Почина режисерот Љубиша Георгиевски

06.12.2018 12:05
Почина режисерот Љубиша Георгиевски

Утрово, на 81-годишна возраст, почина Љубиша Георгиевски, театарски и филмски режисер, драмски писател и есеист, теоретичар на театарот и професор по театарска режија и актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Георгиевски на македонската јавност, освен од уметноста, ѝ е познат и од политиката. Тој во 1994 година беше кандидат за претседател, потоа од 2000 до 2004 година беше амбасадор во Бугарија, а во периодот од 2006 до 2008 беше претседател на Собранието на Република Македонија.

Георгиевски е роден на 30 мај 1937 година во Битола. Дипломирал на Академијата за театар, филм, радио и телевизија, група „Театар и радиорежија“, во Белград 1974.

Како театарски режисер, има поставено над 160 постановки во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Бугарија, Романија, Полска и други држави, како и четири постановки во САД, каде што на универзитетите во Јужна Калифорнија и во Тексас предавал теорија на театарот и актерска игра. Неговите претстави се играат на повеќе од десет јазици и тие гостувале низ Европа, од кои позначајни гостувања се во Москва и Виена.

Георгиевски има објавено десетина книги. Како филмски режисер има режирано четири филма.

Добитник е на повеќе од дваесет награди во рамките на поранешна Југославија, како и наградата од критиката за претставата „Искушение“ од Вацлав Хавел во Theater Center како најдобра претстава на театарската сезона.

 

ОкоБоли главаВицФото