Како Владимир Набоков ги бележел и ги испитувал теориите на соништата

08.12.2018 14:19
Како Владимир Набоков ги бележел и ги испитувал теориите на соништата

Најверојатно книжевното наследство на Владимир Набоков засекогаш ќе биде поврзувано со сликата на црвениот лижавче и очилата во форма на срце, ама има многу повеќе од Лолита да се каже за рускиот писател во егзил. Освен неговата ценета проза, тој бил личност, личност што имала проблеми како кој било друг човек, а еден од нив била и несоницата. Но, затоа што тоа бил Набоков, неговата борба со сонот се претворила во нешто впечатливо и длабоко.

Од биографијата на Набоков можеме да дознаеме дека тој го мразел спиењето, а запишал дека оваа најбазична човечка потреба е „најморонското братство на светот“, нарекувајќи го „ментално мачење“. Умеел вака да се пожали: „Јас едноставно не можам да се навикнам на тоа ноќно предавство на разумот, хуманоста, генијалноста“.

Публикацијата на неговата книга Соништата на инсомничарот: Експерименти со времето, која е објавена 2017 година, се совпадна со 40-годишнината од неговата смрт, и таа повторно го истражува тој сегмент од светот на Набоков што тој го гледал само како „предавство на разумот, хуманоста и генијалноста“. Наводно, во 1964 година решил да направи експеримент во кој ќе ги бележи своите соништа штом ќе се разбуди. Работел три месеци.

Дали со овој експеримент сакал да ги преиспита своите ставови околу спиењето? Веројатно не. Нималку импресиониран од Фројдовите теории што се однесувале на соништата, Набоков ја читал Експеримент со времето, книга што ја напишал британскиот војник, инженер и филозоф Џон В. Дин. Според неговата теорија застапена во таа книга, соништата не се само потсвесни производи на минатите настани што лично сме ги искусиле, туку се исто така и производи на идните настани. Со други зборови, настаните што допрва ќе се одиграат се појавуваат во соништата ноќе.

Набоков успеал да забележи 64 сона во текот на експериментот со кој сакал да ја тестира Диновата теорија за тоа дали времето тече наназад. Па, сепак, не биле сите соништа неопходно значајни за неговото истражување. Некои, покрај тоа, биле со еротска и насилна природа, вклучувајќи го и оној во кој танцува со својата љубена жена Вера. Во него, таа носи отворен фустан и додека танцуваат, одненадеж ѝ приоѓа непознат човек и ја бакнува, по што Набоков ја опишува својата агресивна реакција, при која го зграбува за глава непознатиот и му го удира лицето од ѕид.

Во еден друг забележен сон Набоков јаде примероци од ретко земјиште. Три дена по овој сон сфатил дека неговиот експеримент е успешен кога во еден документарен филм фатил сцена во која се појавуваат баш тие примероци земја.

Познатиот руски професор од Универзитетот Мисури, инаку експерт за Набоков, Генадиј Барабтрало, ги собрал во нова книга соништата на Набоков од 1964. Покрај соништата, книгата има и поглавја што го разјаснуваат експериментот и даваат контекст за животот и кариерата на Набоков.

Барабтрало потврдил дека Набоков бил „многу заинтересиран за оваа теорија и за нејзините последици, па решил да ја стави на проба во својот експеримент од 1964“. Овој академик дал и свое објаснување на теоријата, велејќи дека „не се вашите соништа тие што ви нудат преглед на стварните настани, туку е обратно“.

По повод исходот од целиот потфат, тој верува дека тој исход не бил толку убедлив колку што мислел Набоков, зашто некако ја превидел врската помеѓу неговите соништа и прозните дела што ги читал или пишувал доста пред самиот експеримент.

Според Барабтрало, ова е очигледно во сонот во кој рускиот писател ги конзумира оние чудни примероци земја. Целата сцена се одигрува во „малиот провинцијален музеј“. Набоков многу живо го опишува тој миг со примероците, кои биле „цигли од нешто ронливо за што очигледно мислев дека е некакво правливо, блуткаво тесто, а кои всушност беа примероци од ретко земјиште што се наоѓаше во преградите“.

Барабтрало верува дека овој сон има врска со раната проза на Набоков, поточно со расказот што го напишал 1939 година, под наслов „Посета на музејот“.

Некои од соништата на Набоков и порано се опишувани, ама ова е првпат да се собрани во една книга. Во својот приказ на книгата, Publisher Weekly објави: „Набоковите прикази на соништата (...) се фантастични и во сурова форма покажуваат духовитост, вештина и инхерентна дисциплина на јазикот, кои лесно се препознаваат како особен стил на Набоков“.

Извор: glif.rs

 

ОкоБоли главаВицФото