Промоција и дискусија за критиката во регионот на КРИК 03

13.12.2018 04:07
Промоција и дискусија за критиката во регионот на КРИК 03

Третото издание на КРИК – фестивал на критичка култура продолжува вечерва (четврток, 13 декември) во Музејот на современа уметност, во 19,30 часот. Оваа фестивалска вечер ќе биде посветена на критиката во регионот (Словенија, Хрватска, Србија). Ќе се одржи промоција на книгите Напомош,читаме книга! и Опасно читање, поимник за книжевна критика, а ќе ги промовираат Лука Остојиќ писателот на Напомош, читаме книга! и уредникот на Опасно читање, поимник за книжевна критика и Миленка Булевиќ, уредничка на Напомош, читаме книга! и претседателка на Kulturtreger, како и партнерите од Контрапункт, Kurziv, SEEcult and SCCА. Двата поимници го прикажуваат потенцијалот на критичкото читање и поширокиот контекст во кој се случува ова читање (и уметничката критика воопшто).

„И во ова издание, КРИК се застапува за сегментот кој директно ја засега уметничката продукција – станува збор за критиката и критичката рефлексија. Без критика не може да има вистински исчекор, вистинска промена. Клучното прашање кое ќе се отвори со регионалната партнерска платформа „Kритичките ставови во регионот“ е што претставува критиката денес, со акцент на критиката на уметничките пратики и нејзината фрагментираност со процесите што ја условуваат нејзината трансформација. Каде се наоѓа денес критиката, кому се обраќа, која е нејзината улога и како таа ги наоѓа своите нови форми и јазици - се некои од прашањата на кои често се навраќаме и се обидуваме да ги држиме отворени во просторот на поширока јавна дискусија. Платформата „Критичките ставови во регионот“ е во партнерство со kulturpunkt. hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија) и SCCA-Љубљана (Словенија)“, соопштуваат организаторите.  

Booksa.hr заедно со партнерите Kontrapunkt, Kurziv, SEEcult и SCCA создадоа и објавија два поимници од областа на книжевната критика. Овие книги не се конвенционални поимници, бидејќи не ги дефинираат условите, но ги користат како почетна точка за да иницираат размисли за книжевноста, книжевната критика и нивната улога во современото општество.

Првиот поимник Опасно читање, поимник за книжевна критика е збирка на текстови од реномираните регионални книжевни критичари за различните аспекти на критиката. Тие објаснуваат како постојано променливиот социјален, политички и медиумски контекст влијае врз критиката и улогата на критичарот. Овој поимник ги разгледува односите меѓу текстот и контекстот, критичкото читање на новите медиуми, феминистичката критика, меѓу академската и новинарската критика и влијанието на личноста на критичарот врз неговиот текст.

Вториот поимник Напомош, читаме книга! е антологија на сатирични текстови за фиктивниот лекар Др. Остојиќ, „литературолог“ за лекување на читатели - пациенти, кои се борат со болни значења на класичните книжевни дела. Овие текстови, претходно објавени како колумни на Booksa. hr, нудат нови толкувања на познати дела, повремено пристапуваат кон „сериозната“ литература и го прикажуваат влијанието што книжевноста и критичкото читање го имаат врз животот на луѓето.

Потоа ќе се одржи и дискусија на тема: Критиката во регионот, со учесниците: Лука Остојиќ, Миљенка Буљевиќ, Антонија Летиниќ, Лујо Парежанин од Хрватска, Миха Келемина и Душан Довч од Словенија и Весна Милосављевиќ од Србија.

Организаторите ги покануваат сите заинтересирани да  учествуваат на оваа дискусија.

Фестивалот годинава ја обработува генералната тема: АЛЕРТ! – пред портите на моќта очекувајте исклучување. На програмата на фестивалот, која ќе се одвива во неколку делови до 19 декември, 2018 година, ќе има предавања, уметнички презентации, дискусии, работилници и филмови.
КРИК - Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот Институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, n.b.k. Video-Forum од Берлин, платформата Светот околу нас – критиката во регионот, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија), Проектниот простор Прес ту егзит (Македонија).

Контрапункт - асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Македонија, Фондација отворено општество – Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 - 2020.
Логистички партнери на фестивалот се: НУ Музеј на современа уметност – Скопје, Младински културен центар и порталот окно.мк

Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа од Загреб и kuda.org од Нови Сад.

 

 

ОкоБоли главаВицФото