Мерење на авторитарноста

04.12.2018 00:49
Мерење на авторитарноста

Во последно време, САД се најдоа во вртлогот на лажна инвазија на мигранти, успехот на демократите на изборите и нападот на претседателот врз резултатите на тие избори. Потоа следуваше именувањето на послушник за државен обвинител, фијаското на меморијалниот собир по повод Првата светска војна во Париз и монтираната видео снимка со која Белата куќа сакаше да го оправда замолчувањето на новинарот од Си-ен-ен.

Во извесна смисла не е важно на која идеологија ѝ припаѓа Доналд Трамп, каква етикета ќе добие од историографијата, но уште сега е јасно дека едвај се снаоѓа во забрзаната врвулица на историјата на Америка. Зошто е тоа така ќе расправаме кога и ако стигнеме до брегот. Притоа многумина сериозни коментатори не се колебаат да го опишат Трамп со најтешки зборови какви што се фашизам и авторитаризам.

Многумина се прашуваат дали најновите проблематични постапки на претседателот, на пример предлогот за распишување нови избори, по инаку сосема регуларното гласање – не е преминување на границата на патот кон авторитаризмот и разорување на американската демократија. Одговорот што го добивме од историчарите кои се занимаваат со фашизмот, е дека неговата реторика навистина е жестока, но и дека реакциите на неа, понекогаш се претерани.

Рут Бен – Гиат, професорка по историја на њујоршкиот универзитет и стручњак за фашизам, тврди дека неодамнешните обиди на Трамп да ги саботира изборните резултати во Аризона и Флорида, имале две цели. Пред сè, претседалот ги тестирал своите можности за манипулација со изборните резултати, но истовремено се работело и за „авторитарен обид да се доведе во прашање реалноста во која живееме. Авторитарецот сака да престанеме да им веруваме на своите уши и очи, на она што го читаме и гледаме, за да што повеќе зависиме од него. Стварноста е она што јас го кажувам. Затоа е многу опасно што тој решил да го нападне она што е најважен параметар на демократијата, а тоа се слободните и фер избори“.

Во својата книга „How fascism works: The politics of us and them“ (Како функционира фашизмот: политика на ние и тие), Џејсон Стенли, професор по филозофија на Јејл, опишува како, по правило, фашистичките движења се потпираат на митот за руралната чистота наспроти урбаната изопаченост, поделба која е продлабочена во Америка на Трамп, што јасно се покажа на последните избори. „Претседателот сè поагресивно инсистира на многу застраѓувачка политика, која произведува рурално – урбана поделба и која им се обраќа на чесните гласачи во руралните области и кај кои предизвикува некој вид паника и страв од непостоечки закани“. Исто така, Стенли забалежува дека по изборите во САД, Трамп практично престанал да ја споменува „инвазијата на мигранти“. Тоа е застрашувачко и тоа замајување тешко дека може да се поништи. Трамп има сè повеќе верни поддржувачи, кои живеат во сè поголем егзистенцијален страв од другите и различните“.

Дејвид Најверт, дописник на Јужњачкиот правен центар за сиромашни (Southern Poverty Law Center), чија нова книга говори за „порастот на радикланата десница во ерата на Трамп“, изјави дека авторитарните пориви на Трамп биле јасно видливи на конференцијата за новинари по последните избори, на која репортерот на Си-ен-ен, Џим Акоста се судри со претседателот, за да потоа му биде одземена акредитацијата. „Заштитен знак на неговиот мандат се тврдењата дека неговата верзија на реалноста е единствената легитимна и дека сите останати се лажни...Тој го продлабочува јазот меѓу луѓето за да своите поддржувачи што повеќе ги врзе за себе“, напиша Најверт на Твитер.

По повод убедливиот аргумент на уредникот на блогот „Лоуфер“ (Lawfare), Бенџамин Витес, како и некои други автори, Најверт укажа дека Трамп создава „проектиран хаос...по углед на урнекот што го поставиле поранешните авторитарни водачи во историјата: предизвикување немир за да се произведе толкава количина на неизвесност за да неговите ригидни позиции добијат општ консензус“.

Долг е списокот на неодамнешните прекршувања на законите и правилата од страна на Трамп, вперени против благосостојбата на либералната демократија во Соединетите држави. Пред овие избори, тој одржа редица митинзи полни со изливи на бес, на кои опозицијата ја прикажуваше како збир на дехуманизирани битанги, со изјавите како оваа: „Познато ви е дека радикалните демократи сакаат да ја турнат нашата земја во кошмарот на политичка блокада, сиромаштија и хаос. Тие сакаат да наметнат социјализам, да нè претворат во втора Венецуела, да ги отворат нашите граници за смртоносни дроги и немилосрдни банди“.

Кога истите тие демократи освоија мнозинство во Претставничкиот дом, Трамп предупреди дека ќе заземе „воинствен став“ ако против него се покрене истрага, а потоа државниот обвинител Џеф Сешонс го замени со поранешниот американски адвокат Мат Витакер, кој во своите телевизиски настапи јавно ја искажуваше својата секташка лојалност кон Трамп и трампизмот и така се препорачуваше за функцијата. Кога медиумите го критикуваа овој потег на Трамп, тој премина во напад и на Еби Филипс, новинарката од Си-ен-ен ѝ рече дека „поставува многу глупави прашања“. Тоа се случи еден ден откако на прес конференција направи претстава, напаѓајќи ги сите присутни новинари и една друга афро-американска новинарка ја обвини дека поставила „расистичко прашање“.

Професорката Бен-Гаит ни објаснува: „Владетелите склони кон автократија сакаат ние да ја почувствуваме силата на нивната моќ, дека тие се нескршливи, силни, застрашувачки. Тие сакаат ние да се уплашиме и да помислиме дека нивниот триумф е конечен“. Но, исто така, таа кажува дека во јавните настапи на Трамп, по изборите на половината од мандатот, се гледаат пукнатини. „Тие пукаат под притисок, затоа што наводните моќници всушност се многу слаби луѓе...Тој долго време им се закануваше на новинарите дека ќе им го забрани пристапот на своите прес конференции, па тоа му го направи на истакнатиот новинар кој најмногу му се спротивставуваше. Фактот што токму сега отиде чекор понатаму зборува за неговата разнишана психичка состојба“.

Професорот Стенли, чиишто родители дошле во САД како бегалци, мајка му од источна Полска, а татко му од Берлин, укажува дека „суштината на личната идеологија на Трамп“ се вклопува во фашистичката матрица. „Фашизмот се заснова врз лојалноста кон нацијата, кон сојузниците и пријателите, врз моќта наспроти вистината“.

Отфрлањето на Трамп, на средина на мандатот, вели Бен-Гиат, е насилниот контра аргумент на тврдењето на Трамп за неговата неспорна моќ. „Треба внимателно да се разгледаат сите овие видливи индикатори на авторитарноста и да им се одговори со факти, со силата на сопствените уверувања и да се излезе на избори. Трамп се обидува да нè убеди дека гласањето нема смисла, дека треба да се откажеме. Авторитарците секогаш шират безнадежност, сакаат да нè деполитизираат и да нè уверат дека каков било отпор е залуден.“

Слики: Nate Kitch

Извор: The Guardian