1023 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:15
Кон концертот „Авангардни патишта” на Ричард Валитуто (пијано) и Дејв Вилсон (саксофон), 01. 12. 2018.
Во малата сала на „Филхармонија” Ричард Валитуто и Дејв Вилсон создадоа магија. Длабока магија е изразот кога ќе се соочиме со мајсторите на својот занает. Епитетите што одат со ваквото доживување се „маестрално”, „виртуозно”, „бравурозно”... Она што во стварност е исклучително тешко, длабоката магија го прави да изгледа крајно лесно за публиката. Занемени и со задржано дишење целосно сме обземени од магијата која се одвива пред нас. Мајстори, би рекле ние во Македонија.
Но има и ситуации во кои најтешкото, она кое изискува најмногу, е претставено од спротивната страна. Овој пристап одговара на прашањето „како беспрекорниот стандард, како класичната структура, може да се прикаже пост-структурално или да се деконструира?”
Кога некој успева да одговори на ова прашање во која било уметност, а посебно во музиката, тогаш станува збор не за длабока, туку за подлабока магија. Магија на деконструкцијата, на откривањето на утробата на инструментите, на соголувањето на жиците, на настапувањето на мигот на средба со суштината на конкретниот акт, миг на безусловна ранливост.
„Авангардните патишта” на Ричард и Дејв ни ја понудија токму таа ранливост која се случува само по принцип на благодат – состојбата во која длабоката магија на знаењето и вештината „исчезнува”, за на нејзино место да настапи подлабоката магија на најдлабокото благодатно незнаење. Миг на чиста апофатика!
„Подлабока магија”
Има длабока магија
Малкумина се
Со нејзиното знаење
Сепак дури и оние без знаење
Ја насетуваат
Воодушевено ја очекуваат
Но за подлабоката магија
Онаа неспознатливата
Не треба ништо
Освен Откровение
Објава
Милост
Деконструирана средба
Од
Трет вид!