Фејсбукот е дрво за бесење на Македонците

05.12.2018 13:56
Фејсбукот е дрво за бесење на Македонците

Македонците на социјалните мрежи се како бомбаши самоубијци: шетаат од профил на профил и експлодираат од незадоволство со Македонија. Тоа се вика автотероризам: остварување невозможни политички цели, од невозможен културен материјал, во невозможни услови, со насилни средства против себе. На тоа дополнително се врзуваат свесно организираните елементи на специјалната војна за која проговори Никола Тодоров и за кои во врска со ангажирањето на Русија во антиреферендумските и антинато кампањи, проговорија други извори.

Секој Македонец го почнува денот со снимка од некој раскурцан контејнер од кој мачките го разнесуваат ѓубрето како што на времето соседите ги разнесувале парчињата на Македонија уверени дека не станува збор за ѓубре. Ја лепат на социјалните мрежи и викаат: каква држава сме станале, бре, каква е оваа власт, кај е Шилегов, што прави Заев, па ко то може да трпи, бре!

Оние што ќе го промашат контејнерот ќе се залепат за некој плац на кој не требало нешто да се гради или плацот не требало да ѝ се даде на некоја фирма што била поврзана со некоја трета организација на првиот криминалец. И повторно со категоричен заклучок: Од нас држава не бидува!

Други имаат амбиции да ги оправаат работите во вработувањето, не требало да се вработи таму и таму жената на некој министер или директор зашто тоа покажувало дека од оваа парче земја никогаш ниту било ниту ќе биде држава. И така натаму.

Загадениот воздух што никој не го чисти, малите групи лудаци што никој не ги ослободува од идејата да го заебаваат целиот град со блокади, зимските гуми на Шекеринска, летните змаеви на Тричковски… Тралала, тралала!


Бомбаши самоубијци

Не велам дека нема основи за критика, односно дека во критиките нема основи. Далеку од тоа. Такво нешто може да тврди само некоја неупатена или идејно и материјално корумпирана будала. Но, проблемот е во тоа што ние како целина сме претворени, односно сме се претвориле во бабетини што висат на тарабите на социјалните и други мрежи и се разоруваат самите себе како заедница на минимум вредности цели и идеали. Општеството кое во таков обем и со таков интензитет и зачестеност истура толкави количества гомна врз себе, на ја растура власта, туку себе, самата идеја за себе, тоа престанува да постои надвор од негацијата на себе.

Второ, таа и таква критика се обидува да прави неверојатна дистанца помеѓу општеството и неговите очекувања и одговорности и сета вина и проекции ги префрла на власта, односно не води сметка за политичката конфигурација што ја испорачува на избори или на други начини и за своите ментални, културни, морални и стручни капацитети. Тоа, заедно со амбициите да не се гиба во идентитетот и во социјалното спокојство изградено врз сеопштата мрза и неталентираност, на историјата ѝ се испорачува како барање да направиме Данска од Македонци, испреплетени во инцестуозни роднински, маалски, партиски, војнички, кафеански, сексуални и секакви други врски.

Па људи моји, јели то могуќе (Младен Делиќ)!

Македонците на социјалните мрежи се како бомбаши самоубијци: шетаат од профил на профил и експлодираат од незадоволство со Македонија. Тоа се вика автотероризам: остварување невозможни политички цели, од невозможен културен материјал, во невозможни услови, со насилни средства против себе.

На тоа дополнително се врзуваат свесно организираните елементи на специјалната војна за која проговори Никола Тодоров и за кои, во врска со ангажирањето на Русија во антиреферендумските и антинато кампањи, проговорија други извори. Фејсбукот стана дрво за бесење на Македонците! Тоа не е критика, тоа е хаос. Смртоносен хаос. Комплетно разнебитување на општеството како успешен крај на мисијата што ја почна вмро-дпмне. Партијата и македонското општество како да умираат истовремено. Многу романтично. А не е дека нема основи околу кои можеме да се обединиме. Јас ќе наведам неколку.

Преспанскиот договор нема алтернатива

Политичката декапитација на Злосторничкото здружување на ВМРО-ДПМНЕ преку пресудата и бегството, односно политичкото самоубиство на поранешниот лидер, и почнатите процеси за економска декапитација преку притворите и судските процеси на важни луѓе, е големо остварување во извонредно тешки услови, со ограничени политички и други ресурси. Тој резултат чие финале го видовме во фијаското на митингот пред Владата и во процесите на идејната диференцијација во партијата, не е паднат од небото. Тоа некој го работел. Јас мислам дека тоа е еден од најважните услови за рехабилитација на македонското општество и на македонската држава.

Второ, Преспанскиот договор, како што може јасно да се исчита на политичката карта на Старата дама, е издигнат на нивото на многу важно европско прашање. Тој момент ги ограничува нашите компетенции, не ги негира, но ги ограничува и е многу важно да го најдеме својот пат и улога во рамките на тие ограничености, за да извлечеме максимуми. Едно е јасно: спротиставувањето на тој процес е антмакедонски и античовечки чин, тоа е злосторство од највисок маштаб, а не политичка алтернатива и така мора да се третира, без пардон.

Зголемени се шансите уставните промени да поминат со поголемо мнозинство. Jас сум од оние што веруваат дека целиот парламент ќе биде за. Мислам со сите фракции на ВМРО-ДПМНЕ, зашто противењето е еднакво на истрел на куршум во слепоочницата, не на Мицкоски - добро и на него - туку и на секоја будала од тој круг. Тоа до вчера беа незамисливи дострели. Незамисливи.

Како се остварени во услови на крајно тесно и во многу нешта проблематично мнозинство, е прашање кое ќе заслужува посебна анализа, но тука ние не можеме да не кажеме дека господинот Заев одигра како некаков македонски, ајде да не речеме Кисинџер, ама покажа нешто од тој вид на велемајсторски политички субјективитет.
Пораките од Европскиот парламент за почеток на преговорите заедно со барањето за екстрадиција на големиот злосторник од Будимпешта, се нов важен момент на кој можат да сметаат силите што не мислат да гракаат од тарабите туку да ги реконституираат општеството и да ја спасат државата.


Југословенските вредности

Ако Заев не сака да се меша во правосудството, може преку своите партиски канали да ја растури мрежата на локалните криминални умрежености, особено во градежништвото, но не само таму; и, второ, мора да најде начин да ги елиминира по секоја цена кадровските мини оставени од режимот на Груевски, од полицијата, каде што имам информации дека ситуацијата е крајно неповолна, до судството, администрацијата и културата. Вклучувајќи ја и самата влада. Со сите ризици. Една работа е доктрината живот за сите, а друга работа е ампутацијата на болното ткиво.

Ете, тоа се тие работи. Но, има уште нешто. Се сеќавате на мојот статус од пред два дена: Македонија во Југославија во однос на Македонија без Југославија е како Јупитер во однос на прдежот на носорогот во скопската зоолошка градина!

А тоа што една група бандити, ебиветри, злосторници, простаци и неписмењаци, таканаречени вморони, ги убеди луѓето дека прдежот на нилскиот коњ е вистинската планета на која треба да се населат Македонците, е рамно на вербата на кравата дека, ако дозволи да ѝ ги пресечат вимињата, ќе ги заебе луѓето што нема да можат да ја молзат!

Ова не е југоносталгичарење. Ова е елемент на новата геополитичка реалност. Македонија мора да обезбеди наднационална дистанца од себе ако сака да преживее. По секоја цена и по цена на сите можни компромиси. Треба да ја шириме свеста за вредностите и дострелите што се постигнати во Југославија, а не да ги негираме, како што правеа скотовите од ВМРО (Музејот на смртта го претворија ли во складиште за пиво?), како што сега мораме да ја шириме свеста за вредностите и предностите на Европа како амбиент и контекст што ќе ги максимализира нашите квалитети, а ќе ги минимизира нашите слабости. Тешко на Европа, но тоа е тоа.



Слики: Павел Кучински
Извор: Слободен печат