Во пустината на неолиберализмот

05.12.2018 01:37
Во пустината на неолиберализмот

Брегзитот беше израз на револт на британските граѓани - од улиците на Лондон

Откако пред 27 месеци мнозинството гласачи во Велика Британија на референдум изгласаа излегување од Европската унија, земјата ја зафатија постојани политички превирања и тетеравења, мачни преговарања како да се напушти ЕУ а сепак да се остане во неа, повици за нов референдум или предвремени парламентарни избори, па и можност помеѓу Република Ирска и Северна Ирска во иднина да се испречи границата на Европската унија. Велика Британија би требало да ја напушти ЕУ за помалку од шест месеци, но агонизирачките натегања преполни со најразлични емоции сугерираат дека преговорите ќе продолжат зашто на коцка се парите, трговијата, границите и животите на британските државјани кои живеат и работат во ЕУ и обратно.

Преговорите на највисоки политички нивоа донекаде ги засенија причините за Брегзитот, а конзервативната влада на премиерката Тереза Меј се фокусираше на изнаоѓање начин како земјата да излезе од ЕУ и истовремено да остане што послична на она што беше како нејзина членка. Опозициските лабуристи на Џереми Корбин се во значително поцврст допир со реалноста, па Брегзитот го гледаат како шанса британското општество системски да се промени, во иднина да биде помалку нееднакво, помалку неправедно и помалку неолиберално.

Со оглед на тоа дека Брегзитот според своите реперкусии е првокласен политички потрес во поновата историја на Велика Британија и Европската унија, направени се изненадувачки малку системски анализи за тој настан, а една од нив, насловена „Причини и решенија за Брегзитот“, објавена е во септември годинава, во издание на организацијата Компас – Заедно за добро општество, со поддршка од Фондацијата Отворено општество и лондонската подружница на Фондацијата Фридрих Еберт. Меѓутоа, ни во овој случај не станува збор за труд кој би можел да се карактеризира како научна анализа, а се чини дека ни неговите автори немале такви претензии. Секако, се работи за колекција кратки есеи фокусирани на секојдневниот живот на обичните граѓани, на најниските нивоа од политичкиот живот, таму каде незабележително се калеше Брегзитот во годините пред да експлодира на референдумот. Авторите на есејот се новинари, активисти, експерти за областите од зелената економија до локалната автономија, со значаен број поранешни и сегашни членови на Лабуристичката партија. А, бидејќи и самиот Брегзит беше коктел од најразлични „колективни, приватни и лични мотиви“, како што ги опиша претседателот на Компас, Нил Лосон, така и лабавата, ненаучна структура на ова истражување ѝ одговара на природата на настаните кои е невозможно во целост да се квантифицираат и систематизираат.

Сепак, како што наведува Лосон, од мноштвото причини можат да се извлечат три доминантни теми – економијата, состојбата со јавните услуги и демократијата и политичката култура – а за сите нив авторите понудиле низа решенија кои, ако се имплементираат, би довеле до длабоки промени во функционирањето на британското општество. Впечатливо е и повикувањето на слушање и соработување со оние кои гласале за излегување од ЕУ, за таквите луѓе да не ги приграби популистичката десница, а од конкретните политички решенија најголем консензус помеѓу авторите е постигнат за прашањето на понатамошната децентрализација односно пренесувањето што повеќе надлежности на пониските нивоа на управување (деволуција). Притоа, сите автори се сложуваат дека Брегзитот е израз на оправдан револт на британските граѓани, а особено работничката класа која, како што пишува координаторката во Компас, Франсес Фоли, во референдумот видела можност „да ја наметне својата моќ, да го доведе во прашање авторитетот и да бара целосна почит“.

Во населбата Колихарст во северен Манчестер 7000 луѓе живеат без детско игралиште, а до банкомат мораат да патуваат со автобус

Голем број текстови во публикацијата се напишани речиси репортажно, за да се отслика пејсажот на проблемите и грижите, а често и предрасудите кои ги мачат британските граѓани. Така, во воведниот есеј на Рената Цук и Манос Москопулос од Отворено општество наведуваат дека, разговарајќи со луѓето кои живеат надвор од Лондон, постојано слушале приказни за државјани на ЕУ кои се вселуваат во градските станови додека од нив се иселуваат британските семејства, за мигрантите кои работат за помали плати па тие остануваат без работа, за луѓето кои се чувствуваат исклучени од процесот на одлучување додека кампањата за излегување од ЕУ им ветувала дека „повторно ќе ја преземат контролата“.

Џон Харис, новинарот на „Гардијан“ кој три години правеше видео прилози за емисијата „Каде било освен во Вестминстер“, ја опиша населбата Колихарст во северен Манчестер во кој 7000 луѓе живеат без детско игралиште, со најблизок банкомат до кој мораат да патуваат со автобус и локален идентитет кој се извлекува пред незапирливата гентрификација. Описот на Харис за Колихарст е само еден во низата текстови кои се занимаваат со состојбата на запуштениот постиндустриски север од Англија, области во кои повиците за напуштање на ЕУ одекнаа особено гласно, па така претставничката на Зелените од Брајтон, Керолајн Лукас изнесува податок дека токму во поранешниот индустриски регион првпат во 100 години е забележано забавување на растот на животниот век, особено кај жените. „Тоа е човечката цена за владините политики поттикнати од индивидуализмот, корпоративниот профит и презирот кон јавниот сектор“, пишува Лукас па натаму наведува дека трошоците за живот во земјата со години растат константно, додека просечните приходи од 800 фунти се помали отколку пред десет години, така што граѓаните должат 19 милијарди фунти за неплатени сметки.

Комисијата за социјална мобилност, пишува натаму Лукас, пресметала дека сите 30 региони во Велика Британија во кои можностите за социјална мобилност се најмали, гласале за излегување од ЕУ и дека седум од десет најсиромашни региони во северна Европа се наоѓаат токму во Велика Британија и сите седум исто така претежно гласале за излегување. И покрај тоа, тврди авторката, владата го користи Брегзитот за да ја „промовира токму онаа идеологија која и доведе до овој неред“, „американски сон кој на луѓето им зборува дека сиромаштијата е личен неуспех и ги поттикнува да посочуваат со прст и да ги обвинуваат другите“. Лукас предлага платите на извршните директори во компаниите да се ограничат најмногу на десет пати повеќе во однос на најмалку платените работници, деволуција на надлежностите на регионите и градовите зашто Британија е „една од најцентрализираните држави во светот“ и укинување на Домот на лордовите и негова замена со друг избран дом во парламентот кој физички би бил сместен на запуштениот север од земјата.

Цитирајќи го Е. М. Форстер, кој напиша дека Англичаните „немаат ништо заедничко освен англискиот јазик“, лабуристичкиот претставник Џон Трикет, пак, го опиша јоркширското село во кое живее и во кое „неолиберализмот загризал длабоко“, па таму веќе нема ни библотека, ни пабови, ни продавници, училиштата банкротирале, болниците се блиску до тоа, рудниците се одамна затворени, а младите кои нема да си заминат можат да се вработат само во складиштата. И Трикет повикува на јакнење на надлежностите на локалните заедници преку граѓански Уставни конвенции, исто како и неговата партиска колешка Лиса Нанди, која смета дека „излекување може да донесе само вистинска деволуција“.

Нанди пишува за разликите помеѓу големите градови и градчињата и селата, каде првин гласале за останување во ЕУ, а потоа за излегување. Таа смета дека се работи за „две Англии“, кои пред 40 години имаа повеќе или помалку избалансирани мислења за заедничкиот пазар, имиграцијата, социјалната сигурност и правата на ЛГБТ лицата, додека денес за сите овие прашања меѓу нив се простира јаз. Ова се места, пишува таа, „кои Вестминстер не ги гледа како проблеми кои треба да се решат, туку како ресурси што треба да се искористат“, заради што се намалува нивната сообраќајна поврзаност, се укинуваат јавните услуги и се уништува зелениот појас заради урбанизациијата, додека културата сосема се занемарува па така „Советот за уметност за секои осум фунти кои му ги дава на Ислингтон ќе потроши само една фунта за целиот поранешен рударски појас на Англија“.

Како Британија да излезе од ЕУ со што помалку последици - Тереза Меј

Политичкиот советник на лабуристите Лук Марфи, во есејот за растечкиот проблем со недостатокот на достапно домување се залага за автономија на локалните заедници при донесувањето одлуки за изградба на социјални станови, а Атул Хатвал, директор на организацијата Migration Matters, предложува дури и квотите за примање бегалци и имигранти да се спуштат на пониско ниво, со што, смета тој, „радикално десните агитатори“ нема да можат да го користат аргументот дека политичкиот естаблишмент на локалните заедници им ги наметнува одлуките за имиграцијата.

Во есејот со наслов „Универзални темелни услуги“, Ендру Перси од Институтот за глобален просперитет оди уште понатаму па предлага сите одлуки за социјалните услуги – од домувањето преку бесплатниот градски превоз до бесплатен пристап до интернет – преку деволуција исто така да им се препуштат на регионите и општините, додека поранешниот лабуристички министер Џон Денам го бара истото за Англија која, како што вели, страда од „двоен демократски дефицит“ зашто е „единствениот дел од Велика Британија чија внатрешна политика ја одредува британската влада“.

Во делот од публикацијата кој е посветен на економијата се наведени низа статистики кои покажуваат дека Велика Британија регионално е изразено нееднаква, на пример дека лондонската економија за време на финансиската криза растела за три, а на североистокот од земјата за еден процент, и дека помеѓу 1970 и 2008 година уделот на финансиските услуги во вкупната економија пораснал од 16 на 32 проценти, додека уделот на производството се намалил од 32 на 12 проценти. Притоа, дури 70 проценти од вкупната економска активност на финансискиот сектор се одвива на југот од Англија, со Лондон како седиште на таа индустрија. Заради нееднаквоста во приходите тројцата автори се залагаат за воведување универзален темелен приход, при што сите напоменуваат дека тоа не може да биде решение за сите аспекти на социјалната сигурност, но со нив, како што пишува активистката Барб Џејкобсон, симболично се потврдува еднаквоста на сите граѓани, што потоа влијае на „начинот на кој луѓето се доживуваат себеси и се однесуваат кон другите“.

Есејот „Поглед од Шкотска“ на претставникот на Шкотската национална партија (СНП), Томи Шепард, би можел да послужи како своевидна потврда за тезите на останатите автори зашто сите 32 единици во Шкотска гласаа против излегување од ЕУ. Со исклучок на крајбрежната област на североистокот, тврди Шепард, каде рибарите и земјоделците непријателски гледаат на директивите на ЕУ кои ги регулираат тие области, Шкотланѓаните генерално се задоволни од користа од членството во Европската унија. Факт е, тврди тој, дека сите пет партии во парламентот ги стеснија редовите околу тоа прашање и тоа оневозможи расизмот и ксенофобијата да „добијат политички легитимитет“, додека постоењето национален парламент и моќна автономија спречија значајна појава на популистичка десница. Затоа и есејот од Шкотска покажува дека понатамошната децентрализација, особено во Англија како единствен британски регион без сопствен парламент, станува општоприфатена идеја за која сè повеќе ќе се дискутира во иднина.

28.10.2018

Извор: https://www.portalnovosti.com