Господинот Хуароз и мислењето (2)

13.12.2018 17:27
Господинот Хуароз и мислењето (2)

Темнина

‒ Светло! Светло!

Кога би постоела струја која би правела да настане мрак, како што постои струја која прави да настане светло, бројот на можности би се дуплирал, но исто така би се дуплирала и месечната сметка.

Сепак, не ми се допаѓа ‒ мислеше господинот Хуароз ‒ што е доволно да се исклучи светлото за да се појави темнина.
За на мракот да му дадеме соодветна важност ‒ онолкава, барем, каква што ѝ придаваме на светлоста ‒ неопходен е чинот на вклучување темнина.

Така, кога ќе се изгаси светлото, веднаш не би настанал мрак, туку некаква преодна состојба.

Важност му се дава само на она што чини: вклучувањето темнина и плаќањето за неа ми се чини неопходно ‒ мислеше господинот Хуароз, момент пред да се ѕвекне со коленото од масата.

‒ Кој го исклучил проклетото светло? ‒ гневно извика господинот Хуароз.

 

Како да се пронајде светлината?

Господинот Хуароз веруваше дека е можно да се најде точката на интензивна светлина среде најмрачна ноќ.
Бидејќи беше уморен, господинот Хуароз ја замоли својата жена да направи цртеж на таа состојба.

Господинот Хуароз потоа се спреми да тргне во потрага по светлечката точка среде најмрачната ноќ.

‒ А ако се спрепнеш?

‒ Ќе понесам ламба ‒ одговори едноставно господинот Хуароз.

Отсуство на физички докази

Бидејќи беше неумесно да не се види ништо покрај толкуте работи што можат да се видат, господинот Хуароз остануваше дома, крај прозорец, гледајќи го светот.

Бидејќи во куќата можеше да се слушне тишината, господинот Хуароз го отвораше прозорецот за да влезат звуци, оти, во суштина, ја мразеше тишината.

Бидејќи рацете, над сè, беа машини за допирање на работите, господинот Хуароз сакаше, кога остануваше дома крај отворен прозорец, да ја потпре левата рака до стаклото.

Бидејќи една од највозбудливите особини на човечките суштества е способноста да осеќаат мирис и вкус, господинот Хуароз, кога остануваше дома крај отворен прозорец за да види и чуе, со левата рака потпрена до стаклото за да допира, сакаше уште и да пие топло кафе со јак мирис.

Бидејќи мошне сакаше да размислува, господинот Хуароз, кога остануваше дома, крај отворен прозорец, со левата рака потпрена до стаклото, пиејќи топло кафе, се губеше во мислите, па така, кога жена му го прашуваше што видел и слушнал низ прозорецот, господинот Хуароз не знаеше што да одговори, оти не се сеќаваше на ништо. Само празната шолјичка докажуваше нешто: навистина испил кафе.

Господинот Хуароз често помислуваше дека светот би бил многу поопиплив кога работите кои ги гледаме или слушаме исто така, на крајот, би оставиле празна шолјичка од кафе, за да ѝ докаже на жената дека не губи време, за што таа го обвинуваше. Но, после размислувањето ништо не се промени, оти ни мислите зад себе не оставаа докази. Само кафето, само кафето, мрмореше тој.

Сенки и скривалишта

Се разбира дека господинот Хуароз знаеше дека да се скриеш зад некаков мебел не е исто со криењето зад сенка. Проблемот на сенката е што нема волумен.

Меѓутоа, господинот Хуароз не можеше да престане да размислува за тоа како е подобро да бидеш скриен во сенка од висока кула, отколку во сенка од улична светилка. Не сме прекриени, но сме потаму.

А да бидеш потаму, е уште еден начин да се скриеш.
Само позаморен, сепак ‒ рече господинот Хуароз.

Слики: Valerio Adami
Избор и превод: П. В.
Gonçalo M. Tavares - O senhor Juarroz e o pensamento, 2004

ОкоБоли главаВицФото