Дарко Богданов, стрип автор и илустратор

06.12.2018 01:42
Дарко Богданов, стрип автор и илустратор

Кога би се напишала хроника на македонскиот стрип во новиот милениум, едно од најчестите имиња кои што одново и одново би се повторувале во безмалку сите години од 2001 па до сега, несомнено е Дарко Богданов. Овој македонски стрип-автор, роден 1984 година во Скопје, живее и работи во Виница, град кој како и сите помали места од внатрешноста на Македонија и не е така благопријатна средина за занимавање со деветтата уметност. Но, ако се има предвид неговиот досегашен богат стриповски опус и активности, човек би се запрашал: зарем воопшто можел да постигне нешто повеќе доколку живеел во некоја друга средина каде што оваа уметност е на нивото на општествениот статус кој го заслужува?

Богданов со стрип се занимава од раното детство, а првпат, на своја шеснаесетгодишна возраст, објавува на почетокот од 2001 година во седмиот број на тогашната македонска ревија „Стрип Арт“. Оттогаш неговите стрипови се на страниците на бројни списанија, меѓу кои „Стрип Креатор“ и „Синдром“, за веќе во 2011 година да го објави своето првенче – графичката новела „Модус Вивенди“ на која се потпишува како комплетен автор. Во 2014, како плод на неколкугодишната соработка со сценаристот Јордан Коцевски, излегува албумот „Мрак Хумор Тишина“, а по две годни, на самиот крај од 2016 година, исто така во соработка со Коцевски, го објавува албумот „Витези од соседството“.

За своите стрипови, Богданов има освоено три награди, а зад себе има и три самостојни и бројни групни изложби на стрип-табли и илустрации, како во Македонија, така и во странство, а од неодамна и теориски се занимава со стрипот.

Децата најчесто посакуваат кога ќе пораснат да станат астронаути, полицајци, стјуардеси, пожарникари, доктори или пилоти (а во една наша добрососедска земја и дилери). Кога вие бевте дете посакувавте ли еден ден да станете она што сте денес – стрип-автор?

Мислам дека првенствено како и секое дете, така и јас, најпрво сум сакал да бидам баш лик од некој стрип. Дали тоа бил Загор, Блек или Командант Марк, кои најпрво ги имав читано, па низ детските игри ги „глумев“ мислејќи дека сум некој од нив (дури долго време се обидував да ја направам и камената секира на Загор, најчесто безуспешно). За жал, не сакав да станам дилер [хаха].

Конкретно не знам кога точно се јави желбата да станам стрип-автор, мислам дека тоа е можеби моментот кога сфатив дека стриповите не настанале од некоја печатарска машина или по пат на магично стапче, туку дека ги напишале и нацртале живи луѓе. На времето додека растев во голем број стрип-изданија не ги пишуваше авторите, не знам поради кои причини беше тоа така. Потоа ден по ден, стрип по стрип, при рака ми дојдоа и стрипови каде убаво стоеше кој го напишал а кој го нацртал, и целата работа доби сосема друга димензија. Кога со тек на време го открив и мојот талент и желба за цртање, некаде во средината на моето основно образование, идејата да пробам да цртам сопствени стрипови се искристализира. А веќе на 12-13 години и одлуката да се занимавам со цртање, стрипови или нешто друго во склоп на ликовната уметност, целосно се потврди и забетонира во мојот ум.

Имајќи предвид дека го работите она што отсекогаш сте го посакувале, претпоставувам дека денес сте среќен човек. Но, зарем заклучокот на трибината за македонскиот стрип во рамки на годинешната Балканска смотра во Лесковац, во која и вие учествувавте, не беше дека „ситуацијата воопшто не е розoва“?

Нема причина човек да не е среќен доколку и покрај сите предизвици и тешкотии не се откажал да го работи тоа што најмногу го сака. Нормално финансиското салдо на банкарската сметка од таа работа може и да не се согласува со таа констатација [хаха]. Но, ако се следат и бркаат пари, тоа е најбрзиот пат на неуспехот во ваква дејност. Најважна е посветеноста, најважна е работата врз самиот себе, тестирањето на сопствените можности, способности во остварувањето на своите замисли, експериментирањето со стилови и пристапи при работа на приказните, а не следење на стерилен шаблон.

Најважното е останувањето доследен на самиот себе. Возбудата при самиот чин на создавање нешто од ништо, кога душа ќе се излее врз хартијата, кога ќе остане трага, потег со тушот, букви кои ги оформуваат зборовите на приказната, кои со малку среќа, може да бидат на ниво на магија, не се заменува ниту купува со никакви пари, со никаков статус во општеството, ниту пофалби од некое „стадо следбеници“. Парите доаѓаат и си одат. И потем пак исто така. И пак. И пак. А секој што ќе фати да се занимава со цртање и уметност заради пари, заради слава, заради фалба, уште во старт е застанат на нестабилен темел на работите. Делата се шупливи, површни. Лесно е воочливо какви дела се тие што се извадени по нарачка и поради следење трендови, и тие во кои авторите верувале со целото свое битие без задржување и до последен здив.

На трибината во Лесковац, точно, тој впечаток се доби, и тоа на одреден начин и навистина е така. Не е розево, ни најмалку. Има многу проблеми и тешкотии за оваа дејност. Но најчесто не се од авторска природа, а од други општествени и економски околности, како и меѓучовечки односи. Отсуството на розевото не е изговор за полесно да се жалиме и обесхрабруваме, иако тоа е многу примамливо, да се дигне рака и да се каже „нема пари, нема откуп, нема ова, нема она“, па да чекаме нешто од небо. За стрип парите и заработката се важни, но не најважни. Ситуацијата ни е таква, а со жалење нема да се подобри. Трчање треба. И нормално можеби и најважно – транспарентен и коректен однос од сите засегнати страни. Некои нешта не мора човек да ги чека само од институциите на државата, треба и во периодот помеѓу распишани конкурси на други начини да се бара местото на стрипот во ова општество, во оваа средина, и меѓу овие луѓе, доколку сакаме драстични промени. Сѐ зависи колку некој од нас е одлучен и принципиелен да истурка нешто до крај. Онака, партизански ако треба дури. Нема да е прв ни последен пат.

Што е она со што стрипот првично ве плени и со што, очигледно, ве привлекува до ден денес?

Можеби најмногу тоа што стрипот е таков медиум кој ги обединува сите мои сфери на интерес во едно. Кога човек ја сака филмската уметност и анимацијата, но во исто време ја сака и литературата, и секако и ликовната уметност, ама не може да се одлучи на што сѐ од тоа сака да се посвети целосно, што на крај да направи? Нормално ќе се посвети на создавање стрипови [хаха]. Иако во мојот случај предноста ја однесе ликовната уметност и цртањето во однос на другите наброени категории како примарна дејност, сепак секогаш чувствував дека не е доволно и дека мора да има и нешто плус, од другите уметности во едно мое дело. И затоа стрип, и затоа е тој медиум најпогоден за сето тоа, за обединување на сите замисли, интереси и стремежи за искажување.

Мислам дека легендата на југословенскиот и српскиот стрип – Бане Керац, беше оној кој во интервју изјави дека станал стрип-автор затоа што во негово време немало смартфони. Во дигиталново доба, во кое на ТВ приемниците може да се избира од педесеттина канали, преку само неколку клика на компјутерската тастатура може да се дојде до буквално сѐ и во кое стрип-хероите масовно емигрираа на филм, мислите ли дека новите генерации имаат шанса искрено да го засакаат стрипот?

Мислам дека секоја генерација го засакува стрипот на свој посебен начин во склад со своето време. Во наше време беа сосема поинакви околностите и средствата за забава и разонода. Можеби затоа и стрипот има фатено подлабок корен кај нас условно кажано постарите. Денешното време е многу поразлично, има многу повеќе можности и сѐ навистина е на дофат, но баш поради тоа ми се чини и дека стрипот како медиум западна во подолготрајна криза. Интернетот, претерано големата комерцијализација на идеите и концептите, трансформацијата на стрип-ликовите во други медиуми, како холивудски блокбастери, компјутерски игри, мислам дека го ставија во втор план самиот стрип. Веќе одамна, на пример, на американските стрип-конвенции најмногу простор за промовирање и внимание се дава на холивудските актери, продуценти, креаторите на компјутерски игри, косплеј фандомот, фигурите и останатите аксесоари со стрип-мотиви, отколку на самите автори и нивните креации, а уште помалку на фактичките стрип-издавачи и стрипарници. Едноставно, споредните дејности поврзани со стрип-медиумот, сега го земаа приматот. Многу од фановите на стрип-филмовите и сѐ останато, на пример, преку филмот дури доста отпосле дознаваат дека се тргнало најпрво од стрип.

Стрипот е комерцијален медиум, тоа е факт, отсекогаш бил, меѓутоа денеска сета таа експлоатација на комерцијална основа го трансформира стрипот во брза храна, го купуваш, го читаш, имаш милион „евенти“ кои претураат од шупливо во празно, за на крај пак да остане на статус кво и сѐ да се заборави со наредниот таков „евент“. И потем пак од почеток до недоглед, неинвентивно, неинспирирано, па да се создаде привид на оригиналност ќе се направат некакви „кросовери“ и што сѐ не...

Авторскиот печат и чувството дека некој стрип е нешто исклучително сѐ помалку го има, сѐ повеќе е на сила бизнис-логиката и обликувањето на концептите според желбите на широките народни маси, па поради тоа добиваме и мал милион генерични и приказни, и ликови, и цртачки стилови дури. Кога е тоа на сила, напредок и развивање на самата дејност, многу и нема баш. Сепак, кога ќе се налета на некој свеж концепт, свежа и инспирирана замисла преточена во стрип, или издавачи кои иако имаат помала публика сепак промовираат дела со авторски печат и инвентивност, задоволството е доста големо, така што има надеж. Само тоа не треба да се бара во стрип-корпорациите многу-многу [хаха].

На почетокот од 2001 година, на страниците на седмиот број на „Стрип Арт“ излегува вашиот прв објавен стрип – „Браќа по оружје“. Но според тоа што го наведовте вие и претходно, како дете, имате цртано стрипови. Би сакале ли да откриете нешто повеќе за тие ваши први дела на кои наречниците не им биле многу наклонети?

Да, тоа е првиот објавен стрип, односно втора верзија на стрипот, истата приказна но нацртана целосно од нула по втор пат. Нормално, од денешен аспект ни таа втора верзија не е воопшто добра, и којзнае дали и би ја дал за објавување [хаха]. Но, што да се прави, на мои 16 години тоа беше нивото. Сепак, постои драстична разлика на подобро отколку првата верзија, па можеби затоа и ми се даде шанса на што искрено сум благодарен.

Инаку пред тој стрип, да, имаше доста што завршени, што незавршени стрипови, и тоа од најразлични тематики, инспирирани или од филмови, или од стрипови и книги што сум ги открил и ми оставиле впечаток. Па така, на пример, кога почнав за првпат да се обидувам да нацртам авторски стрип на мои 14 години, имам прв завршен стрип со СФ тематика на 17 и пол табли, инспириран од анимираната серија „Коњаникот Сабја и ѕвездените шерифи“, потоа кога го открив Поручник Блубери се роди цел вестерн-стрип на 64 табли во поголем дел и истуширан, па кога бев навлечен на Астерикс, почнав нешто слично со Стари Словени, што остана само на 12 табли во молив и што беше некој амалгам од Астерикс и Дикан, од периодот кога ги читав Командант Марк или Блек, исто имам започнат стрип од кој има 5-6 табли во молив, каде нешто си измислувам со црвените мундири и револуционерите [хаха]. Кога ја читав „Мечот од Шанара“ од Тери Брукс, една од ретките книги со епска фантастика што ми се допаднале, дојдов на идеја да ја адаптирам како стрип (од денешен аспект сето тоа е баш налудничаво со оглед на обемот на самата книга), па си закомплицирав уште повеќе што решив да го цртам во манир на Принц Валијант и во стил на Харолд Фостер... Споменик на таа лудост се 4-5 гигантски табли 50 на 70 cm во молив...

Едноставно на тој период од 3-4 години гледам баш како на барање на самиот себе, и конкретно на тоа што сакам да го направам. Целосно погрешен пристап беа тие стрипови секако, дека во тоа време немаше шанси човек да дознае како се создава еден стрип, без интернет, без помошна литература за стрип-цртачи, па човек талка и пробува сам да дешифрира сѐ живо околу тоа. Но и ден денес се осеќа од тие табли тој жар, таа желба да се раскаже некоја приказна, желба да изгледа макар еден процент налик на тие стрипови што ме инспирирале, на такво ниво, така да, тоа е можеби еден од најинспирираните периоди од мојот живот, кога за првпат го учев занаетот.

Се согласуваме дека најмалку имагинативното прашање кое може да му се постави на еден автор е „од каде црпите инспирација?“ Но имајќи го предвид заштитниот знак на вашите стрипови и илустрации – црнилата, некако природно се наметнува да ве прашам во која мрачна визба од потсвеста ги зачнувате вашите идеи?

Рака на срце, во последно време почнав помалку да ги бојам црнилата [хаха]. Ама мракот останува главната состојка, сепак, дури и кога се изразувам со боја, во некоја апстрактна асоцијативна смисла. Не знам колку е визба, можеби повеќе е котел за магична напивка зготвена на некој вештерски оган на полна месечина [хаха]. Едноставно влијанијата се големи и разновидни. И сето тоа е синтетизирано и склопено како некој мозаик, од сите страни. Може да е од секојдневен живот и околина некој дел некогаш, па сето тоа споено со влијание од некој филм, некоја книга, некој стрип што оставил впечаток и така промешано во мојот котел и потем сервирано на маса.

Ете, на пример, ми влијаела доста таа некоја „мрачна литература“ почнувајќи од Данте Алигиери, па преку Едгар Алан По, па потоа Шарл Бодлер, Михаил Булгаков, па Лермонтов, Оскар Вајлд, Хулио Кортасар, Габриел Гарсија Маркес, Франц Кафка и неговата „Метаморфоза“ и „Процес“. Од музиката, на пример, почнувајќи од Фредерик Шопен и Клод Дебиси па сѐ до модерната дарк вејв и готик музика и бендови како македонските Мизар, Архангел, екс-ју бендовите ЕКВ, Добри Исак, Ла Страда, Луна и така натаму, па потоа и светските бендови Bauhaus, Siouxsie and the Banshees, The Cure, The Birthday Party, Nick Cave, Einsturzende Neubauten, а зошто да не се спомне и целата гранџ сцена – Nirvana, Soundgarden, Alice in Chains, Smashing Pumpkins, па и Pearl Jam и Screaming Trees… Музиката иако звуковен медиум, да го наречам, многу силно влијае и на некое потсвесно ниво ги оформува сликите во глава многу често, затоа и постојано се истражува на тоа поле и постојано се бара нови правци и бендови, исто како што и литературата преку зборови сугерира исти такви слики и идеи преку читање и истражување. Филмската уметност како можеби најблиска форма до стрипот исто така е многу важен составен дел од тој „котел“, режисери како Фелини, Тарковски, Кјубрик, Херцог, па зошто не и Хичкок или Бергман или Буњуел и Ходоровски...

Автори на стрипови кои помогнале при раѓање на некои мои идеи се пак премногу исто така – Валас Вуд, Алекс Рејмонд, Винзор Меккеј, Харолд Фостер, Нил Гејман, Алан Мур, Алберто Бреча и Хектор Остерхелд, Хозе Муњоз и Карлос Сампајо, Фернандо Фернандез, Хуго Прат, Жан Жиро-Мебијус, Берни Рајтсон, Хозе Ортиз, Хорди Бернет, па и андерграунд авторите исто така од типот на Роберт Крамб, Спејн Родригез, Гилбер Шелтон, Арт Шпигелман, Чарлс Барнс, од најзначајните места е секако резервирано и за Тицијано Склави и неговиот тим на цртачи со кои го дефинира серијалот Дилан Дог, посебно првите 100 епизоди додека бил активно вклучен... Неблагодарна работа човек да ги наведува инспирациите и влијанијата, затоа што секако ќе заборави некого, а и невозможно е сѐ да наведе, да се почне, само овој одговор би можел да фати минимум 10 страници текст. Едноставно секој автор е како призма, која ја пропушта светлината од сѐ и секого наоколу и тоа што ќе се прекрши низ поминувањето, тоа е тоа нашето на крај.

Со високо образование се стекнувате во престолнината на Бугарија, а извесен период таму и работите. До кој степен е стигната стрип-културата во таа наша соседна земја? Дури и поупатените македонски вљубеници во деветтата уметност, ми се чини дека немаат некоја претстава за стрип-случувањата таму, а за жал и соработката меѓу стрип-чинителите од двете страни на границата е на некој минимум.

Мислам дека доста се напреднати. Тогаш кога почнав студии во Софија, некаде 2003 година, се појавија нови бугарски издавачи кои на почеток срамежливо почнаа да издаваат стрипови, најпрво преведени изданија од Marvel, Image, Dark Horse, Tokyo Pop и слично, па и од француско-белгиската школа, за потоа нормално да се активираат и на полето на афирмација на домашните автори и изданија, прво преку списанија, и мини серијали, а потоа малку посериозно. По неколку години за жал и кај нив се случи затишје, издавачите ја запреа нивната активност, некои пропаднаа поради економските прилики со глобалната економска криза. За среќа, се ревитализираа по неколку години па дел од нив пак почнаа да издаваат изданија, почнаа да се организираат курсеви, а и авторските албуми станаа почести. Дополнителен импулс секако дадоа и постарите автори од времето на легендарното бугарско списание „Дага“ (Виножито) со нивното здружение, нивните изложби, што резултираше на крај и со внесување на категоријата „стрип“ во рамките на Здружението на ликовни уметници на Бугарија, каде во самото седиште се направија големи изложби на стрипови. Исто така, Софија последниве години има и сопствен Комик Кон, на доста високо ниво, така што ми се чини дека се развиваат забрзано, иако и самите сѐ уште имаат доста проблеми во поглед на работата и пласманот и статусот на домашните автори.

Соработката за жал е доста слаба и инцидентна, најмногу поради сѐ уште недоволно воспоставените контакти и врски меѓу авторите. Имаше некои контакти и гостувања пред неколку години, но со оглед на општите состојби на нашата сцена, не се одржаа за жал. А мислам дека има доста многу работи кои би можеле да се научат и разменат како искуства меѓу двете страни, и на тој начин заеднички да се напредува.

Вие сте досега единствениот стрип-автор од Виница, а воедно и еден од ретките од источниот дел на Македонија. Зарем „почвата“ од оваа страна на Повардарието е до толку сушна за развојот на стрип-уметноста?

Мислам дека има простор за работа и развој, но изгледа пресудно е што сме малку автори во овој регион од Велес па накај истоков. До сега имаше премала логистика, исто така и киосците од поодамна замреа па секое евентуално ново издание тешко пристигнува овде. На пример во Виница само на едно место може да се купи нов стрип. Така што до сега сѐ остануваше на трудот и иницијативата на нас авторите кога се има прилика волонтерски и ентузијастички да се направи некое стрип-случување. Но ми се чини дека има шанси за промени на тој план, колку сме, толку сме, токму сме, и времето ќе покаже. Само треба да се истрча машки сето тоа [хаха].

Оваа година се јавувате како коавтор на книга за стрип, поради што некои прокоментираа дека не само што сте цртале убаво, туку сте имале скриени афинитети и за пишување. Што ве мотивираше да се вклучите во еден ваков проект?

Уцена со компромитирачки материјали [хаха]. Едноставно ова беше еден нов поинаков предизвик од сето она што сум го работел до сега. До сега обично други ми пишувале рецензии за моите стрипови, а сега ова беше прилика јас да сум тој што рецензира. И тоа не кои било стрипови и автор, а стрипови од нашиот најдобар стрип-цртач Љубомир Филипов кои ги работел за издавачот „Дневник“ од Нови Сад. Со оглед на тоа дека Филипов е еден од нашите автори на кои многу се имам угледувано кога почнував, ова беше не само предизвик, туку и голема одговорност, затоа што реално многу малку се написите и текстовите за неговиот живот и дело, а уште помалку пак конкретно се рецензирани негови стрипови. Плус ова искуство со рецензирањето беше само уште една прилика да се потсети човек зошто и на прво место се одлучил да почне да се занимава со стрип. Мислам дека книгата излезе доста интересна, добро склопена, темелно истражена со до сега непознати информации за стриповите и за самиот Филипов од страна на Александар Стеванов, и дополнително збогатена и заокружена со текстовите на „братот по рецензии“ – Сашо Гачев. Се надевам дека и во иднина ќе се продолжи да се развива и овој аспект од нашето стрип-наследство, архивирање, анализирање и теоретско покривање на македонската стрип-историја и македонските стрип-автори и нивните дела.

Наскоро треба да започнете со работа на стрипот чиј наслов се римува со „сто и еден милион“. За што точно се работи?

Меѓу повеќето проекти кои чекаат на ред е и тој еден римуван со „сто и еден милион“ [хаха]. Проектот е сѐ уште во почетна фаза, поставен е синопсисот и описите на ликовите, останува само уште да се причека моментот за почеток на конкретната работа. Концептот е во стил на француските псевдо-историски стрип-серијали, каде што дејството е делумно во зададени историски рамки со историски ликови, а делумно фиктивни ликови и настани. Дејството е сместено во еден не толку познат период од античката историја на овие простори, III век пред новата ера, каде се испреплетени историски и донекаде и митолошки моменти. Но тоа ќе се открие повеќе во догледна иднина кога и ќе се започне со темелна работа, па ќе се види и самиот обем на целиот проект најубаво и во какви мрачни или светли предели ќе тргне на својот пат.

Слики: Дарко Богданов