Контраспин: Загадувањето е дело на „здружени напори“ на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ

05.12.2018 00:39
Контраспин: Загадувањето е дело на „здружени напори“ на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ како опозиција се обидува да лови ситни поени во зима, кога загадувањето е природно најголемо, заборавајќи дека практично не направило ништо повеќе освен на хартија цели 11 години. СДСМ, пак, заборава дека загадувањето не е од вчера, ниту настанало во последните 11 години кога владееше ВМРО-ДПМНЕ, а и дека и нив ги чека потврдувањето во пракса

Спин: Проблемот со загадувањето на воздухот 11 години беше целосно игнориран од власта на ВМРО-ДПМНЕ која не презеде ништо, затоа што мислеше како на криминален начин да приграби што повеќе пари од граѓаните.

Зголемувањето на загадувањето на воздухот во овие 11 години е резултат токму на такво криминално однесување, не водејќи никаква грижа за здравјето на граѓаните

По 11 години игнорирање на проблемот со загадувањето, по 11 години системско загрозување на животната средина и зеленилото, денес конечно се преземаат мерки за намалување на аерозагадувањето, се обновуваат и подигаат нови зелени површини, се делува на заштита на животната средина.

[Извор: СДСМ-Соопштение/вебстрана – датум: 04.12.2018]

Спин: Нови голи факти за безочното лажење на Власта, црното време и манипулациите кои се прават со здравјето на граѓаните. Октомври 2017-та година, Премиерот Заев ветуваше чист воздух затоа што како што самиот велеше “немало слобода и живот без чист воздух”. 13 месеци подоцна иронично, но вистинито, заедно со однесената слобода и одземениот живот, нема почист, туку драстично загаден воздух. Аналогно на ваквата изјава, бидејќи воздухот е презагаден, денес сите ние, со премиер на државата Зоран Заев живееме во држава каде нема слобода и живот.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, изјава/веб страна – датум: 04.12.2018]

Контраспин: Од осамостојувањето до денес, двете водечки партии и политички елити во Република Македонија разменија серија обвинувања за тоа чија вина бил проблемот со енормното загадување на воздухот во земјата и кој што направил околу тоа. Притоа и двете партии употребија извртени вистини, т.е. спинови.

Иако без многу детали, повикувајќи се и на извештај што го објавиле медиумите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ наведува дека, иако лидерот на СДСМ ветувал почист воздух, „13 месеци подоцна иронично, но вистинито, заедно со однесената слобода и одземениот живот, нема почист, туку драстично загаден воздух“.

Прво, ова не е точно и претставува извртување на фактите. Само пред некој ден, од Министерството за животна средина соопштија дека споредбите на бројот на загадени денови во 2018 година со оние во 2017г. и 2016 г. покажуваат намалување во вкупниот број на денови во кој воздухот бил загаден над дозволените норми, иако тоа опаѓање е во „благ пад“, како што соопшти заменикот министер Јани Макрадули.

Мицкоски како да заборава дека кога станува збор за аеро загадувањето на пример, значителен придонес има и увозот на стари автомобили кој беше дозволен токму во време на владеењето на неговата партија во периодот од 2006 до 2017 година.

Имено, некаде пред девет години беше дозволен увоз на стари автомобили со олеснети прописи. Резултатот беше следен: импортерите, кои дотогаш продаваа по околу 13 илјади нови возила секоја година, веќе во следната година паднаа со продажбата на околу 3 илјади за потоа да се стабилизираат на околу 5-6 илјади вкупно продадени нови возила во текот на една гоодина. Ако памети јавноста добро и тогаш Владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски, го правдаше увозот со обвнова на стариот возен парк што го имале граѓаните со просек од 15-20 години па и повеќе. Резултатот денес го гледаме. Просечната старост на возниот парк во Македонија е помеѓу 15, според едни податоци, до над 18 години според други и тој се зголемил во 2017 г. во споредба со 2016 година, а Владата на СДСМ дури неодмна донесе забрана за увоз на возила под ЕУР 4 стандардите. Во Македонија, значи, нешто под 500 илјади регистрирани возила во 2017 година, загадуваат поради староста и со помош на тогашната владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Или пак, колкав удел во загадувањето во Скопје има(ше) континуираната изградба на Скопје 2014-та?

Од друга страна, факт е дека во време на ВМРО-ДПМНЕ, а, пред сè, поради барањата и обврските од ЕУ, беа изготвени и национални планови и стратегии за справување со загадувањето на воздухот, водите и почвата… Беа направени и истражувања за тоа кој го загадува најмногу воздухот во Скопје, на пример, како и планови и стратегии за намалување на загадувањето на воздухот од страна на индустриските загадувачи со закони за добивање А и Б интегрирана дозвола, кои никогаш до крај не се спроведоа, туку само се одложуваа и тој проблем остана да го решава и сегашната Влада на СДСМ.

И затоа, СДСМ нема право на извртување на вистината дека ВМРО-ДПМНЕ не размислувале за овој проблем. И во нивно време на ниво на Скопје, на пример, Коце Трајановски промовираше велосипедски патеки и спроведуваше акции за субвенции за печки на пелети, со тоа што парите што ги одвојуваа беа премалку за решавање на проблемот.

Што да се каже, пак, за депониите. Бројката на легални депонии е мала, бројката на црни точки меѓу дивите депонии е голема и згрижувачка. Од легалните, пак, само една одговара на какви-такви стандарди, а тоа е скопската депонија Дрисла.

Но, тие бројки, треба да знаат и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, не се од денеска. За депониите никој сериозно не се грижел над 20 години во оваа земја, така што и во периодите кога биле промените на власта, никој не презел некаква посериозни мерка. Зошто? Затоа што им било прескапо или, пак, се судирале со локалната самоуправа, која, мислејќи на гласачите, често се спротивставувала за ова или она решение за изградба на регионална депонија. Владата со преземање на управувањето на процесот дури сега треба да се докажува, а првата сопка им се протестите во Општина Дебрца.

Конечно, загадувањето на почвата и на водите… Како и кога настана проблемот, на пример, со линданот затрупан на просторот на некогашниот петро-хемиски гигант ОХИС? Како се стигна до енромно загадување на Вардар, Треска, Лепенец…? Кој решил да се зафати со деконтаминација на почвата во Скопје или, на пример, во Велес, по затворањето на ОХИС и велешка Топилница?

Кој и дали некој навистина контролира кои се загадувачите во Тетово, кога Јегуновце сè уште не работи или во Струмица, каде нема големи индустриски капацитети, а пред некој ден беше алармирано за загдувањето на воздухот.

Од друга страна, факт е дека во моментов има формирано интерсекторска група за намалување на загадувањето на воздухот. Опозицијата и многу невладини организации тврдат дека тоа е премалку. Сепак, не треба да се заборави дека проблемите се огромни, не се од вчера и трупани се поради „здружената“ неактивност во пракса и на двете водечки партии во изминатите над дваесет и кусур години. Вината, се разбира, многу ја носат и нивните коалициски партии.

СДСМ сега има шанса да покаже дека од теорија, од планови и стратегии, може да стори нешто повеќе и да донесе суштинска промена на терен. Која да повториме, не се стекнува преку ноќ, зашто проблемот само со аеро-загадувањето, како што оцени еднаш „Вистиномер“, не е „плукни залепи“ проблем .

Само за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје, на пример, според две студии изготвени со понов датум, потребни се вложувања од над 200 милиони евра. А првите сериозни резултати можат да се очекуваат во 2025 година. Сегашната власт и на државно и на локално ниво, треба да покаже дали е подготвена да оди во овие вложувања за да се дојде до резултат. Истото важи и за проблемите со загадувањето на почвата, вклучувајќи ги и депониите и со загадувањето на водите. А ветувањата им се големи.

ВМРО-ДПМНЕ пак, ако мисли да лови дневно-политички поени во зимскиот период, нека не заборава дека освен студиите и стратегиите, речиси и да не мрднале со мал прст во практично решвање на проблемот додека беа на власт цели 11 години, со мали и чесни исклучоци за некоја прочистителна станица за отпадни води.

Поради погоре изнесените факти оценуваме дека издвоените пасуси и во соопштението на СДСМ и во изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, се полувистини, извртени вистини, т.е. спинови.

 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер