Легален криминал

04.12.2018 02:42
Легален криминал

Да прашам, законите, како континуитет на груевизмот си остануваат во корист на моќта и криминалот или ќе се решите на дисконтинуитет за да се стави и интересот на граѓаните некаде?
Бидејќи е ова класичен легален криминал што никако не во корист на граѓаните, ама сите се вадат на законите? На пример граѓанинот за квадрат во Центар плаќа 1.500 евра, но ако имаш закон што те штити и автоматски не си обичен граѓанин, можеш квадратот да го купиш и по 312 евра.

Прво на црквата е спорно како во Центар им се враќал имот во процес на денационализација, а не обврзници, како на многу „смртници". Па таа си го продала имотот на приватни лица, овие со закон си бараат дооформување и тоа се продава во непосредна спогодба, според закон нели, и така некој преку ноќ си станува сопственик и ќе гради згради во строг Центар кој веќе се гуши од згради, а јавниот простор континуирано се брише од урбанистичките планови.

И никој од власта нема проблем со тоа? Ако Груевски нацртал во деталниот план 60 катници, сега не може да се смени тој план? А закони за да се зголемат даноци може без проблем да се сменат? Устав исто. За да се обезбеди амнестија на криминалци нов закон веќе се крчка, ама детални урбанистички планови никако не се предмет на промена?!?

Тие планови некако "природно" мора да ги штитат инвеститорите кои ќе се вознемират ако нешто се смени, а да не е во нивна полза. Градот се гуши во ПМ честички, се исекоа сите дрвја во Центар, за проблемот со загадувањето министерот не се занимава со граѓаните (се разбира, никој и така не се занимава со нив и нивните интереси), а градежната мафија како што гледаме и во Центар (во овој случај со сесрдна помош на Министерството за транспорт) и во Аеродром и веројатно во сите општини, функционира беспрекорно и создава нови ПМ честички.

Според план кој не ги зема предвид потребите за развој на општината и градот, туку се црта според потребите на капиталот. С'што като исто во времето на Груевски.

Сè е во Македонија легално и законски, само интересот на граѓаните е хируршки прецизно отстранет од законите, како што е ред во држава каде зборот „правна" служи само како алиби и за оправдувања.

Слика: Небојша Гелевски