Помеѓу митот и вистината

01.10.2010 10:47
Помеѓу митот и вистината: Неколку зборови за женственоста на Лу Саломе

Помеѓу митот и вистината:
Неколку зборови за женственоста на Лу Саломе

“Ако Бог не постои, Бог сум јас“

Романот почнува со смртта на Лу во старечка постела во домот на ќерка си, Марихен, инаку ревносна домаќинка. Уште на старт се руши стереотипот дека дамата треба да умре млада и витка за да го заслужи епитетот неповторлива женственост. После информацијата за смртта на Лу, читаме: “Супата со кнедли крчкаше на печката во кујната. Никој не се сети на неа сè до вечерата кога куќата замириса на изгорено.“

Неверојатно интелигентен, но топол јазик да се објасни состојбата во човековото срце преку состојбата во кујната.

“Заклученото тело на Лу“ е приказна за девојката која пред Бога е мажена за Хенрих Гило, во граѓански брак опстојува цели педесет години со Фридрих Карл Андреас, а човекот кој го отклучува нејзиното тело после мачни триесетина години е д-р Фридрих Пинелес Земек. Љубовниците ги има паралелно, постојано.

Јазикот е мил, нежен, едноставен, а сепак скокотливо богат. Речениците се кратки и навидум проѕирно јасни. Водењето љубов со зборовите - страсно, но невино опишано. Текстот е поткрепен со бројни референти и факти, та на моменти помислуваме дека читаме анализа или историски извештај. Читателот е во двосмерна комуникација со писателот, кој низ текстот, незабележано ги одговара сите наши прашања.

Огромно количество библиографски податоци, извори на информации и откривање на оригиналните изрази.
Оливера Ќорвезирова напишала женско, сензуално четиво исфилувано со сарказми. Но, тука не сме да зборуваме за раскажувачката техника, туку за самата Лу.

Лу е надворешно запуштена жена, но и лош пишувач, што се гледа од вметнатиот “Трактат за жените“. Тогаш, како успеала да ги сврти околу малиот прст сите тие мажи?

Три тројки. Божји збир. Првата ја сочинуваат Лу, Ниче и Ре. Втората е составена од Лу, Рилке и Андреас, додека третата ги содржи Лу, Ана и Фројд.
А единствениот лош збор за неа, доаѓа од устата на Елизабет, сестрата на Ниче.

Лу претставува слобода. И тоа не само слобода да се биде човек, туку и слобода да се биде жена или маж. Лу не сака рамноправност и еднаквост, во смисла на идентитет, туку сака слобода, да се менува и да биде различна. Лу е доказ дека за женственост не се потребни вештачки нокти и исфенирана коса. Впрочем, Лу е доказ дека отсуството на женственост може да е најголем доказ за истата.

Откако ја прочитав книгата, долго време не можев да поверувам дека сите биле луди за неа без дури и да и’ ја помирисаат кожата. Потоа, еден пријател ме просветли кажувајќи ми: „стерилните луѓе најмногу мислат“. Ниче, Ре, Фројд, не било толку потребно да ја имаат колку што било полезно да замислуваат дека ја имаат. Лу Саломе се појавува како апсолутна кралица на нетелесното. Аналогно – муза на нивните творештва.

Запознавајќи ја Лу, се запознаваме себеси. Лу претставува грев сама по себе – под услов да се плашиме од својата сопствена судбина. Моралистот во нас брзо би ја екскомуницирал и би пропуштил незаборавно патување отаде совеста.

Хенрих Гило, нејзината прва љубов, свештеник, наместо церемонија на конфирмација, и подметнува церемонија на венчавка без нејзино (не)знаење. Првата женствена искра блеснува. Не се буни. Игра со картите кои и’ ги доделува судбината.

Во духот на постмодернизмот, романот е дополнуван со првиот и вториот албум на Ниче. Една фотографија = една книга. Еден миг = една вечност. Оставен бел лист хартија за иднината, книга која сè уште не почнала да се пишува. Фотографијата е како сојузник на реалноста, како доказ за „она“ што навистина било. А, било многу.

Мешање на светот на живите со светот на мртвите, но толку едноставно објаснет што смирено го прифаќаме за најголема вистина континуираното егзистирање и на двата. Книжевните ликови живеат наполно реален живот. Меѓу нив, Ниче е како некаков архетип. Лу му заминува. Не можејќи да ја сака, Ниче почнува да ја мрази. Во секој случај, не останува рамнодушен. Како и ниеден од нив. Лу почнува да се гледа со Андреас иако живее со Ре. Ре се самоубива. Се мажи со Андреас. Не го сака. Не го мрази. И по сите перипетии, останува девица. Клучот за нејзината приказна е клуч. Но, бравата е заглавена. Книгата е сублимат на прекрасно раскажани длабоки вистини на многу едноставен, домаќинско – женски јазик. Која е силата што ја води девојката илјадапати да рече „не“? Женственост ли е, инает ли е, непреболена случка од детството што пече?

После секоја авантура се враќа кај Андреас. Бара слугинка Марија, по негов вкус за да му ги задоволи потребите што самата не може. Се гледа со Земек. Останува трудна. Намерно паѓа за да абортира. Во отсуство на Бога, Дрвото носи неприкосновена одлука.
Прв маж со кој го отклучува телото е Земек. Што има кај него различно? Што има тој што останатите немаа? Во претходните врски, Лу ја играше машката доминанта. И ги задојуваше своите партнери со жед, ги забременуваше со идеи. Во неможност да се оплоди телото, го оплодуваше мозокот на партнерот. Буквално. Земек ја оплоди неа. Исто така, буквално.

Во почетокот се срами од својата женственост, но потоа ја пушта да тече како река од неа, во својата највулгарна верзија. Наеднаш станува разуздана курва што спие со сите, освен со мажа си, Андреас. Самиот начин на раскажување на (не)случувањата ни извлекува насмевка на лице:

“Кога ќе помислам на сите кутри мажи што страдаа по моето тело... требаше само да ги собујат мозоците пред вратата, ама тие не знаеја да го направат тоа, како и што не знаеја дека ако еднаш влезеш некаде обуен, везден во таа куќа обуен ќе влегуваш. Дури и кога обувките ќе ги одделиш од себе.“

И самата им пресудува. Таму каде мозокот го има главниот збор, еросот заспал.

После нивната смрт, праќа писмо за мајка и’, Фрида и Александар, за сепак последниот збор да биде нејзин. Брат и’ Александар, ја силувал на дванаесет години. Од тој длабоко закопан настан е пајажината на бравата. Тоа се гледа од писмото: “Почивај во мир сосе делот од мене што го однесе вземи. Сосила. Сосила и умре.“

Дури и кога го објаснува силувањето, речта е облагородена, нежна, сталожена и незафатена од лудилото што го раскажува.

Слатко дрска Лу. Луините текстови се како одглас на неискажаното во неа. Но, и самата е свесна дека се потрошила, целосно се внела во делата на своите партнери, та останале само трошки генијалност за нејзините.

Што ако Бог не постои? Останува сами да ја измислиме рецептата за женственост. И да се согласиме дека не секогаш, умот ги има сите одговори. И кожата знае по нешто.

Илустрација: Oliver Barrett

Текстов се занимава со Лу

Текстов се занимава со Лу Саломе, мислам дека нема никаква врска со мојот роман, па оттаму... речиси не сфаќам зошто насловот е спомнат. :) Патем, што значи тоа „беше кандидиран за Роман на годината“, каква информација е тоа? Па, целогодишната романесктна продукција а приори е „кандидирана“ за Роман на годината односната година :)
Поздрав, Оливера

ОкоБоли главаВицФото