Професор Балтазар, генијалниот пронаоѓач кого го сакаа и во Зимбабве

14.12.2018 14:30
Професор Балтазар, генијалниот пронаоѓач кого го сакаа и во Зимбабве

Пред неколку години разговарав со еден афирмиран хрватски писател кому во тоа време му излезе свеж превод на германски. Кратко по излегувањето на книгата, повикан е на гостување во некој град во западна Германија. Книжевната вечер ја организирало друштво од локални хрватски иселеници, претежно академска, технократска емиграција. Желба им било книжевната вечер да биде и „претставување на хрватската култура“ за нивните германски сограѓани.

Тоа „претставување“ почнало така што мојот соговорник дошол на сцената очекувајќи книжевната вечер да почне. Но, тогаш се исклучило светлото, а на екранот зад него организаторите почнале да проектираат епизоди од „Професор Балтазар“.

Фактот дека германските Хрвати одбрале педесет години стари епизоди од анимираната серија за деца како репрезент на хрватските достигнувања многу зборува за престижниот статус што пронаоѓачот со полуцилиндар го има во хрватскиот национален канон. Загрепската школа за анимација долго била, а во некоја мера и сѐ уште е, единствениот успешен и видлив дел од хрватската кинематографија надвор од земјата. „Професор Балтазар“ беше и остана единствениот заживеан комерцијален серијал што таа анимирана школа го произведе. Тоа е анимиран серијал со кој во Југославија и во Хрватска навистина пораснаа неколку генерации.

Воедно, тоа е единствен производ на загрепската школа што е навистина широко дистрибуиран надвор од нашата арт-анимација за фестивали, па меѓу странските има играно и на телевизиите од САД до Иран, од Нов Зеланд до Финска и од Британија до Израел и Зимбабве. Општата локална омиленост во спојот со препознатливоста во светот го направило малиот пронаоѓач од Балтазар-град во очите на хрватските иселеници пример за она со што се гордеат во својата култура. Кога посакале на своите германски соседи да им предочат што има произведено нивната култура и со што растеле како деца, го одбрале малечкото човече со епрувета. Веројатно така би постапиле и многу други.

А тој и таквиот професор Балтазар е дете – токму на шеесеттите. Тој е дете на шеесеттите меѓу другото и затоа што првпат на екран заживеал во филмот „Пронаоѓач на чевли“ од Златко Гргиќ од 1967 година. Но, „Професор Балтазар“ не е чедо на 60-тите само поради чистата хронологија. Тој е во есенцијална смисла дете на епохата кога културната модернизација веќе во добар дел е завршена, кога на темелите на авангардата од педесеттите се формира нов медиумски пејзаж на развиеното новинарство, на содржините за деца и млади. Тој е чедо на епохата кога културата се отвора кон комерцијализацијата и кон творбите за конзумерски добра за различна целна публика, вклучувајќи ја и детската. Тој, значи, е плод на ерата кога во Хрватска првпат сериозно постои она што ние денес го нарекуваме (а тогаш не се викало така) „културна индустрија“. „Балтазар“ бил тоа – хрватската индустрија во мало.

Историјатот на „Балтазар“ повеќепати е прераскажуван и добро е познат. Малиот професор првпат се појавува во 1967 година во цртаниот „Пронаоѓач на чевли“, кој е авторски потпишан од Златко Гргиќ и косценаристот Боривој Доминиковиќ. Тоа е цртан што тогаш (уште) не бил замислен како дел од иден серијал, и во кој уште не биле воспоставени сите конвенции на идната низа филмови. Меѓу другото, во тој прв филм заднината сѐ уште нема да ја сочинува крајоликот на Боурековата сценографија на панонскиот Балтазар-град.

Наместо тоа, заднината ја сочинува т.н. „жива бела“, типична мат-заднина од која ликовите излегуваат и исчезнуваат, модернистичка постапка што била своевиден стилски знак на Загрепската школа. Откако „Пронаоѓачот на чевли“ доживеал успех, се родила идејата за серијалот, а Гргиќ за понатамошните филмови од серијата ќе се здружи со двајцата коавтори – Борис Колар и Анте Заниновиќ. Со тие двајца коавтори ќе сними 1969 и 1971 две сезони од серијалот, за потоа тие двајца, без Гргиќ, во 1977 година да ја реализираат и третата. Гргиќ се вратил и соработувал и во четвртата сезона, снимена 1978 во странска копродукција, а во таа сезона филмовите биле петминутни (значи, пократки) и без нарација.

Иако Гргиќ бил несомнено нешто најблиску до „автор“ на „Професор Балтазар“, поточно би било да се каже дека „Професор Балтазар“ е дело на она што историчарите на Холивуд го нарекуваат „гениј на системот“ – колективниот дух на установата, продукциската пракса и групата луѓе што го произвела. Сите филмови на Загрепската школа на некој начин настанале како производ на брејнсторминг, колективен работнички принцип во кој низа креативци соработувале во филмовите на други креативци, вградувајќи го во нив својот талент и придонес. Не станува збор само за тоа дека „Балтазар“ во зрелата фаза има тројца творци – Гргиќ, Колар и Заниновиќ. Станува збор за тоа дека во настанувањето на серијалот за пронаоѓачот соработувале бројни креативци од Загрепската школа, од Довинковиќ до Шталтер, Гаспаревиќ и Блажековиќ.

Воедно, постојат барем двајца креативни уметници што никогаш авторски не го потпишувале Балтазар, а без кои неговиот мит би бил незамислив. Првиот од нив е композиторот Томислав Симовиќ, кому серијалот му ја должи музичката шпица „бал-бал-балтазар“. Вториот е поранешниот славонски партизан, Евреин од Пожега, куклар, режисер и аниматор, Златко Боурек. Токму Боурек бил творец на Балтазар-град, исфантазираниот сценографски град во кој живее пронаоѓачот, марципанска средноевропска фантазија, која потсеќа на холандскиот Делфт или на чешкиот Телч, но најверојатно е дека Боурек го осмислил по урнек на својата родна Пожега.

На врвот на славата – накратко – „Професор Балтазар“ работел како колективен гремиум од таленти, каде што, во слободната работнички поставена комуна, едни на други си ѕиркале преку рамо и придонесувале за филмовите што ги потпишувал некој друг, претворајќи ја така индивидуалната уметничка работа во реализација на социјалистичката идеја за колективизмот. И колку и да е тој peer review и shareware принцип денес модерен, фасцинантен и (вистински, а не доктринарно) социјалистички, факт е и тоа дека „Балтазар“ ги покажала лимитите на тој принцип на работа. Групата автори околу „Загреб филм“ сјајно функционирала како креативна комуна, но кога со „Професор Балтазар“ таа работилница првпат ќе се соочи со пазарниот императив да прерасне во индустрија, тоа не се случило. И покрај побарувачката на светските телевизии, произведени се само 59 епизоди од серијалот. Малку поради несогласувањето на авторите, малку поради темелно артистичко-индивидуалниот начин на производство во „Загреб филм“, продукцијата „Балтазар“ не успеала да се воспостави како индустрија со вертикална одговорност и со предвидлива производна динамика. Наместо околу себе да создаде одржлива индустрија, „Балтазар“ останал занаетски производ на малата работилница, кој умрел кога им здодеал на сопствените творци. На некој начин, „Балтазар“ беше и најдоброто од социјализмот. Истовремено, тој беше и меѓникот што ги покажуваше лимитите на социјализмот.

Како и да е, без контекстот на социјалистичката култура и индустрија во 60-тите, „Професор Балтазар“ никогаш немаше да биде возможен. Зашто, „Балтазар“ немаше да постои ако младата, вртоглаво амбициозна културна политика од средината на педесеттите – и покрај здравиот разум – не одлучела да има нешто толку скапо и софистицирано како свој домашен цртан филм. Никогаш немаше да го има да не била таа прва генерација на Загрепската школа, потпалена од модернизмот и, огорчена од Дизни, да не раскинела со дизниевскиот модел на анимација и да не свртела поинаков поетички лист. Балтазар немаше да постои ако францускиот историчар на филмот (и комунист) Жорж Садул на во Кан 1958 година, во еден панегирички текст за осумте загрепски филмови не го сковал терминот „l'école de Zagreb“. Немаше да постои ако 1958 година ТВ Загреб не ја отпочнела првата ТВ-програма, која во средината на 60-тите е гладна за младински содржини. Немаше да постои ако 1958 година не дојдело до преорентирање на комплетната индустрија кон потрошувачката култура и подигнувањето на стандардите на секојдневниот живот.

Немаше да постои да не било движењето на неврзаните, кое на југословенските индустриски и културни производи им отворило привилегиран влез на бројни пазари од третиот свет. Сето тоа се контекстуалните околности што, како голема примарна каша, го направиле можно она што од 1967 до 1979 го креирале Гргиќ, Заниновиќ и Костелац. Самите автори притоа не морале нужно да бидат свесни за тие контекстуални околности. Но – ние денес ги разбираме многу подобро отколку што се разбирале тие. А зошто ги разбираме? Едноставно: затоа што ниедна од тие околности веќе не постои.

Токму затоа што сите обиди по 1990 година „Балтазар“ да се рециклира и да се обнови – а ги имаше – завршуваа тажно. Завршуваа токму онакви какви што и беа: подгревање на одамна зготвениот и одмрзнат ручек. По „Балтазар“ не треба да се жали. Не треба да се рециклира. На нашата генерација треба да ѝ биде работа да создаде нешто што ќе биде наш „Балтазар“. Работата треба да ни влезе во тие големи, широки величествени чевли што ни ги оставија шеесеттите. Секоја културна политика во Хрватска – која и да е таа – треба да се мери единствено според тоа. Треба да се мери според тоа дали создала свој Балтазар.

Извор: xxzmagazin.com
Превод: Ѓ. З.

ОкоБоли главаВицФото