Денот кога се запали факелот на македонската република

03.12.2018 21:29
Денот кога се запали факелот на македонската република

Седам денес и со тешко срце пишувам, додека низ телово – како низ ѓевгир – ми протекува уште еден сив и влажен, мамурлив 29 ноември, уште еден неодбележан и непразнуван роденден…, додавајќи така уште еден годишен нанос тиња врз вистината за потеклото на нашата република, врз сеќавањата за сопственото државно појавување на светската политичка мапа, продлабочувајќи ја така тивко и незабележително, во недоглед, македонската криза на идентитетот.

Зашто, државниот идентитет – како и секој идентитет, впрочем – се гради првин од податоците за датумот, местото и околностите на зачнувањето и настанокот на државата, како и описот на нејзините особености во почетокот на нејзиното постоење. Што, се разбира, потоа би требало да се слави и чествува додека државата постои и додека постои континуитетот на нејзините колективни мемории (од коишто е и изграден нејзиниот идентитет). Конечно, основното значење на зборот „идентитет“ е „истоветно“, па идентитетот така претставува збирен квалитет на секое поединечно нешто да биде исто на себеси, поради што вистината за раѓањето и родителите би морало да биде непроменливото јадро и на македонскиот државен и културен идентитет, или, да скратам: тоа би требало да е вистина со која националниот идентитет би морало секогаш да биде ист.

Партизани на заседанието на АВНОЈ, 30.11.1944

Незапамтен и непразнуван

За жал, не е така, зашто упорното државно непразнување на 29 ноември е очигледен симптом на длабоката идентитетска дупка што се продлабочува уште од почетокот на нашата државна независност 1991. Дупка, што со помош на тешката државно-партиска идеолошка механизација на ВМРО стана огромна идентитетска јама, видлива и од вселената. Во тој мрачен идентитетски ќенеф, ВМРО повеќе од деценија ги натрупуваше своите историски фалсификати и безумни бладања за тоа кои сме и што сме. Но, за инает на нашиот заборав, на 29 ноември 1943 година – сред најголемата од сите војни! – во босанското Јајце, се одржа Второто заседание на АВНОЈ – Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Југославија, на кое ова тело се прогласи за носител на сувереноста на новата југословенска федерација, за врховно законодавно претставничко тело на сите југословенски републики и народи.

Токму во Одлуката број 3 на Второто заседание – за првпат во историјата на светот! – во еден државно конституционален документ се уредени македонската држава и македонскиот народ како посебен државотворен национален ентитет, со што 29 ноември стана роденден и на македонската република и на југословенската федерација! А, ние, и година и пол дена по „ослободувањето“ од вмровската партиско-мафијашка окупација, сè уште во списокот на државни празници славиме дузини на неисториски датуми од настани апсолутно нерелевантни за македонската држава, или настани што никогаш не се ни случиле, додека датумот на нашето државотворно зачнување го оставаме незапаметен и непразнуван, препуштен на есенската гнилеж, да исчезнува од супстанцата на нашиот национален идентитет, во рамнодушното и еднолично роморење на времето?!

Текстов, почитувани читатели, излезе во „Слободен“ пред точно година дена, а денес, со мали измени, безмалку дословно го повторувам, прашувајќи се резигнирано: можно ли е ништо да не се сменило во нашето идентитетско саморазбирање? Можно ли е македонскиот државен идентитет да е неповратно заменет за еден товар гомна составен од неподносливи вмровски, малограѓански, простачки и сосем малоумни бладања? Можно ли е веќе да нема Македонци што се сеќаваат на себеси, што се исти со својот вистински историски наратив? Или, јас само се залажувам дека тука постои избор и можност за корекции, а всушност, за деценијата страствено подаништво ние станавме исти со товарот на бетонски, псевдоисториски, стиропорни, учебнички и правнички гомна што го отелотворуваат нашиот нов вмровски идентитет?!

Партизанска берберница во Ливно, октомври 1943

Вистински родители

Но, сепак, што и да сме во овој момент, да се потсетиме дека на 29 ноември 1943 година, кога европскиот континент бил згазнат од најмоќната и најзла армија што дотогаш марширала по планетата, во средината на тоа разбранувано и смртоносно фашистичко море, во едно бајковито балканско планинско место светна антифашистичката искра како вселенска супернова и најави раѓање на нов слободарски планетарен систем, ја најави југословенската федерација! Вака гласи славната точка број 2 од Одлуката број 3 од Второто заседание на АВНОЈ: „За да се оствари принципот на сувереноста на народите на Југославија, за Југославија да ја претставува вистинската татковина на сите свои народи и никогаш да не стане доминион на која било хегемонистичка клика, Југославија се гради и ќе се изгради на федеративен принцип, кој ќе ја обезбеди полната рамноправност на Србите, Хрватите, Словенците, Македонците и Црногорците, односно на народите на Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Црна Гора и на Босна и Херцеговина“.

Токму врз основа на оваа авнојска одлука, неполна година потоа, на заседанието на АСНОМ е изведено и дефинитивното институционално создавање на македонската Република, што денес ужива во својата независност и сувереност, но, за жал, страда и од тешко ментално нарушување на личноста. Зашто, иако земјава, конечно, зачекори храбро кон својата посветла иднина, таа и понатаму не ги слави и ги препушта на заборав своите вистински родители и податоците за настаните и околностите на своето раѓање. А, да се разбереме: денот кога се запали факелот на македонската република, во огнениот сноп на југословенскиот државен грб, нема историска алтернатива: тоа се случи еднаш и единствен пат од почетокот на времето, и тоа на 29 ноември 1943 година! Честит роденден, Македонци од сите етнички, верски и идеолошки провениенции, што се сеќавате на својот идентитет!

Борци на Третата македонска народноослободителна ударна бригада, 1944

Насловна фотографија: Македонски партизани во Скопје, ноември 1944
Извор за фотографиите: Југославија во Втората светска војна
Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото