Најубавиот подарок

11.12.2018 08:52
Најубавиот подарок

Најубавиот подарок

Скокотлив го помнам допирот онаму каде што прстите збунето колебајќи се лизгаат од увото низ образот опфаќајќи го со морници и вратот.

Само допир роден во широкото движење на раката, која префрлена преку рамото така прекрасно, за миг, а цела вечност прегрнува...

Најслучајната средба нема време да ја сокрие возбудата. Сѐ станува убаво. (Восхит во погледот што ја гали косата, што го бакнува слепото око, образот – скршнувајќи... Случајно свртената глава во обраќањето ги дарува и очите. Неиздржливо, па погледот трепкаво скршнува).

Одеднаш – молскавично наведнување и – на неговата дланка, како на чудна почва, помеѓу прстите никнува цвет. Подадена рака и – цветот е повторно скинат!

Најубавиот подарок е жешко око со разлеана црнка, која како сонце ја осветлува жолтилото на прашникот.


***

Нема оправдување за лагата.

Можеш во афект да сториш страшни злосторства и да се оправдаш со темното во крвта...

А лагата бара многу, многу енергија.

Лагата бара страшно, тајно планирање.

И прецизно организирање на последиците.

Ги жалам лажговците. Се трошат за да ја сочуваат веројатноста на лагата.

Потребни им се големи сили – за да не заборават каде водат различните нишки...


На денешен ден пред 14 години почина Јадранка Владова, македонска раскажувачка, писателка за деца, професорка по книжевност, учебникарка. По тој повод објавуваме два куси раскази од нејзината книга „Воден знак“.

Извор: Воден знак, Култура, Скопје, 1990.

Слики: Cyril Rolando

ОкоБоли главаВицФото