1033 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 11:59
Ивана Драгичевиќ речиси две децении е новинарка за надворешна политика. До 2014 година работела во ХРТ, за потоа да стане уредничка на надворешната политика на телевизиската станица Н1. За својата работа добила низа награди. Оваа година ја објави публицистичката книга „Нееднаквите“ во која проблематизира низа прашања на современиот свет, како што се кризата на глобализацијата и Европската унија, одосот кон бегалците, положбата на Африка, растечката социјална нееднаквост и доаѓањето на власт на Доналд Трамп.
Се чини дека нашата земја нема јасен концепт за надворешна политика, како на европски така и на глобален план. Многу нешта се пропуштени па и отфрлени, да речеме наследството на движењето на неврзаните. Како ја оценувате хрватската надворешна политика?
Иако номинално сме дел од ЕУ и НАТО, нашето општество се провинцијализираше. Ако не сте во состојба суштински да артикулирате кои сте и што сакате, во таков контекст е тешко да се формираат сите политики, па така и надворешната. Поставувањето во позиција на инфериорност со аргументот „мала земја“ може да значи и дека зад тоа лежи безидејност, задоволување со мал, провинцијален, доминантно национален контекст. Затоа не е чудна ни импресијата дека тука само се фаќаат „некои возови“ во денешниот свет кој повикува на активно учество на сите. Тоа што сте мала земја никако не мора да значи дека сте неважни. Актуелната хрватска надворешна политика како од една страна да го фаќа средновековниот бран, а од друга пропушта шансата за афирмативно позиционирање во Европа која денес повикува на враќање кон таквите „европски вредности“, што би претпоставувало – солидарност, еднаквост и братство, гордото наследство на Француската револуција. Како земја која помина низ војна, земја од медитеранскиот базен, земја со историски врски со Африка и Блискиот исток преку движењето на неврзаните, можеби можевме да бидеме лидер на некои нови идеи за мигрантската политика и прашањето на бегалците. Четирите години мандат како европски пратеник на Невен Мимиќ кој се занимаваше со една од клучните европски политики која се потпира токму на тоа наследство – развојната политика, за Хрватска поминаа незабележано.
Суверенистичкиот крик
Зборувајќи за позиционирањето во рамки на ЕУ, премиерот Андреј Пленковиќ се обидува да биде близок до Брисел. Претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ ја приближува Хрватска до средноевропските земји – и преку Иницијативата три мориња – во кои е популарна антибегалска политика. Во интервју за „Kleine Zeitung“ и самата искажа такви ставови. Истовремено, голем дел од нејзините надворешно-политички активности изгледаат како естраден Пи Ар.
Земјата во која секој ја кажува својата приказна или раскажува различни приказни зависно од публиката на која ѝ се обраќа или ги менува приказните, има и проблем со веродостојноста. Кога денес се вели дека некој е „близок до Брисел“, што впрочем значи тоа? Каде сме ние во приказната за иднината на Европа? Каде во Европската народна партија се наоѓа ХДЗ, која гласа за Орбан, го поддржува Манфред Вебер за Спиценкандидат, а чиј премиер во говорот пред Европскиот парламент изнесува некаква позитивна приказна за иднината на Европа која не вирее во неговата држава? Каде се надворешно-политичките позиции на СДП или која било друга партија од нашиот политички спектар? Со оглед на геополитиката која на голема врата се врати во меѓународните односи, идејата да се биде активен носител на некоја иницијатива чии теми се прашањата за инфраструктурата, енергетската сигурност, дигитализацијата, инвестициите, трговијата, начелно треба да се поздрави, но ако денес правите некаков вид политички сојуз со државите кои ги рушат европските темелни вредности и владеењето на правото, тогаш треба да се запрашаме на кои основи и зошто се прават сојузништва и, најпосле, каков краен бенефит можат да имаат тие за граѓаните на оваа земја. Понекогаш политиката е и мошне прагматично нешто, па мене ме интересира во некоја cost-benefit анализа за Хрватска да видам кои предности ни ги носи таквата иницијатива, во однос на некои други кои можеби на некаков друг начин би ја артикулирале нашата јадранска димензија.
Самата ЕУ е во огромни проблеми, од Брегзитот до подемот на останатите „суверенистички“ движења. Како ја гледате иднината на Унијата?
Изборите за Европскиот парламент во мај 2019 година се клучни за тоа и за прашањето на кое одговор бара актуелната Комисија – каква Европа воопшто сакаме? Ова ќе бидат динамични седум месеци во Европската унија, заедница која е создадена како простор на мир и стабилност. Европа падна на испитите од двете кризи, кризата на еврото и таканаречената бегалска криза. Како што велат, комплицираната структура и системот на одлучување мораше да се адаптира, а јас се прашувам дали сето тоа можеше да се антиципира. За тоа пишувам многу и во книгата. Божем не се знаеше што се случува во Сирија, на северот од Африка, какви можеа да бидат последиците од арапската пролет, божем не беа познати демографските и социоекономските показатели за субсахарска Африка. Но, бегалската криза ги изненади сите и сега доведе до секуритизација на континентот. Внатрешната криза и динамиката во ЕУ покажаа пак, дека во Унијата не се сите еднакви. Чести се неконзистентноста и лицемерието кај некои одлуки. На пример, на Орбан со години му се дозволуваше да прави што сака, го штитеше неговата политичка групација ЕПП, Комисијата издаваше предупредувања, најпосле парламентот изгласа да се санкционира, но тоа нема да се случи. Во целата таа приказна за стравот кој дише на европскиот континент ќе биде потребно одновно да се осмисли европскиот наратив и одново да се артикулираат политичките идеи. Емоциите и манипулирањето со емоции често се изземаа од анализите. Зошто статистиките и реалноста во просекот на европските земји често се подобри од она што се нарекува „чувства на луѓето“? Ми се чини дека со тие „чувства“ сега се манипулира подобро и поедноставно од претходно. Социјалните мрежи, троловите, балоните, Кембриџ Аналитика, свесно се работи на сериозни манипулации, а фамозната „дигитализација“, односно средствата на „четвртата индустриска револуција“, од вештачката интелигенција па натаму, помагаат да се создаде целосна информациска какофонија и да се доведат во прашање термините како што е слободата со сите свои содржини. Прашање е дали тоа може да се впрегне во нешто позитивно или тоа може да нè одведе во тотален хаос. Во секој случај, мислам дека следи слабеење на Европа во меѓународни рамки, ако продолжи ерата на доктрината на Трамп. Во некое сценарио не ја исклучувам ни можноста за нови „излегувања“ по Брегзитот или пак реконструкција во насока Европа на нации, ако картите на изборите следната година се поделат на начин на кој алијансата потпомогната од Стив Бенон оствари значаен резултат да може да влијае на процесите.
Во „Нееднаквите“ економскиот историчар Роберт Скиделски тврди дека не е случајно што Брегзитот и Трамп се случија во земјите кои најцврсто го имаа приграбено неолиберализмот. На десницата сила ѝ даваат масите кои испаднаа губитници од ваквата глобализација. Повеќепати се осврнувате на фактот дека тие движења се насочени против елитите. Се чини дека тие можат да издишат само така што ЕУ ќе се реформира на социјални темели. На пример, во Грција видовме дека нема волја за тоа зашто тоа би значело редистрибуција од побогатите земји кон посиромашните?
Таканаречениот суверенистички крик тргнува од тоа дека секој сам треба да се грижи за себеси, но сепак – во рамки на Европа, но прашањето е каква Европа. Интересно е да се следи како ќе се одвива приказната со италијанскиот буџет и долгот. Крајот на глобализацијата и мултилатерализмот го прогласи Трамп во својот говор во ОН и спрема тоа треба да се поставиме мошне сериозно, без трошка потсмев или подбив. Европската комисија сега поита кон обидот за создавање нови различни механизми, од алоцирање пари кон југот од континентот до обиди за поврзување нов буџет со „почитување на европските вредности“. Колку и тоа навидум да изгледа како обид после кризата институциите да се обидуваат „стратешки“ да ја промислуваат иднината, таквите мерки одново можат да создадат продлабочување на јазот или нови поделби. После целата паника со Грција, кога се најавуваше катаклизма зашто на власт дојде Сириза и кога сите номинално зборуваа дека треба да се бориме против „популизмот“, сега сите се внимателни. Во ниедна европска држава екстремната десница сè уште не дошла на власт, но во ваква ера таа примамливост на приказната „нештата да се земат во свои раце“ наспроти „однародените европски институции“ кои „нешто диктираат“, го менува статус квото.
Макрон противтежа на Трамп
Една од земјите од кои известувавте често е Франција. Претседателот Емануел Макрон имаше големи планови за реформа на ЕУ, но не видовме многу од нив.
Видовме јасен предлог на Макрон за неговата визија за иднината на Европа артикулиран во говорот во Европскиот парламент. Ако заедно со Ангела Меркел го гледаме како некоја оска на Европа каква што ја знаеме, нивната клучна разлика е инсистирањето на Макрон за буџет на еврозоната и приказната за своевидна двонасочна Унија. Макрон со својата партија првпат излегува на европски избори, како што најави, со холандскиот премиер Марк Руте, во либералното европско семејство. Во глобалната дискусија и прашањето за вредноста се постави како некаква противтежа на Трамп, во одбрана на постоечкиот поредок, мулитилатерализмот, а во Европа отворено се позиционираше како противтежа, како што рече на она што го претставува Виктор Орбан. Матео Салвини (десничарскиот, антиимигрантски италијански вицепремиер, лидер на партијата Лега) Макрон, пак, го детектира како клучен „непријател“. Но, Макрон дома ја губи поддршката: иако најмлад претседател во историјата, доби најмалку гласови од младите во земјата која има голема невработеност токму меѓу младите луѓе.
Клучниот проблем кој го детектирате е што глобализацијата ветуваше дека ќе го намали расцепот помеѓу богатите и сиромашните. Се случи спротивното, од што произлегоа кризата на либералната демократија и останатите проблеми. Какво би било решението – „попаметна“ глобализација? Како е можно да се спроведе нешто што би било спротивно на интересите на капиталот и елитите? Во „Нееднаквите“ се појавува и поранешниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис кој пропадна токму заради тој отпор, додека сега се обидува да започне реформа на ЕУ преку движењето за Демократија во Европа 2025 (ДиЕМ 25).
Глобализацијата на сите им ветуваше исти шанси, но тоа не се случи. И таканаречените елити и капиталот кои ги споменувате, на Светскиот економски форум во Давос во последните неколку години предупредуваат дека нееднаквоста е клучен проблем на денешницата кој сè повеќе ќе ги продлабочува социоекономските фрактури и во ракми на општествата како и помеѓу општествата. Денес светот е поинаков отколку кога беше „воспоставена“ глобализацијата. Се чини парадоксално што сега Кина застапува глобализиран, мултилатерален свет, а САД се противат. Малкумина би се осудиле да прогнозираат како најпосле ќе се извртат нештата. Најискрениот одговор денес е – не знам. Го споменавте Варуфакис. Ми се чини дека тој не пропадна, туку дека предупредуваше за слонот во стакленикот додека огледалото почна да пука. Парадоксално е што сега бројни политики кои доаѓаат од Комисијата, ако ги исчистите од бирократскиот јазик и им дадете значење, го зборуваат истото што и Варуфакис – системот не функционира подеднакво за сите, треба да се адаптира и реорганизира на почесни, поеднакви основи. Бриселските елити се обидуваат да го наметнат наративот за таква Европа на еднаквоста и Европа на вредности. Дали Европа ќе им се „врати на граѓаните“ на Салвиниевиот или Варуфакисовиот начин, ќе видиме. Излезноста на европските избори исто така ќе покаже колку е легитимен концептот на Европа на овие основи.
Заради намалување на трошоците се укинуваат дописништвата, а угледните медиуми пренесуваат бесмислици. Колку е можно денес да функционира надворешно-политичкото новинарство?
Многу е тешко, но тоа никако не значи дека треба да се откажеме. Да се бара смисла во бесмислата, можеби изгледа јалово, но тоа е новинарската работа, а денес не е ера за капитулација. „Панама пејперс“ и „Парадајс пејперс“ покажаа дека новинарството мора да се глобализира, дека глобалните теми можат да се работат само со поврзување на новинарите. Тоа е мошне добра платформа за да се обидеме да му ја вратиме важноста на новинарството.
Важен аспект на „Нееднаквите“ е односот кон Другиот и поинаквите, од Сомалијците во САД до Сиријците во Хрватска. Кај нас постои повеќегодишно производство на омраза кон нашите сопствени граѓани кои не се вклопуваат во визијата на Хрватска која ја промовира ригидната десница, често и од позиција на власт.
Се враќаме на тоа дека не знаеме кои сме и што сме. Дали сме отворено или затворено општество, кои се нашите темелни вредности? Ако Европа е втемелена на поразот на нацизмот и фашизмот, ако се знае што е зло, тогаш зошто на нашите згради децата цртаат сè повеќе свастики? Ако, како што зборува еден мој соговорник во книгата, сме дошле во време кога се толерираат нешта кои не би смееле да се толерираат и кога се прифаќа неприфатливото, тогаш навистина единствено решение некој сериозно да ве сфати е да го спакувате куферот и да си заминете. Мислам дека тоа е важен елемент и за анализа на егзодусот од Хрватска.
Илустрации: Arend Van Dam
Извор: https://www.portalnovosti.com