Предавање на шкотски куратори во ГЕМ

03.12.2018 10:55
Предавање на шкотски куратори во ГЕМ

Во понеделник (3 декември) во ГЕМ клубот, со почеток во 19 часот ќе се одржи предавање на тројца куратори од Шкотска, Џон Блеквуд, Нуно Сакраменто и Холи Кнокс Јеоман.

Холи Кнокс Јеоман ќе ја претстави својата кураторска пракса при што ќе се осврне и на современата уметничка сцена во Шкотска.

Нуно Сакраменто, исто така, ќе ја претстави својата кураторска пракса како и работата на „Peacock Visual Arts" центарот од Абердин чиј директор е во моментов.
Џон Блеквуд ќе ја презентира новата иницијатива „In Between States" за соработка на уметници, меѓу Македонија и Шкотска која ќе се одржи во 2019 година. Во програмата насловена "„In Between States", планирано е да се поканат тројца млади македонски уметници на фестивалот за визуелна уметност и дизајн во 2019 година, во Абердин, во организација на „Peacock Visual Arts", со материјална поддршка на Греј Школата за уметност. Планирана е и возвратна посета на тројца млади шкотски уметници , во почетокот на есента 2019 година кога ќе се организира изложба во Скопје, што ќе ја подготват македонски куратори.

Холи Кнокс Јеоман е независна кураторка од Глазгов. Таа е заинтересирана за кураторството како истражувачка пракса во која соработувајќи со уметниците ги истражува темите како што се одмазда, солидарност и автономија. Таа работела и како кураторка во мултимедијалниот центар „Summerhall“ во Единбург. Досега соработувала со голем број на уметници меѓу кои и Лори Проувост, Херман Нич, Дејвид Шери, Марк Фел, Пестер и Роси, Витни Мекви и многу други.

Нуно Сакраменто е мозамбиско - португалски куратор и директорот на „Peacock Visual Arts" центарот во Абердин. Живее во Шкотска во последните две децении. Нуно има богато искуство во кураторството и организациското лидерство. Дипломирал на Школата „DeAppel“ во Амстердам и докторирал визуелна уметност на Колеџот за уметност и дизајн „Данкан од Џорданстоун во Данди, Велика Британија.. Помеѓу 2010 и 2016 година бил директор на „Scottish Sculpture Workshop“ во Ламсден.

Џон Блеквуд е куратор, предавач и писател од областа на современата уметност. Тој има особен интерес за современата уметност во Западен Балкан. Своите кураторски проекти ги има претставено на изложби во Цетиње, Лондон, Сараево, Скопје, Загреб, Талин, Абердин и Единбург.

Досега има објавено шест книги и бројни статии меѓу кои и „Вовед во современата уметност во Босна и Херцеговина” (Дуплекс 100м2, Сараево, 2015) и „Критичката уметност во современа Македонија” (Мала галерија, Скопје, 2016). Досега има организирано и неколку изложби во чиј фокус е современата уметност од Македонија:„Заробена држава- Новата уметност од Македонија” (Единбург, 2017), „Имагинариум" (Абердин, 2016) и „Паралелен универзум" (Дуплекс 100м2, Сараево, 2014).

Предавал на повеќе универзитети во Велика Британија и во Босна и Херцеговина, а во моментов предава современа уметност на Факултетот за уметност Греј, Универзитет „Роберт Гордон“ во Абердин, Шкотска . Член е на Меѓународната асоцијација на куратори на современата уметност ИКТ и Здружението за историја на уметност.