Господинот Хуароз и мислењето (1)

06.12.2018 14:31
Господинот Хуароз и мислењето (1)

Димензиите на светот

‒ Отровот се наоѓа само на левата страна на отровната печурка ‒ мислеше господинот Хуароз, кој, бидејќи долго веќе не излегуваше, беше убеден дека стварноста има само една димензија, како цртеж на лист хартија. Другата страна секогаш може да се изеде ‒ велеше тој.

 

Теорија за скоковите

Вториот дел од скокот е секогаш спуштање, но вториот дел од скокот надолу не е искачување ‒ мислеше господинот Хуароз.

Ако од подот скокнеш во вис, повторно ќе дојдеш на подот, но ако скокнеш долу од триесетти кат веројатно нема повторно да се искачиш на триесетти кат.

Било како било, господинот Хуароз, од мрзливост, секогаш одеше со лифт.

 

Пад

Ако земеме предвид дека е падот обична промена на место, измена на позиција на тело долж вертикална траектерија, тогаш падот престанува да биде толку застрашувачки ‒ мислеше господинот Хуароз.

Да паднеш од висина од сто метри и да поминеш сто метри во парк сочинува, во суштина, исто дејствие; единствената разлика е во насоката на движење.

Проблемот на падот, според тоа ‒ мислеше господинот Хуароз ‒ не е прашање на број на метри. Од лево на десно или од десно на лево, сè е во ред. Озгора надолу, тогаш станува тешко.

Но е сепак само прашање на насока ‒ повтори господинот Хуароз во моментот додека, одново, не забележувајќи, влегуваше во слепа улица.

 

Имињата на работите

За да покаже дека не ѝ се покорува на диктатурата на зборовите, господинот Хуароз секој ден им даваше поинакви имиња на работите.

Половина од неговиот работен ден минуваше така во давање имиња на работите.

Понекогаш почетнава задача толку го изморуваше што втората половина од денот ја минуваше одморајќи се. 

Кога ќе заспиеше, новите имиња на работите, во соништата, се мешаа со старите, и понекогаш господинот Хуароз се будеше толку шашардисан што првата работа што ќе се обидеше да ја земе ќе испаднеше и ќе се скршеше, без тој накратко да ѝ го знае името.

 


Слики: Valerio Adami
Избор и превод: П. В.
Gonçalo M. Tavares - O senhor Juarroz e o pensamento, 2004.

 

ОкоБоли главаВицФото