1004 hPa
81 %
7 °C
Скопје - Чет, 18.04.2024 00:59
Среќавав Бедуини на некои од нивните патишта од Мароко до Либија, од саваните на Еритреја до падините на Синај. Не успеав поубаво да ги запознаам. Кадe и зошто одат, си заминуваат ли или се враќаат? Ѝ припаѓаат ли на некоја нација, ја бараат ли, им треба ли? Дали татковината им е таму откаде што тргнуваат или таму каде што стигнуваат, или можеби на самиот пат, во песокот по кој газат? Државата им нема ни владетел ни знаме, нејзини граници се хоризонтите и видиците. Во јазикот што го зборуваат, кој им припаѓа на разните околни јазици ама е сепак само нивни, зборот bedia означува и пустина и почеток. Помеѓу почетокот и крајот, ми се чини, не прават разлика и не бараат цел. Пловидбата не ги привлекла, брегот не ги задржал. Оазите се нивни пристаништа, караваните посади. Се ориентираат според ѕвездите како и морепловците. Нивни бранови се дините. На нив забиваат колци и креваат шатори – колците им се јарболи, шаторските крила едра. Ветриштата се остри во пустината како и на морската шир. Човечките лица се браздат и се стврднуваат на песокот како и на море. Ноќите се еднакво студени и опасни. Бев кратко време сопатник со Бедуините (името им го пишувам со голема буква, како и на другите народи). Ме примија со отворено срце. Ме понудија со млеко од камила, густо и крепко, го нема во изобилие, се чува за нужда. Не успеав да ги разберам приказните што по напорниот ден ги раскажуваат до доцна во ноќта, кои внимателно ги слушаат и слатко им се смеат. Близу брегот на Медитеранот остануваат по нив траги и спомени, кои ветрот и песокот ги разнесуваат и ги бришат.
Извор: filozofskim.blogspot.com
Фотографија: Björn Moerman
Превод: Е. С.