Познатиот куратор Чарлс Еш гостува во Национална галерија

06.12.2018 03:01
Познатиот куратор Чарлс Еш гостува во Национална галерија

Јавната дискусија „Институција за можните иднини – колекцијата како отпор“ ќе се одржи вечерва ( 6 декември) од 18:30 часот во Даут пашин амам. Концептот и модерацијата е на Ивана Васева, самостојна кураторка, програмска директорка на ФР~У и надворешна соработничка на НГМ. Учесници на дискусијата се Чарлс Еш, куратор и директор на Музејот ВанАбе од Ајндховен, Холандија и Алберт Хета, уметник, директор на Стацион – Центар за современа уметност Приштина, Косово.

Дискусијата „Институција за можните иднини – колекцијата како отпор“ е настан кој се надоврзува на двете дебати во Националната галерија на Македонија кои се одржаа во декември минатата година како вовед во одбележувањето на 70-годишниот јубилеј на институцијата.

Минатата година двете дебати вклучија поранешни директори и в.д. директори, историчари на уметност и колеги соработници на НГМ, оваа година, таа продолжува со диксуија со Чарлс Еш, куратор и директор на Музејот ВанАбе од Ајндховен, Холандија, кој е еден од најпознатите куратори на денешнината и Алберт Хета, уметник и директор на Стацион – Центар за современа уметност Приштина, Косово како една од најперспективните инатитуции во регионот, околу значајноста на начините на презентација на колекциите и нивното чување и збогатување.

Во рамките на оваа дискусија Чарлс Еш ќе одржи предавање насловено „Демодерна можност“ за уметничките и музејските активности кои се обидуваат да придонесат кон општествена промена. Општеството и културата изгледа дека се наоѓаат во точка на транзиција и дека модерното/постмодерното/алтермодерното објаснување на светот веќе не постои. Прашањето е како да се постави различен начин на гледање и размислување. Презентацијата ќе се обиде да сугерира како да започнеме да одговараме на тој предизвик.

Чарлс Еш е директор на Ван Абе музејот во Ајндховен, Холандија. Тој е професор по современа уметност и кураторство во Централ Сент Мартинс, Лондон и е ко-директор на Afterall Journal and Books. Тој предава на курсот за студии за изложби во Централ Сент Мартинс и на Јан ван Ејк Академијата во Мастрихт.

Алберт Хета е уметник, куратор, дизајнер и социјален критичар кој живее и работи во Приштина. Уметничките дела на Хета се често едноставни гестови на интервенција во постоечка општествена ситуација, одговори на дадена ситуација, или преиспитување на постоечки објекти.Неговите значајни дела се: „Време е да се посети: не е потребна виза“, јавна интервенција на билборди на Бритиш ервејс во Приштина (2003); „Амбасада на Република Косово во Цетиње, СЦГ“ (2004) за Биеналето во Цетиње, курирано од Рене Блок и Наташа Илиќ; и неговиот „Косовски павилјон Венециско биенале 2005“ (2005); дистрибуирани во соработка со e-flux, не се само инсталации или потези на апропријација, туку и чин на ангажирање и односи со условите под кои делата биле прифатени од кураторите, медиумите, политичарите и јавноста.

Дискусијата ќе се одржува на англиски јазик.

Оваа дискусија е дел од курираната групна изложба на Ивана Васева во НГМ која ќе се случува во јуни 2019 година а оваа година се надоврзува на истражувачкиот проект на асистентот на Музејот на американска уметнот од Берлин. Настанот е организиран во соработка на Град Скопје, Национална галерија на Македонија и организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У).

ОкоБоли главаВицФото