Бот си ја оставил девојката затоа што не знаела да прави сендвичи како партијата

13.12.2018 14:21
Бот ѝ раскинал на девојката затоа што не знаела да прави сендвичи како партијата

Скопје, 13 декември 2018, (Пара вести) – Ненад Милковски, триесетгодишен бот од Скопје, си ја оставил девојката по четири години врска затоа што не знаела да прави сендвичи како неговата партија, дознаваат Пара вести.

Андријана Колева, сега веќе поранешна девојка на Ненад, вели дека веста за раскинувањето ја шокирала, иако сите ѝ велеле дека тоа може да се очекува затоа што на партијата во која членува Ненад ниедна девојка никогаш нема да ѝ биде доволно добра како нејзин член.

– Ненад, кога се запознавме, веднаш ми даде до знаење колку му се важни сендвичите за нормално функционирање, ама не насетував дека тие може да доведат до раскинување на врската. Точно е дека ми забележуваше дека не умеам да ги направам како што ги прави партијата, ама давав сѐ од себе за да ги задоволам неговите барања. Меѓутоа, дури и кога за сендвичите ги користев истите состојки што ги користеше и партијата, тој ми велеше дека сепак не се како партиските и знаеше поради тоа да се налути. Во текот на последните шест месеци почна да ги избегнува заедничките оброци и почна да се храни главно во партијата – раскажа Андријана за Пара Вести.

– Секогаш беше исклучително многу врзан за партијата, ама преоѓав преку тоа, затоа што умееше да биде навистина прекрасен и внимателен. Кога бевме сами, или со друштво, сѐ беше океј, ама кога ќе дојдеше од партија, беше друг човек. Најдобрата другарка стопати ми кажа дека сум луда и дека тој во секоја девојка ја бара партијата, а јас на тоа не обрнував внимание затоа што мислев дека тоа ќе се промени. Ни сега не можам да поверувам дека партиските сендвичи му значат повеќе од четири години врска и дека возрасен човек, како него, не е во состојба да размислува со своја глава – се пожали Андријана.

Редакцијата го замоли Ненад за коментар, ама тој одби, со образложение дека својот коментар ќе го остави кога ќе го објавиме текстот и додаде дека неговата реакција ќе зависи од тоа каков сендвич ќе му направиме.

Преземено и прилагодено од: njuz.net