Ние сме природа која се брани себеси

14.12.2018 02:33
Ние сме природа која се брани себеси

Само што навлеговме во остатоците од шумата Хамбах во западна Германија, пред нас претрча срна. Тишината и мирот кои владејат тука, токму како што и треба да биде во шума, се чинат сосема нереални. Еден ден претходно избројав речиси стотина полициски комбиња во блискиот град Дурен. Полициски сили од целиот регион го опколија возот кој ги превезуваше активистите кои дојдоа да протестираат токму заради ова парче од екосистемот. Возовите до најблиското место Буир од Келн не возеа цел ден во обид да се запре приливот на луѓе кои им се приклучуваат на протестите. Од другата страна на рудникот полицијата со водени топови и пепер спрејови се обидуваше да запре илјадници активисти кои пак се обидуваат да блокираат дел од инфраструктурата на индустријата со јаглен. Но, тој бурен ден во шумата немаше ниту еден полицаец.

„Кутрите животни, тука се опколени и вознемирени“, коментира Инга од Келн која ме води низ шумата и ми ги покажува местата на кои во последните години се одигруваа борбите на бранителите на шумата со полицијата. Имено, иако на прв поглед не се разликува од некоја хрватска шумичка, шумата Хамбах главно изобилува со даб и габер, тука уште од 2012 година се води тешка борба помеѓу климатските активисти и накратко капитализмот. Рудниците за четириесет години изеле поголем дел од шумата, при што од неа останале само десет проценти, а германската енергетска компанија РВЕ сака да ги сруши и останатите стебла и да ископува лигнит, највалканиот јаглен чие согорување во термоелектраните ѝ нанесува најголема штета на климата.

Шетањето низ шумата не е долго, патчињата се попречени од остатоци од дрвја кои ги поставиле активистите за да го спречат движењето на механизацијата и возилата. Зад последните преостанати стебла, без никакви пречки, се влегува на територијата на рудникот Хамбах. И повторно, се чини сосема надреално, дојдовме до работ на наводно најдлабокиот рудник во светот со отворен коп во однос на нивото на морето, накратко најдлабоката дупка со отворено небо која ја ископал човекот. Речиси на дофат од дупката има огромни машини кои ја извршуваат својата функција, од неа вадат јаглен и на тој начин го исцрпуваат сиот живот и од површината и под површината на Земјата.

Од едната кон другата страна, колку што е широка дупката, се гледа само изедената Земја. Апокалиптичната глетка е достојна за фактот дека само овој рудник е најголемиот емитер на јаглерод диоксид во Европа. РВЕ е активен на подрачјето на Хамбах од 1978 година. Секоја година го прошируваат рудникот од кој просечно се вадат речиси 50 милиони тони кафеав јаглен годишно.

„Таму има три термоелектрани на јаглен за кои овој рудник произведува лигнит“, покажува кон Франц од Баварија, постар човек кој чекори на работ од рудникот со натпис РВЕ – климатски убиец број 1 и Да ја спасиме планетата – да го отфрлиме јагленот. Оџаците од термоелектраните се гледаат јасно, како и облаците од чад кои се разложуваат во воздухот.

„Овие облаци ги чувствуваме и ние во Келн“, вели Инга.

На хоризонтот се гледа и по некоја електрана на ветар, но тука обновливите извори на енергија само го продлабочуваат лицемерниот впечаток. Германија и натаму е најголем загадувач во Европа и покрај спроведувањето на енергетската транзиција од 2010 година. Целта на тој план, намалување на емисијата за 40 проценти до 2020 година во однос на 1990 година, сосема сигурно нема да биде постигната, пресметале во институтот Агора, чија задача е следење на напредокот на енергетската транзиција. Според последните податоци, во 2016 година емисијата е намалена за 27 проценти, а транзицијата, велат критичарите, значително забави.

Неколкумина активисти и активистки се спуштија подолу кон нивото на рудникот. Седат и протестираат, а работниците ги посматраат. Повремено се огласува сирената која потсетува на воените сирени за општа опасност. Сирените предупредуваат дека во рудникот има непоканети гости. Дојде дури и еден пес.

Недалеку одовде ситуацијата е поинаква и има бројни полициски сили. Но, речиси четири илјади луѓе сепак успеаја да ги окупираат шините за превоз на јаглен и да ги блокираат повеќе од 24 часа во досега најголемата акција за граѓанска непослушност против јагленот. Добро подготвени и со вреќи за спиење, преспаа на ниска температура, а полицијата беше немоќна. Севкупно, минатиот викенд учествуваа околу 6 500 луѓе во разни акции, тврдат од движењето Ende Gelande. Станува збор за германски израз кој значи „тука престанува“.

„Нашата цел е борба за климатска правда, а шумата Хамбах е симбол на нашето движење. Шумата е нашата иднина. Дојдовме тука за да порачаме дека сакаме системска промена, сакаме правда и еднаквост, систем во кој луѓето се одговорни за она што го прават. Индустријализираните земји од Глобалниот Север се одговорни за последиците од климатските промени кои денес ги чувствуваат земјите од Глобалниот Југ и време е да ја платат штетата“, изјави Нике Малхаус од Ende Gelande, движењето на кое му се придружија и активисти од другите делови од Европа.

Германската активистичка сцена е силна кога се работи за мобилизација за енергетски прашања, почнувајќи со антинуклеарните протести од седумдесеттите години. И додека децениите упорност доведоа до официјална германска политика за енергетска трансформација и исклучување на нуклеарките од системот, борбата со јагленот сè уште трае. Во рамки на енергетската транзиција, Германија донесе план за затворање на рудниците со камен јаглен, но таков план не постои за рудниците со лигнит, највалканиот јаглен со низок квалитет кој загадува повеќе од камениот јаглен. Иако енергетската транзиција официјално се спроведува речиси една деценија, дури во јуни беше оформена комисија која треба да донесе план за излегување од ерата на јагленот. Тие усвоија извештај со предлог мерки за реструктуирање на економијата од регионите со јаглен, кој би требало да биде објавен оваа недела. Уште пред објавата на извештајот синдикатите ги изведоа работниците на улиците, околу 20 000 протестираа во Бергхајм, во близина на шумата Хамбах, тие сакаат да ги задржат своите сигурни работни места.

Бидејќи во Германија едни од најсилните синдикати се токму оние кои функционираат во рударството, политиката за затворање на овие рудници за никого не е најпопуларен политички потег. Во шумата Хамбах, пак, видливи се остатоци од куќички на дрвата кои полицијата насилно ги отстрани во јуни годинава. Срушени се 53 куќички со оправдување дека претставуваат опасност од пожари. Притоа, смртно настрада новинарот Штефен Мејн кој падна од една од куќичките. На местото на смртта посетителите во шумата остават цвеќиња и пораки.

Хамби за Бамби, Хамби останува, Имаме една планета, Ние сме природа која се брани себеси и слични натписи се наоѓаат насекаде. На едно место никнала оградичка од гранки со домашен број. Внатре има шатор и неколку луѓе кои градат нова структура. „Се вика лешник“, ни велат една девојка и две момчиња. Повеќето луѓе во шумата ги кријат лицата и идентитетите заради полицијата, но со задоволство ги споделуваат своите приказни. Малку подалеку еден човек високо на едно стебло исто така гради нешто одново. Граѓаните нема да се откажат од Хамби, како што ја нарекуваат шумата, а малку надеж им дава одлуката на Високиот управен суд кој овој месец на компанијата РВЕ ѝ нареди да запре со работа додека се разгледува тужбата која ја поднела организацијата за заштита на околината БУНД. Тужбата се однесува на Големоушестиот лилјак, редок вид кој живее во шумата и кој без шумата може да изумре.

Погледот на рудниците зад шумата која стана симбол заради кој се во конфликт и енергетски зелениот имиџ кој се обидуваше да го гради Германија и севкупните климатски политики на ЕУ, остава речиси религиско чувство, тука се поздравуваме и со климата и планетата какви што ги познаваме кои сосема сигурно ќе продолжат понатаму и без човекот. Но, од друга страна, илјадниците луѓе кои од другата страна на рудникот со часови седат на шините во германската зима, имаат право да се надеваат дека е можен поинаков свет, како што пишува на нивните транспаренти. Не само тие, туку и другите кои ги среќаваме во шумата, родителите кои ги носат децата на собирот за солидарност, постарата жена која доаѓа на собирот со инвалидско помагало, луѓето кои ги градат новиот отпор во шумата. А, тој свет, порачуваат, мора да биде свет без јаглен.

Извор: http://www.h-alter.org