Ретроградниот Меркур апелира до луѓето да не се вадат на него

03.12.2018 02:33
Ретроградниот Меркур апелира до луѓето да не се вадат на него

СОНЧЕВ СИСТЕМ, 3 декември 2018 (Пара вести) – Поради сѐ поголемиот број поплаки и бури што ги предизвикува неговото ретроградно движење, разговаравме со Меркур, кој ексклузивно за Пара вести ни откри колку му е тешко и дека секојдневно се бори против депресијата предизвикана од салвата негативни коментари и префрлувања на вината од луѓето насекаде низ светот.

„Навистина веќе не можам да ги поднесам сите тие луѓе што во мене го бараат виновникот. Огромна драма се случува во периодот на моето ретроградно движење, како мене да не ми паѓа тешко што морам да одам наназад. Се прашувам до кога веќе за мене ќе се пишува само најлошо и до кога ќе ме обвинуваат за сите будалаштини што ќе ги направат. Толку се трудам моето движење да биде нормално, па ова е само третпат да тргнам ретроградно“, ја почнува Меркур својата исповед.

Да потсетиме, него овие денови интензивно го обвинуваат за стрес, нервоза, грешки во договорите, велат дека создава недоразбирања што доведуваат до страотни кавги, дека поради него донеле погубни одлуки и дека не памтат кога последен пат отпатувале некаде, што кај кутриот Меркур предизвикува сѐ поголема депресија.

„Одев на разни терапии, психоанализи и хипнози за да си ја намалам анксиозноста, ама безуспешно. Колку повеќе луѓето ме спомнуваат и ме обвинуваат, толку ми е посилен ретроградниот период“, изјави Меркур, кој напоменува дека нешто подобро почнал да се чувствува дури откако ја открил лајфкоучерката Ана Бучевиќ, со која овие денови интензивно работи.

„Јас сум сега креатор на животот, ја живеам љубовта и давам љубов. Ана ме научи дека нема лоши одлуки, нема лоши чекори. Апелирам до сите луѓе да престанат да бидат суеверни и да не веруваат во секакви глупости поврзани со моето ретроградно движење, туку малку да ги послушаат советите на науката, чии најдобри претставници се лајфкоуч-гуруата како моја Ана. Прифатете дека нема лоши движења. Сѐ е љубов, само сакајте го животот и вибрирајте позитивно. До Меркур и назад ве молам сите“, порачува Меркур.

Прилагодено од njuz.net