Кога во војска ќе појдеш, ќе те убијам јас... во поим

06.12.2018 12:33
Кога на војска ќе појдеш, ќе те убијам јас... во поим

Првата сезона од серијата Homecoming, трилер за жена психолог што работи во програмата за ресоцијализација на американските војници, толку е заокружена што најавеното продолжение е непотребно.

Не се гордеам со тоа, ама признавам: некогаш бев од оние напорни ликови што постојано трубат дека сериите се новиот филм и кому воопшто му требаат филмови кога имаме толку добри серии! Како да мора да се бира или едното или другото, како сериите и филмовите да имале некаков крвав гладијаторски судир од кој сериите излегле како победници и триумфално го згазиле со чизма по гради поразениот и понижениот противник легнат на земја.

Мислам дека се разбираме, јас и ден-денес далеку повеќе гледам серии отколку филмови, ама апсурдно ми е своите преференции да ги издигнувам до ниво на некаков суд кога годишно се снимаат толку неверојатно многу различни филмови на сите страни од светот, а јас од сето тоа годишно гледам едно... Дваесетина комада? Триесет преку сила?

Доволно е, во суштина, да се фрли поглед на годишните критичарски листи за да се види разликата во биодиверзитетот на светот на сериите и светот на филмовите: можете да земете листи од најдобрите од годината што изминува од десет различни филмски критичари и да не наидете речиси на никакво преклопување во наброените наслови, додека во случајот со сериите... Па, можете со мирна душа да се обложите дека горе-долу сите листи со најдобрите овогодишни серии пак ќе се вртат околу едни исти наслови (овој пат: Atlanta, Killing Eve, Pose, Sharp Objects, Bodyguard, The Americans, The Good Place… и, да, Homecoming). Глобалната филмска индустрија годишно генерира стотици наслови околу кои солиден број упатени ќе се согласат дека се, и тоа како, достојни за внимание; телевизиската индустрија – дури и во ерата на peak TV – генерира едвај десетина.

Чест е аргументот – по кој и јас некогаш радо посегнував – дека сериите оставаат повеќе простор за развој на ликовите, а со тоа и повеќе време поминато со ликовите што ги засакуваме. Што начелно е точно, но... Круши или јаболка, нели? Како што форматот на романот не е инхерентно посупериорен од форматот на расказот, така ни форматот на серијата не е сам по себе подобар или полош од оној на филмот, туку е, едноставно, поинаков. Секој има свои компаративни предности и свои потенцијални замки, ама филмот има јасно дефинирани глава и опаш: што е направено во час и пол до два, направено е... А колку подолго трае серијата – толку се поголеми изгледите дека ќе упадне во некоја од тие замки. Особено кога станува збор за ликовите, кои до n-тата сезона неретко се претвораат во карикатури или во зомби верзии на самите себе.

А да не спомнувам дека не е сѐ во дејството и во ликовите! Зашто форматот на филмот овозможува истражување на апстрактните димензии на аудиовизуелниот израз, што во теорија би требало да биде можно и во сериите, само што... Па, мислам колку можете да се сетите на серии што имале барем една епизода налик на, да речеме, осмата епизода од Twin Peaks: The Return? Можете ли да замислите дека во скора иднина, ако воопшто се појави, би можела да се појави серија што во целост би се состоела од такви епизоди?

А потоа ја имаме, еве, и Homecoming. Серија со актери што сме навикнале да ги гледаме на големото платно, како Џулија Робертс и Сиси Спејсек. Серија што е снимена толку филмично, што комотно би можела да се прикажува на големото платно. Серија од десет епизоди во просечно траење од триесет минути, или вкупно околу пет часа – не драстично повеќе од траењето на еден филм. Колку веќе има смисла да се туркаат приказни од типот „филмовите се од Марс, сериите од Венера, Венера btw брутално го издоминира Марс“, кога една од во моментов најфалените серии во суштина е – малку подолг трилер со Џулија Робертс.

Но, немојте погрешно да ме разберете, ова е еден одличен продолжен трилер со Џулија Робертс. Во серијата паралелно следиме две линии на дејство: минатото во кое психологот Хајди Бергман работи како келнерка во кантина кога ѝ доаѓа истражител од Министерството за одбрана за да ѝ постави неколку прашања поврзани со тужбата на мајката на еден војник што одел на терапевтска сеанса со Бергман во Homecoming – на што таа одговара дека никогаш не работела таму.

И така, малку по малку, почнува да се одмотува клопчето во манирот на најдобрите трилери: ништо не е како што се чини од прва, не знаеш кому можеш да му веруваш а кому не, и не можеш да престанеш да гледаш. И макар што сум уверен дека сѐ заедно ништо полошо не би функционирало ни во позбиена форма на двочасовен филм, тие дополнителни три часа воопшто не се вишок, а секоја епизода е една мала заокружена целина со своја глава и со свој опаш.

Впечатокот дека повеќе се гледа еден долг филм отколку кратка серија е засилен со тоа што Homecoming не само што со своето дејство и со стилот реферира на Хичкок и на трилерите на параноја од седумдесеттите, туку и саундтракот на серијата е составен од музика од постоечки филмови од таа сорта: Клут, Сите луѓе на претседателот, Француска врска, Вртоглавица, Кери и многу, многу други. Што било можеби продукциски најтешкиот дел од создавањето на серијата, зашто требало да се лоцираат и да се исплатат сите сопственици не само на авторските туку и на изведувачките права, а со оглед на тоа дека станува збор за музика од десетина филмови што во некои случаи ги снимале и оркестри од по 60-70 луѓе... Богами, секоја чест, ѝ симнувам капа на продукцијата!

Homecoming е, инаку, заснован на истоимениот поткаст од 2016 година (во кој главните улоги ги играа Кетрин Кинер и Дејвид Швимер). Авторите на поткастот, Ели Хоровиц и Мика Блумберг ги имаат напишано повеќето сценарија за серијата, која ја режираше творецот на Mr. Robot, Сем Есмаил – задржувајќи се овој пат само на режисерското столче, без влијание во сценариото (или барем без некое битно влијание, кое би побарувало негов потпис). Есмаил како режисер на повеќето епизоди од Mr. Robot веќе се докажа како врвен стилист, ама затоа нешто послабо се искажа како сценарист – како што се виде по распадот на системот по првата сезона на Роботот – па се надевам дека Homecoming не е само изолиран инцидент и дека во иднина ќе продолжи да држи до она што сепак најдобро му лежи.

Зашто ова е навистина сјајна серија... Или, како што реков, продолжен филм кому ништо не би му додал, а не би му ни, и покрај продолженоста, одзел. Па затоа не легна баш најдобро најавата дека ќе има и – куку леле – втора сезона! Зашто ова е толку фино заокружено, што секое продолжение ќе биде потполно непотребно, посебно кога ќе се земе предвид дека расплетот во однос на вистинската природа на програмата Homecoming е еден од оние расплети при кои помислуваш: „Ууууффф, па КАКО некој од вклучените негативци замислувал дека оваа шема би можела да функционира на подолги патеки?!“ И сѐ да упатува на тоа за да се продолжи кон сѐ позаплеткани корпоративни заговори, баш како оние што го закопаа и Mr. Robot… Мислам дека стварно ќе беше подобро сѐ да останеше на ова и да не мораше да се снима понатаму само затоа што оваа сезона на сите толку многу им се допадна.

Ама што да правиме кога е ова сепак – јебига – серија, а не филм.

Извор: kulturpunkt.hr
 

ОкоБоли главаВицФото