СФРЈ беше супериорна цивилизација

03.12.2018 01:11
СФРЈ беше супериорна цивилизација

Постхумната виталност на социјалистичка Југославија и нејзината трајна вредност како лекција од историјата имаат повеќе причини меѓу кои можат да издвојат следните: таа е интересно историско искуство, трајна и важна лекција од историјата за оној кој сака да научи нешто објективно; понатаму, таа е генерациска и дијаспорска култура на сеќавањето; потоа, таа денес исто така е и симбол на светогледот и опозициски став во однос на фрустрираните државички кои дојдоа после неа и целиот тој апсурдистан на таканаречениот Западен Балкан. Се потврди и во поширок меѓународен контекст зашто денешниот свет стана безидејна морална руина која не знае да се извлече ни од купот ѓубре кој се зголемува секој ден, ја труе и гуши сè помалата и исцрпена планета, така што принципите кои ги промовираше СФРЈ во надворешната политика се покажуваат како прогресивна и амбициозна визија. Најпосле, животот несвесно ѝ го продолжуваат самите постјугословенски државички и народи, првенствено Србите и Хрватите, како нејзини главни основачи, но и гробари.

Нивните нови национални идентитети главно се негативни конструкции во однос на СФРЈ, меѓусебно и на соседните народи. Впрочем, тие се опседнати со Југославија која ја убија и нејзиниот дух ги прогонува така што ветените илјадагодишни исполнети соништа се претворија во ноќни мори. Но, како што таа Југо-Славија, земјата на Јужните Словени, никогаш не беше некое туѓо тело надвор од нив, туку тоа секогаш беа самите тие, се менуваа само околностите и меѓусебните односи, така впрочем тие понатаму се уништуваат себеси зашто во светот на митовите и самодопадливите фантазии не можат да живеат ни изолирани секти или екстремни религиски култвои, а камо ли националните држави. Не можат да се помират со тоа зашто на тој начин ќе престанат да бидат тоа што станаа и ќе се доведе во прашање начинот на кој од деведесеттите наваму ги конципираа своите нови национални идентитети. Ако се помират, би можеле да дојдат во опасност заради сознанието дека можеа да ја сочуваат заедничката држава во некаков облик, да го спасат најдоброто од неа и да ја избегнат војната која не донесе ништо добро за никого освен за релативно малубројни злосторници, ограбувачи и паразитски елити. Можеби единствено би можеле, пред да изумрат заради демографските катастрофи и иселувањето, барем симболично да се помират и да ја остават на мира совеста за да биде каква што беше, за тоа изумирање да го проживеат во какво-такво достоинство. Тоа би била единствената смислена „обнова на Југославија“.

Накратко, Југославија од златното доба (тука спаѓа народноослободителното антифашистичко движење во Втората светска војна и независниот развој од средината на педесеттите до средината на осумдесеттите), на овие простори беше единствената сериозно и амбизиозно спроведена историска вежба по национализам како западна идеологија на прогресот, интеграцијата и модернизацијата. Она што дојде после неа воопшто не е национализам туку некои други феномени, а не е ни западно цивилизациски производ. Така етничко-клерикалните балкански национализми кои ги создадоа денешните држави би било попрецизно да се категоризираат не како национализам според искуството на Западна Европа која го измисли, туку со термините како што се балканизација, трибализам, провинцијализам, етно-клерикално секташтво и сличните феномени на Балканот како антипод на Европа. Балканизацијата не е национализам туку бесмислена деструкција и раситнување до исчезнување. Денешните српски и хрватски национализми се впрочем балканизации испразнети од балканските страсти, провинциските театри и ритуали без смисла, визија и амбиција.

СФРЈ во овој стогодишен контекст – во однос на првата заедничка држава и квинслиншките режими од Втората светска војна, а особено ваквите творби на етничко чистење создадени во деведесеттите години од 20 век – беше единствена супериорна цивилизација: морално, културно, економски, политички, спортски, како и да гледате. После СФРЈ се создадоа седум држави кои, освен релативно пристојната и колку толку разумна но не баш прекрасна Словенија (на која исто така ќе ѝ беше подобро да останеше во некаква заедничка држава во која и се оствари како нација), не ги бидува за ништо, не ги бидуваше ни на почетокот, ни во идејата, ни во реализацијата, ниту некогаш значително ќе се подобрат, туку во идниот век физички ќе изумрат. Во поширокиот историски контекст бајката траеше релативно кратко: по смртта на Снежана, седумте фрустрирани џуџиња до самиот крај живееја многу несреќно на периферијата на Европа, во сиромаштија, меѓусебни кавги, завист и омраза.

Илустрации: Зоран Кардула

Извор: https://www.portalnovosti.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото