Издиши - Изложба на Иван Ивановски во Мобилна галерија

01.12.2018 16:18
Издиши - Изложба на Иван Ивановски во Мобилна галерија

Денеска (1 декември) во Мобилна/монтажна галерија беше отворена изложбата насловена „Издиши“ на Иван Ивановски.
Делата ќе можат да се видат до 9 декември.

„Сликата е феномен кој на различни начини ја разрешува и/или комплицира нашата релација со стварноста, како некаква мапа за ориентација или како параван зад кој се сокрива нешто.

Изложбата на слики од Иван Ивановски насловена „Издиши“ во Монтажната галерија е интересна прилика да се соочиме со статичната слика како можна пауза во забрзаниот тек и хиперпродукцијата на мултимедијалните стимули. Иван низ овие слики се обидува себеси да си разјасни некои процеси, низ слободна игра со ликовните елементи, без притисок на рациото, но и без претензии за конечно разрешување.
Ниту, пак, тој го присилува гледачот на препознавање на конкретна развојна линија или наративна структура. Не поаѓа со предумисла, ниту, пак, до крај ги диференцира формите кои се појавуваат пред него во текот на процесот.

Контурите на урбаниот пејзаж или фигурите без ликови кои прилично безгрижно „позираат“ во разградената околина, оставаат еден недефиниран простор помеѓу ангажманот и индиферентноста, кој може да се проектира од и кон сликата.

Во статичната слика се напластуваат траги од времето, како тајмлепс, оставајќи траги во кадарот кои ја градат структурата во слоеви.
Оваа целина составена од две групи слики, едната побројна и од помали формати, а другата од две поголеми, поставуваат едно клучно прашање околу нашиот однос кон урбанизацијата, кон дехуманизацијата која сериозно нè изобличува, како и за консеквенциите од губењето на правото на град... И како тоа да ни е сеедно. Дали, можеби, ние никогаш не сме научиле да го сакаме овој град?“, пишува за изложбата Владимир Јанчевски.

Иван Ивановски (1983), 2008 - Дипломира ликовна уметност - отсек вајарство; Универзитет “Св. Кирил и Методиј” Факултет за ликовни уметности, Скопје

2013 - Студира филмска режија на Академскиот програм на Факултетот за ТВ и филмскa уметност (FAMU), во Прага

Селектирани самостојни изложби: 2017. Изгореници - изложба на слики и цртежи, НУ Музеј Куманово - Уметничка галерија, 2016. „Trockener Fluss “- изложба на цртежи и слики, Германија, Берлин, Прима Центар Берлин , 2016. Opekline - изложба на слики и цртежи, Љубљана, Словенија, Галерија МКД, 2014. 92ft² & 24’12’’ - изложба на слики и цртежи/ проекција на анимирани филмови , Њујорк, Gallery MC, САД, 2014. Threshold - изложба на слики и цртежи , Скопје, Младински културен центар, 2012. Конзо– Видео, инсталација,слика , Сули-Ан - Скопје/ Народен театар – Гевгелија, 2007. Меѓу две огледала - Изложба на цртежи

Скопје, Културен центар Точка, 2006. Игра на сенки – изложба на скулптури, инсталација и уметничко видео Скопје, Младински културен центар

Селектирани Групни: 2014 - Мобилна / Монтажна галерија, Скопје, Битола -You made me so sad. Now, that doesn't have anything to do with you, 2012 - Биенале на млади уметници од светот (WEYA), New Art Exchange – Нотингем

Награди: 2014. Награда за млад ликовен уметник “Денес“ која ја доделува Центарот за современи уметности од Скопје во соработка со Фондацијата за граѓанско опшество од Њујорк

Уметнички проекти: 2018. Free to be Equal – 4 видео анимации, кампања на UNDP MK, Стоп анимација – колаж, 4 х 1мин. Ко – автор и аниматор

2014 – 2017. скулптури како награди за филмскиот фестивал CINEDAYS Младински Културен Центар, 15х15х25цм. бронза/алуминиум, 2014. Скулптура „Триножец“, НУ Центар за култура Битола, во продукција на мобилен оператор Vip. Комбинирана техника, 60х80х170цм , 2010. Луѓе-птици – скулптури. Поставени во Градски парк, Скопје

Филмографија:

Кратки анимирани филмови: 2017. Образец Б16 – 8мин.

Финансиски поддржан од Агенција за филм на Р. Македохија, 2014. Конзо - 6 мин.

2010. Посебно признание од жири комисијата на Астерфест 2010 - Струмица

Изложбата е финасиски поддржана од Министерство на РМ, Град Скопје и Општина Центар