YUбилеј (1) - 100 години Југославија 75 години АВНОЈ

14.12.2018 16:15
100 години Југославија 75 години АВНОЈ

Зборуваат Борис Буден, Мирјана Карановиќ, Желимир Жилник, Дејан Илиќ и Румена Бужаровска.

 

Борис Буден, теоретичар

Социјалистичка Југославија е чисто еманципаторска – а не идентитетска заедница

Луѓето и народите на поранешна Југославија не се соединуваат ниту заради некаква етничка блискост, односно традиција и перспектива на југословенство, туку исклучиво врз основа на заедничката борба против фашизмот. Таа борба, а не некаков заеднички, или близок етнички идентитет, е она според кое тие сочинуваат еден, југословенски народ. Втората, социјалистичка Југославија, значи, е чисто еманципаторска – а не идентитетска заедница“.

 

Мирјана Карановиќ, актерка

Јас сум Југословенка

Јас сум родена во Југославија. Јас сум Југословенка. Многупати после распадот на таа земја се прашував што сум сега, особено зашто формирањето нови држави беше поврзано со отфрлањето каква било врска со таа „комунистичка творба која беше затвор за народите“. Да се биде Југословен, а потоа и југоносталгичар, денес има негативно и погрдно значење. Денес официјално сум Србинка или Србијанка, како кому одговара. Југославија имаше важна улога во формирањето на мојата личност, мојот однос кон луѓето, кон светот што ме опкружува. Таа е неодвоив дел од мојот идентитет. Бев дете и не знаев ништо за политика освен дека тоа е нешто со што се занимаваат возрасните и дека така се викаше весникот што го купуваше татко ми. Моите родители не беа религиозни и никогаш не се доживував себеси како Србинка или православка. На училиште и дома учев дека не се важни ни верата, ни националноста, туку дека се важни луѓето. За лектира читав дела од целата таа голема земја и учев за историјата, гледав претстави, ТВ драми и филмови на сите јазици и дијалекти кои постоеја. Младинско гледалиште, Кугла глумиште, Ослободувањето на Скопје, Фестивалот МЕСС, Паоло Маѓели, Душан Јовановиќ, Дејан Мијач... Во мојата татковина беа сите прекрасни места: Хвар, Охридското езеро, Похорје, Црното езеро на Дурмитор, Ѓаволската варош, Мотовун, Свети Стефан, кафеаната Т'га за југ во Скопје, пулската Арена... Азра, Филм, Идоли, Оргазам, Хаустор...

За мене Југославија беше најубавата и највозбудливата земја во светот. И можеби тогаш не патував многу во други земји за да можам да споредувам, но сега повеќе од кога било сум сигурна дека тоа е навистина така. Бев бескрајно горда што живеам во Југославија. Цврсто верував и бев сигурна дека ќе биде само подобро и поубаво.

И денес верувам тека тоа можеше да се случи. Знам дека таа земја е мртва засекогаш и ја оплакав и преболев. Знам каде живеам, ги прифатив нељубезните граничари и печатите во пасошот. Она што го знам денес е дека, без никаков сентимент, и натаму во своето битие ќе бидам Југословенка. Тоа е впишано во мојата духовна генетика и тоа нема да се промени сè до мојата смрт.

Желимир Жилник, режисер

„Фабриките на работниците, земјата на селаните“

Имам впечаток дека во сите новосоздадени држави владејачката хиерархија воспоставува политички модел со кој сите држави ги ставила во функција на капитализмот. Од друга страна, заради сопствените кариери олигархијата го развласти работниот народ, не само со укинување на неговата позиција, туку и со укинување на неговата сопственост. Зборувајќи објективно, порано не беше идеално, но дефинитивно постоеше нешто. Снимив пет–шест филмови во разни колективи, како текстилни фабрики и рудници, и можам да ви кажам дека филмската екипа која требаше да работи таму одобрението за снимање го добиваше од работничкиот совет. Тоа беше прилика да се зборува не само за успесите, туку и за конфликтите со, така да кажам, менаџментот. Без оглед на тоа што во еднопартискиот систем имаше разни препреки за демократијата, се сеќавам дека луѓето за тие свои колективи зборуваа како за ентитет во кој не само што имаа право гласно да кажат, туку и да се борат за својата положба и за правото на одлучување.
Кога денес зборуваме за социјализмот многу сме склони од комплетната истоиографија да го спомнеме само антифашистичкото движење, а се заобиколува идејата на револуцијата која имаше едноставна прокламација: „Фабриките на работниците, земјата на селаните“. Не се работеше само за ослободување од фашизмот, туку револуцијата донела и нешто од своите ветувања. Во седумдесеттите години се поставуваше прашањето дали се реализираат тие ветувања.

 

Румена Бужаровска, писателка и професорка

Недостасува чувството дека живееме во признаена држава

Во Македонија сè повеќе ги има оние што не се сеќаваат на Југославија, односно немаат концепт за старата држава. А на оние кои се сеќаваат, се чини, им недостасува чувството дека живееме во голема, стабилна, признаена држава, каде пасошите не се потребни, каде имаат на располагање поширок географски и културен простор. Што се однесува на социјалистичкиот систем, ми се чини дека тој сè помалку и помалку се романтизира.

 

Дејан Илиќ, издавач

Југославија денес е личен избор

Дури откако се распадна – или, попрецизно, откако ја растуривме – Југославија почна да постои онака како што требаше отсекогаш: како слободен избор на луѓето приврзани за југословенската идеја. Можам тоа да го кажам и поинаку: дури откако се распадна Југославија, јас на вистински начин почнав да го живеам моето југословенство. Без никакви ресурси и средства тоа југословенство да им го наметнувам на другите, го практикував во мера во која ми беше потребно и со луѓе на кои тоа им одговараше.

Зашто, лесно беше да се биде Југословен во Југославија, а имаше и многу причини да се лаже дека си Југословен. Државата со сите свои ресурси стоеше зад таа идеја, онака како што оние кои ја промовираа единствено и умееја – значи, погрешно. На пример, да го земеме издаваштвото. Државата финансираше објавување автори по југословенски (воедно и национален) клуч. Југословенството се демонстрираше со застапеност на сите нации во издавачките програми. Не беше важно дали објавувате Југословени, зашто (погрешно) се претпоставуваше дека сите сме Југословени (а, не сме), туку југословенството го докажувавте така што исполнувавте квоти за секоја нација посебно.

Секако, денес е поинаку, и би рекол дека е подобро. Југословените се држат до своето југословенство, заемно се објавуваат и читаат, а сето тоа главно го финансираат од сопствениот џеб (како автори, издавачи, читатели). Југословените повторно се учат, како некогаш, во 19 век, дека мора и да дадат нешто за својата идеја, а не само за јавно демонстрирање приврзаност со југословенството да добиваат (незаслужена) апанажа, што беше примамливо и за многу лажни Југословени. Во таа смисла, денешното југословенство, па и југословенското издаваштво, стои на здрави нозе, за разлика од националистичките идеи и националистичкото издаваштво во постјугословенските држави: како и некогаш во Југославија, југословенската идеја и југословенското издаваштво, националистичките идеи и нивните автори и издавачи приврзаници гнијат и се распаѓаат зашто гнијат и се распаѓаат националистичките државни темели на кои стојат.

Слики: Зоран Кардула

Слични содржини

Општество / Балкан / Историја
Општество / Европа / Балкан
Општество / Книжевност / Култура
Општество / Балкан / Историја
Графички Дизајн / Став / Уметност

ОкоБоли главаВицФото