1023 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 08:59
Титова Југославија беше просветителски проект. Недовршен просветителски проект. Кој, меѓу другото, подразбираше едукација, национализација, индустријализација и секуларизација. Она што ја наследи Југославија спроведе идиотизација/фашизација, приватизација, деиндустријализација и десекуларизација. Комунистите ја спасија идејата за Југославија, зашто Југославија на Аца беше одвратна творба. Но, најпосле делови од комунистичката елита изведоа контрареволуција. Не е тешко да се претпостави дека комунистите од 1945 година, кога би можеле како Терминатор да патуваат низ времето па да дојдат во 1991 или 1995 година, заради велепредавство би ги стрелале „реформираните“ комунисти на чело на Хрватска, Србија и Црна Гора.
Титова Југославија, со сите свои недостатоци, беше држава. Зашто во неа постоеше правда – секако и неправда. Она што се создаде со нејзиниот распад се, како што би рекол Свети Августин, само разбојнички дружини. Свети Августин подучувал дека дистрибуцијата на правдата е единственото нешто што ја искупува државата, единственото што ја разликува државата од разбојничка дружина. Она што го имаме денес е само бескрајна дистрибуција на неправда. Без разлика како се нарекува – Црна Гора, Хрватска, Франција или Турција – политичката елита која не разбира дека луѓето можат без држава, но не можат без правда, не разбира ништо. Таа елита оди кон бесилките и, додека се затегнува јажето, ја џепари собраната толпа. Пред да ѝ дојде крајот на таквата елита, таа ќе пронајде начин да украде и од џебот на џелатот.
По сето плукање по комунистичка Југославија, преостанува да се каже: комунистите за 45 години направија толку што нашите разбојнички дружини не успеаја да го продадат и ограбат истото ни за речиси 30 години.
Да го кажам тоа во стилот на Монти Пајтон: што впрочем направија тие комунисти, освен што победија во војната со фашизмот, ја обединија и изградија земјата, ги облекоа луѓето, ги нахранија, ги образоваа, вработија, им обезбедија бесплатно здравство и образование, помогнаа во еманципацијата на жените, ја сузбиваа националната и верската затапеност, промовираа заедништво и просветеност, ја индустријализираа земјата, го модернизираа општеството, изградија инфраструктура, водеа брилијантна надворешна политика, водеа земја во која секој од југословенските народи го достигна својот апсолутен историски врв, што друго тие направиле за нас?
Слики: Зоран Кардула - Glory To Yugoslavian Design
Извор: https://www.portalnovosti.com