На фестивалот КРИК 03 гостува генералниот секретар на Гете институтите Јоханес Еберт и уметници од Данска и Словенија

06.12.2018 12:18
На фестивалот КРИК 03 гостува генералниот секретар на Гете институтите Јоханес Еберт и уметници од Данска и Словенија

Утре (петок, 7 декември) продолжува програмата на третото издание на КРИК, фестивал за критичка култура. Ќе биде презентиран проектот „Простори на слободата“ (Freiraum).

Овој проект инициран од Гете-институт ја истражува темата на слободата, како се доживува поимот слобода во градовите во Европа, кои прашања произлегуваат кога граѓаните, научниците и културните работници локално размислуваат за поимот „слобода“ и кои проблеми може да се препознаат во градот? Со овој проект Гете-институт цели кон младите луѓе со мигрантско потекло кои често се маргинализирани и оние кои се критички или во најмала рака скептично настроени кон денешната Европа, но сè уште се отворени за разговор.

На вечерта посветена на проектот „Простори на слободата“ (Freiraum), Генералниот секретар на Гете-институтот Јоханес Еберт ќе одржи кратко предавање, по што ќе следи дискусија со Елена Велјановска од Контрапункт и Сигне Софи Богилд од Фестивалот за архитектура во Копенхаген.

Истата вечер ќе се одржат и филмските проекции на филмовите за проектот „Простори на слободата“ (Freiraum) на тандемот Скопје-Копенхаген. Краткиот уметнички филм „Номадски идентитети - талкајќи низ слободата во себеси“, на Контапункт тимот, кој истражува повеќе теми важни за денешната перцепција на поимот слобода. „Промена на идеалите, ре-креирање на слободните простори" е насловот на филмот на тимот од Фестивалот за архитектура во Копенхаген, кој се занимава со поимот слобода, но и со демократијата и идентитет во дизајнот и употребата на јавниот простор.

„Номадски идентитети - талкајќи низ слободата во себеси“ е краток документарен филм, а во авторство и продукција на Контрапункт (Владимир Јанковски, Искра Гешоска, Ѓорѓе Јовановиќ и Елена Велјановска), кој се обидува да ги истражи нестабилните значења на слободата, мноштвото на нејзините читања и искусувања. Филмот е снимен во Копенхаген. Низ интимните приказни на петмина протагонисти, кои се по потекло од Македонија, а кои живеат и работат во Копенхаген, овој уметничко-документарен филм се обидува да истражи неколку аспекти на современите читања на поимот слобода. Протагонистите во филмот, низ нивните мета нарации, контекстуализирани низ визуелниот артистички и графички прстап на Ѓорѓе Јовановиќ, отвораат мноштво прашања, меѓу кои: Како слободата е поврзана со местото на живеење?; на кој начин новите форми на мобилност, номадско искуство влијаат и го обликуваат разбирањето на слободата?; како се гради хетерогеноста на идентитетот во корелација со слободата?; Дали искуствата на слободата се утопија или стварност?; кои се границите на слободата и со што се одредени.

Во сабота (8 декември) ќе се одржи презентација на видео дела и разговор со Ника Аутор, „Естетиката во политички ангажираната и посветена уметничка практика“, а потоа и проекција на филмот „Newsreel 63 - возот на сенките“.
Заедно со публиката ќе бидат обработени филмските алатки и монтажните процедури, коишто биле ставени на тест со цел да го пренесат искуствотото на замолчените и невидливи историски наративи и да ги поттикнат размислите за невидливоста на угнетувачките современи практики.

Ника Аутор завршила студии на Академијата за ликовна уметност во Љубљана, докторирала на Академијата за ликовни уметности во Виеана. Нејзината работа е базирана на експериментални видеа и документарни филмови, филмски есеи, филмски журнал и просторно видео и филмски инсталации. Фокусот на нејзината работа е истражување на оние коишто се невидливи/ неслушнати кои се занимаваат со скриени теми од заборавеното минато и замолчената сегашност. Ника Аутор во своите дела се фокусира на создавање слики, кои се специфични конструкции на колективната меморија, како и на личните усни наративи, се со цел да ги испита политиките на азил и миграција, работничките права, а воедно и политиките на сеќавањето. Таа е дел од колективот Newsreel Front (Obzorniška Fronta), неформален колектив на работници, кои доаѓаат од полето на уметноста и филмската теорија.

Програма:
07.12.2018 (петок)
19:00 - 19:45 Менување на идеалите, ре-преговарање на просторот, Copenhagen Architecture Festival (ДК),
20:00 - 20:45 Номадски идентитети - талкајќи во внатре во слободата, Контрапункт-Скопје (MK), видео проекција
20:45 - 21:45 FREIRAUM/Простори на слободата, Јоханес Еберт (Г),
Воведно предавање проследено со разговор помеѓу Јоханес Еберт и Сигне Софи Богилд, модерирана од Елена Вељановска

08.12.2018 (сабота)
20:00 - 21:00 Newsreel Front- Естетиката во политички ангажираната и посветена уметничка практика, Ника Аутор (СЛ), презентација на видео дела и разговор
21:00 - 21:40 Ника Аутор (СЛ), Newsreel 63 - возот на сенките (2017), 38 мин, филмска проекција

Настаните се одржуваат во Музејот на современа уметност. Третиот дел од фестивалот ќе се одржи од 11 до 17 декември.

Фестивалот годинава ја обработува генералната тема: АЛЕРТ! – пред портите на моќта очекувајте исклучување. На програмата на фестивалот, која ќе се одвива во неколку делови до 19 декември, 2018 година, ќе има предавања, уметнички презентации, дискусии, работилници и филмови.
„КРИК 03 – фестивал за критичка култура ги преиспитува парадигмите на моќта, еманципаторските крстопати на политичкото и на естетското низ патеката која комуницира со сите репресивни облици врз граѓанството“, најавуваат организаторите.

КРИК – фестивал за критичка култура (Критика – Реакција – Идеја – Конфронтација) има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст. КРИК застанува во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор.

КРИК е отворена платформа низ која се истражуваат и изучуваат можностите на проникнување помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството. Во рамки на КРИК се промовираат теориските, социо-културните, економските и уметничките практики како важна алатка со која може да се менуваат општествените наративи.

КРИК - Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот Институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, n.b.k. Video-Forum од Берлин, платформата Светот околу нас – критиката во регионот, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија), Проектниот простор Прес ту егзит (Македонија).

Контрапункт - асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Македонија, Фондација отворено општество – Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 - 2020.
Логистички партнери на фестивалот се: НУ Музеј на современа уметност – Скопје, Младински културен центар и порталот окно.мк
Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа од Загреб и kuda.org од Нови Сад.