1027 hPa
75 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 07:59
Сведоци сме на трендот грамофоните и плочите да влегуваат во срцата на новите генерации поради новите изданија. Сега уште еден заборавен музички формат се враќа како носталгичен потсетник на минатото.
Аудиокасетите своевремено беа културен феномен и беа најраспространетиот начин на слушање музика. За разлика од плочите, не беше квалитетот на звукот тоа што ги привлекуваше луѓето, туку интересната форма и самата постапка на пуштање и премотување. Многу денешни генерации не знаат каква врска имаат моливот и аудиокасетата, ама наскоро би можеле да дознаат.
Се чини дека касетите не кажаа сѐ што имаа и дека се повторно меѓу нас. Сега веќе не постојат само оние старите што се продаваат од носталгични причини, туку дојдоа и целосно нови и ремастеризирани изданија. На Амазон можат да се најдат касети од бендови како што се: Nirvana, Queen, Metallica, Led Zeppelin, U2 и други. И многу од нив воопшто не се евтини кога ќе се споредат со другите музички формати.
Во Велика Британија, на пример, минатата година се продадени 22.000 аудиокасети, а во првите шест месеци годинава растот во продажбата беше дури 90% со тренд тој да се продолжи. Има и такви што мислат дека враќањето на касетите се појавува за уметниците од електронската сцена да добијат посебни изданија и да стигнат до публиката низ целиот свет во физички формат наместо во дигитален. Дали овој тренд ќе заживее и кај нас останува да видиме, ама би можело да биде интересно доколку некои нови изданија на домашните бендови се појават, наместо на очекуваниот винил, баш во форма на аудиокасета.
Извор: citymagazine.rs