Власта да ја врати парцелата спроти Холидеј Ин на граѓаните

12.12.2018 03:45
Власта да ја врати парцелата спроти Холидеј Ин на граѓаните

Скопје е уништено од алчноста и криминалната спрега на урбаната мафија и властите. Скопје е град каде возат автомобили со еко стандарди кои во ЕУ одамна се забранети. Се гради не според потребите, туку според интересите на поединци. Јавниот превоз е катастрофален и уште еден извор на загадување.

Затоа, она што недостасува за да се спаси градот, вака како што е руиниран, е нов "Кензо Танге" план и нова ВИЗИЈА. Наместо да си вадат делови од планот на Кензо Танге според потребите и личните интереси како во рафт на продавница, да направат план каков град сакаме сите да видиме сите за 10, 20 години.

Нов план, за кој ќе се постигне консензус меѓу политичките партии, градските власти, експертската јавност и граѓаните. Визија за градот имајќи ги предвид неговите слабости (сообраќај, загадување) и потребите на граѓаните, а не на интересните групи на луѓе со пари и моќ. Притоа, експертската јавност да биде многу поширока од архитекти и урбани планери, туку и еколози, стручњаци за инфраструктура (јавен превоз), хортикултура и сл. Ако за намалување на загадувањето е потребно да се демотивираат граѓаните да возат во центар, потребен е квалитетен јавен превоз.

Таков проект е долгорочен и бара инвестиции за кои се потребни и кредити и домашно финансирање, проект за кој е потребен консензус бидејќи надминува еден градоначалнички мандат. Ако за намалување на загадувањето е потребно зеленило, да се направи план како да се направат нови паркови. Идејата за некакви зелени кровови над згради и трговски центри е тотално мачкање очи затоа што дрвја не може да се садат и да фатат корен на кров на зграда и тоа би се свело на трева и грмушки. Идеите што се нафрлаат за зелени кровови е само ефтин маркетиншки трик на потенцијалниот инвеститор на парцелата.

Наместо парцијални решенија, потребен е компрехензив план што ќе го подобри квалитетот на живот на граѓаните, кој пред сè ќе се насочи кон намалување на загадувањето. Двегодишен план за справување со загадувањето со инстант донации не само што не е решение туку е понижување на умот.

Значи власта да не се крие зад законите, туку да ја врати парцелата на граѓаните, а таа да се осмисли според потребите на градот, а не на "Обновители", Антиќ и Сугарески. Сè друго ќе биде континуитет на груевизмот и граѓаните кога тогаш ќе го казнат.

п.с. Го следев процесот на денационализација од почетоците и знам конкретно случаи дека не се враќало земјиште, туку обврзници, дури и кога на парцелата за која некое семејство има имот, зафаќа тревник покрај тротоар. За ваков случај пак, каде зафаќа и траса од трамвај предвидена со ГУП да се врати земјиште?!? Тоа можело само во криминалните зделки на владата на Груевски. Пардон и сега, кога министер е Сугарески, а премиер Заев.

 

Слични содржини

Став
Јавни Простори / Став / Екологија

ОкоБоли главаВицФото