„Хероините на нашето време“ - изложба на Јана Јакимовска

10.12.2018 00:20
„Хероините на нашето време“ - изложба на Јана Јакимовска

На 10 декември (понеделник) во 19 часот, во втората сала на Музејот на Град Скопје ќе се отвори самостојната изложба „Хероините на нашето време“ на академската сликарка Јана Јакимовска. Изложбата е омаж на жените-хероини во македонското општество кои му се спротивставија на репресивниот, конзервативен, мизогин и хетеронормативен систем на вредности.

Кураторката Елена Вељановска ќе каже: „Изложбата “Хероините на нашето време” ја нагласува потребата за паметење и историзирање, но и повикува на рамноправност во паметењето во услови на доминантна хероизација на маскулинистичките симболи на моќ. Потоа таа отвора дискусија за ре-дефиниција на улогата на современата жена во македонското општество, и токму преку симболичната употреба на поимот хероина, таа воедно и предлага ново читање и пишување на скорешната историја. И најнакрај, таа го ревитализира медиумот на оваа изложба – портрет-на уметност – којшто е крик да се врати достоинството на старите медиуми, коешто им беше одземено со нивната употреба во пропагандни цели.“

Јана Јакимовска е вонреден професор на Ликовната академија при Универзитет Гоце Делчев – Штип. Ова е нејзина петнаесетта самостојна изложба.