Популизмот и политиката на емоции

11.12.2018 00:56
Популизмот и политиката на емоции

Авторитарниот национализам освојува позиции во Европа, САД и Бразил, благодарение на напливот од негативни емоции во јавноста и попустливоста на елитите кон тоа. Но тоа не е реприза на 30-тите години на 20-от век. Пред сè, за разлика од тогашните елити во Германија, Италија и Шпанија, денешните елити не сакаат фашизам. Напротив нивниот проблем е што не знаат како да го сузбијат.

Веќе 15 години политиколозите водат добро документирана, но не премногу плодна расправа за причините за подемот на партиите како што се „Ukip“ во Британија, Партијата на слободата (PVV) во Холандија или Национален фронт во Франција. Во таа расправа е утврдено дека причините за поместувањата надесно на политичкиот спектар се повеќе културни, отколку економски. Но тоа не значи дека со делувањето во полето на економијата не би можело да се сопре навалата на плебејскиот расизам. Тука, пред сè треба да се разбере дека причината за неуспех на наративот на политичкиот центар е вграден во самиот проект на економијата на слободен пазар.

Професорот Вил Дејвис (Will Davies) од Универзитетот Голдсмитс ја понуди веројатно најдобрата кратка дефиниција на неолиберализмот како систем (не идеологија), опишувајќи го како „разоткривање (disenchantment) на политиката со економија“. Под тоа се подразбира принудното воведување на пазарна логика во сите форми на општествениот живот, со што драстично се стеснува просторот на политичкиот избор.

На пример, ако сакам да ја сочувам челичаната во Порт Талбот, не можам да се повикам на националната безбедност, или на сентименталниот порив да дадам предност на британските производи, или на фактот дека градот ќе умре без своите високи печки. Тоа можам да го постигнам единствено со внимателно формулиран аргумент кои ги задоволува условите на постоечките национални, европски и глобални правила за трговија и инвестирање. Ако би сакал да го направам тоа само за да се чувствувам добро додека проаѓам покрај тој производ на човечката генијалност, на пат кон плажата на која сурфам, моите емоционални причини би биле блокирани од правилата кои мојата држава одамна ги потпишала и се обврзала на нив.

Дефиницијата на Дејвис може да се парафразира и како касапење (evisceration) на политиката со правилата на економијата, односно хируршко отстранување на сите емоционални причини од процесот на политичко одлучување.

Луѓето интуитивно знаат дека нивното чувство на идентитет, место, нација и класа можат да се вратат во процесот на одлучување единствено со суспензија на постоечкиот систем – што го објаснува јакнењето на опозицијата на неолиберализмот и од леви и од десни позиции.

Втор важен фактор во емотивно мотивираниот револт е промената на сфаќањето на работното место. За политичките науки и економијата, работното место веќе не е дел од политичката арена. Пред 40 –тина години, на моето прво работно место во една фабрика, присуствував на политички собири на добро информирани луѓе. Во однос на тоа време, забележувам две значајни промени.

Прво, модерниот менаџмент бара високо ниво на перформативност на работа, особено од работниците со најмалку моќ: од нив се бара да ни посакаат среќен пат, добар ден или да ни продадат тоблероне кога купуваме вода во трафика. Второ, за луѓето со ниски квалификации, или низок доход, работата денес подразбира повеќе принуда отколку што беше случај во преднеолибералниот период. Заканата со отказ не е само имплицитна: со отказ им се закануваат секој ден. Со тоа одат и случаи на малтретирање, фаворизирање и сексуално злоставување. На најизложените позиции, во занимањата како што се возач на такси и камин, обезбедување, чистење, постои непрекината закана од вистинско насилство. Во секојдневниот живот, на дното од платежната скала секој познава некого што е поврзан со организираниот криминал со низок интензитет.

Сето тоа доведува до силни иако потиснати фрустрации, кои веројатно би се прелиле во револт ако луѓето постојано не би се занимавале со нетрпеливоста кон расните и верските разлики на своите сограѓани.

Прва лекција за либералите од центарот, ако сакаат да опстанат, е дека им е потребен емоционален наратив со инспиративна понуда во неговата основа. Таа понуда мора да биде вообличена како економска надеж: никаде не е пропишан монопол на радикалната левица за политиките на фискална експанзија и редистрибуција, државна помош и стимулативни плати. Проблемот е што во неолибералните учебници пишува дека сето тоа е невозможно. „Стравот од иднината“ на кој укажуваат квалитативните истражувања на популацијата на гласачи кои ја поддржуваат националистичката десница за многумина од нив е рационален. Тие се уплашени, депресивни и гневни во светот на реално несигурни работни места, лоши услови на домување и растот на нееднаквоста.

Ако немате добар одговор на прашањето „Како мојот живот и животот на моето семејство може да биде подобар?“ нема да помогнат никави вештини на комуникација. Левиот центар, исто така, треба да донесе важна стратешка одлука за здружување на левицата против десницата. Расправите за популизмот кои го избегнуваат тој избор, станаа беспредметни.

Ако на Гугл ги напишете зборовите Сајид Јавид (Sajid Javid) и фашизам, ќе видите дека движењето „Моментум“ (Momentum), на кое и јас му припаѓам, го нарекува „неофашистичка група“. Но уште не сум пронашол коментар на Јавид за нередите во Вајтхол, каде речиси 10 000 следбеници на Томи Робинсон, меѓу нив и вистински зи-хајл нацисити, со цигли и шишиња ја нападна полицијата. Крајно време е во левиот центар да се заврши фазата на двојни стандарди и одрекување.

Не верувам дека на запад ќе попушти кризата на демократскиот консензус. Таа ќе продолжи како бран што ќе се прекрши во редица национални кризи, чијашто кореографија веќе се наѕира: поместување надесно на ЦДУ, по Ангела Меркел, дуел помеѓу Жан-Лик Меланшон и Марине Ле Пен на следните претседателски избори во Франција; убедливо мнозинска влада на Салвини во Италија; пресметка меѓу носталгичните шпански фалангисти и каталонските сепаратисти; натамошен пад на Унгарија и Полска во рацете на демагозите.

Во такво опкружување, партиите кои во новата серија текстови за „новиот популизам“ во „Гардијан“ се опишуваат како партии на „популистичката левица“, треба да преземат поодлучна улога во организацијата на отпорот. Притоа, треба да се борат паметно, но не како Ципрас во Грција да трчаат право кон светлото на возот што доаѓа. Но над сè, левицата треба да прави сојузи – како што тоа го направија Подемос и Barcelona en Comú во Шпанија.

Така, ако работите се влошат ќе имаме наратив на надеж. Во шпанската граѓанска војна, во битката на Харами, „брдото на самоубици“ во 1937 година, меѓу луѓето кои јуришаа низ дожд од куршуми за да го спречат влегувањето на Франко во Мадрид, имало и британски социјалисти, комунисти и поранешни припадници на ИРА.

Мемоарите на преживеаните борци ни откриваат дека тие луѓе со различни уверувања биле поврзани со надежта за иднината, гордоста заради чинот на отпор и вербата дека нешто може да се направи. Активното промовирање на таквите уверувања е најсилното оружје во борбата против погубниот нихилизам на авторитарната десница.

Слики: Jayachandran/Mint

Извор: The Guardian

 

ОкоБоли главаВицФото