насилство често потпомогнато од империјата која си ги гледа своите интереси.

Главниот аргумент што го слушаме од поддржувачите на формалното и уставното менување на името Република Македонија велат, „затоа што Македонија е под закана на слобода без поредок затоа ќе мора да го смени името.” Но што добива Македонија во тој случај? Со сменето име, на македонската држава и македонскиот народ во смисла на етничка заедница ù се ветува „поредок без слобода”. За достоинствено опстојување потребни се и поредок и слобода.

Откажувањето од формалните државни инсигнии што произлегуваат од правото на самоопределување (тука не станува збор за самоидентификацијата при што никој не може да ни забрани да се идентификуваме како Македонци) ќе ги изложи етничките Македонци на постојана потреба да се бранат и дообјаснуваат заради дискрепанцата помеѓу она како се формално именувани и како тие се именуваат себеси. Од природата на мојата работа која бара често да патувам низ Европа како говорник и учесник на меѓународни собири, дури и во сегашниот тековен период на одлучувањето за името да се смени во Република „Северна” Македонија, се соочувам со потребата да се дообјаснувам дека не сум Северномакедонец. Уште посимптоматично е тоа што најголем дел од лицата кои не се засегнати и не се запознаени со суштината на проблемот, се искрено збунети и нивните коментари и заклучоци немаат никаква пристрасност!

Исходот од формалното менување на уставното име на Република Македонија (посебно за домашна употреба) ќе може да даде два еднакво непосакувани резултати. Асимилација, поточно во нашиот случај некаков вид обезличување, или пак латентно опстојување на оспоруваниот идентитет кој во блиска иднина се заканува да стане извор на нови конфликти. Враќањето во минатото според некои „комитски идеали” може да значи само страдање без трајни придобивки. Но избрзаното привикување на иднината преку октроираното уставно име може да значи само продолжување на идентитетската агонија. И едното и другото се изнудени, и затоа вештачки решенија, кои нема да придонесат кон органското помирување и хармонијата на Балканот.

Решението е во заемната слобода и поредокот кој во Библијата е јасно даден како противтежа на ваквите две крајности. Еден од најјасните описи на тоа се наоѓа во книгата „Дела апостолски”. Таму апостол Павле, цитирајќи грчки мислители, вели дека Бог го создал човештвото: „...за да живее по целото лице на земјата, откако утврди предопределени времиња и граници на нивното постоење.” Значи на секој народ треба да му се дозволи да се самоопредели и да го негува својот идентитет во такви рамки.

Имајќи предвид дека ова погоре е дијагноза за дадената состојба, со предвидување за можните исходи, сметам дека е неопходно да се посочи можна насока која би одговарала на мојата теза за заемна „слобода и поредок”. Современиот теолог Мирослав Волф, чијашто книга Исклучување и прегратка е високо ценет есеј кој нуди ненасилно и праведно разрешување на конфликти, е одлична подлога и за темата за која пишувам погоре.

Преку призмата на размислувањето за другоста, Волф создава издржана визија како да се надминат поделбите на „ние” и „тие”, поточно како да се надмине принципот на исклучување што тој го дефинира како „варварство во цивилизацијата, лошо среде доброто, злосторство против другиот во границите на сепството.”

Волф својата теза за надминување на исклучувањето и прифаќањето на прегратката (претпоставка за заемна слобода и поредок) ја темели врз Новиот Завет. Новозаветните книги недвосмислено нагласуваат дека основното значење на терминот спасение посочува на чинот на помирувањето со Бога при што веќе не е можно просто да се „толерира” другиот и да се живее покрај него, туку подразбира и радикално отворање на самите нас кон другите. Ова е ризичен чекор кој со себе носи висока цена.

Но тоа е и единствениот достоен одговор кон уште поризичниот чин на Бог отворајќи се себеси за да го прими човештвото во прегратка. Волф за ова вели „волјата да се прегрне другиот ù претходи на секоја ‘вистина’ за другите и е пред каква било конструкција за нивната ‘правда’”. Од ова може да се заклучи дека помирувањето меѓу разни идентитетски групи со историја на меѓусебно непријателство е процес кој од секоја страна бара самопрегорна, несебична, безусловна љубов, зашто „волјата да се биде свое јас мора во себе да содржи волја за пребивање во тоа јас и на други јаства.”

Клучните тези на Исклучување и прегратка имаат важни последици за состојбата во светот денес, кој апсурдно, станувајќи сè повеќе глобално село станува сè помалку подготвен да се отвори за другиот. Но оваа книга ги повикува луѓето на покајание, на простување, на прегратка... соодветно не само со примерот на Исус, туку и со осознавањето дека само на тесната патека на праведноста и мирот, светот може да ја достигне посакуваната благосостојба.

Но за ова да се случи, книгата на Волф претпоставува дека прашањето на идентитетот на која било од страните вклучени во даден конфликт мора да се испочитува и формално и неформално.

Применето врз конкретната ситуација на конфликтот меѓу Грција и Македонија, нема да се постигне заемна слобода и поредок (претпоставките за човечката суштинска благосостојба), сè додека во регионални рамки, заради геополитички интереси и историски наративи, на Грција ѝ се дозволува пристап на „потоп”, додека врз Македонија се наметнува состојба на империјална „вавилонска кула” и на „вавилонско преименување”.

 Слики: Günther Rechn