Монографија за творештвото на Таки М. Павловски

15.12.2018 03:20
Монографија за творештвото на Таки М. Павловски

На 12 декември во Музејот на град Скопје, Емил Алексиев и Љубомир Фрчковски ја промовираа монографијата (10 тома) за творештвото на Таки М. Павловски. Издавач е Музејот на град Скопје.

Таки М. Павловски (1939) е претставник на поколение на уметници што се појавува кон крајот на шеесеттите години од минатиот век во Македонија, поколение кое носи драматични промени во сфаќањето на уметноста и на светот воопшто.

Нивната духовна презаситеност од дотогашните понирања во длабочините на апстракцијата, ќе ги насочи кон некои поинакви духовни одредишта.


Таки М. Павлоски е роден во разгорот на Втората светска војна, во село Желино (Костурско). Тој е дете на прогонот и на вечниот немир. Овој немир ќе го следи целиот живот и ќе стане препознатлив белег на неговото севкупно творештво.
„Моето детство беше растргнато, разграбено, уништувано...“ - вели Павловски, и додава - „Тоа беше време на војни и на прогони. Мрачните сили чинеа се нашите корени да се раскинат и да се уништат. Моите записи во основа се кажување за нашето постоење.“

Според самиот уметник, во неговиот живот значајни се миговите кога за прв пат ќе ги прочита песните на Коста Рацин, ќе ги види сликите на Димитар Пандилов и ќе ги види скулптурите на Димо Тодоровски и Јордан Грабул; изложбата на скулпторот Хенри Мур во Скопје; цртежот на Антун Хунтер кај кого учи вечерен акт; „новата слика“ на Иван Табаковиќ и искреноста во сликарството на Казимир Маљевиќ, како и творечката поетика на Јозеф Бојс. Овие автори ќе останат за Павловски засекогаш крајпатни знаци кои го одредуваат неговиот творечки пат.

Во тогашна Југославија шеесеттите години се години на противречности и потреси на сите рамништа од општествената стратиграфија. Овие тектонски поместувања ќе предизвикаат силни судири на генерациско, социјално, политичко културно и уметничко рамниште.
По периодот на доминација на апстрактната уметност, кон крајот на шеесеттите години, југословенскиот културен простор се отвoра за нови уметнички изрази - се јавува првичен интерес за минимализмот, нео-експресионизмот, се најавува враќање на фигурацијата и се појавува новата уметничка практика - комплекс од концептуални, процесуални и пост-објектни форми на уметничко изразување.

Павлоски отстапува од вообичаениот пат на ликовно образование. Завршува скулптура на Училиштето за применета уметност во Скопје кај проф. Димо Тодоровски и престојува една година на одделот за скулптура на Академијата за применета уметност во Белград кај проф. Радета Станковиќ, каде потоа, завршува сценографија (1964) кај професорот Миленко Шербан. Неговиот интерес за скулптурата и сценографијата ги поврзува интересот за пластичните форми, меѓутоа, последица на вака насочениот интерес е - цртежот. Оттогаш па се до денес, цртежот, со сите негови изразни можности, станува негова трајна страст.

Така, исцртувањето на нештата со текот на времето станува исцртување на самиот живот, жед за животот, обид да се разбере редот во универзумот, да се открие поврзаноста на сите нешта, да се разбере неминовноста и минливоста како израз на оние сили без кои животот не би постојал. Цртежот е бележење на животот, на срцебиењето на животот, на промените и движењата, на немирот и страдањето, на светската болка без која не можно создавањето. Цртежот за Таки М. Павлоски е чудесен кардиограм на светот.

Тој, уште на почетокот од својот творечки пат, навлегува длабоко во просторот на сликата воден од страста на откривањето на нови ликовни можности и повикот на една нова ликовна авантура. Овие истражувања се најчесто разбрани како вкрстување на разновидни стилско-поетички искуства: од апстрактниот геометризам – или од меката лирска апстракција – до искуствата од енформелот; елементи од ликовна транспозиција на стварноста во уметничкото дело; фрагменти од хроматска експлозија што остава траги врз платното; па се до неприкриен концептуален приод кон ликовното дело и настојување тоа де се вклопи во некоја серија или некој поширок ликовен контекст.

Сликата е негово сознание и објава за тоа што е сликарски простор, што е сликарско поле, како тоа се создава од страна на сликарот и како се гледа од страна на набљудувачот.

Сето свое знаење од овие ликовни дисциплини (за архитектониката на сликаниот простор, за односот површина-внатрешност, за структурата на делото, итн.), Павловски ќе го вгради во сценографијата како особен медиум. Теливизиската сценографија, сите негови дотогашни визуелни истражувања во широк регистер од геметриската апстракција до инсталација, внесувајќи ја и споделувајќи ја воедно и исклучителната визуелна култура на овој автор во најширокиот јавен простор. Повеќето негови сценографски остварувања се доживуваат како вредни самостојни уметнички дела.

Предмет на неговиот интерес е светот, „светот што пулсира во ритамот на човековото срце“ (Арто). Значи, светот и животот и неговото драматично случување. Магијата на сликарот е неговата способност да го прикаже тој живот на малечката сцена која што е целиот свет и се вика слика.

Сликата на Таки Павловски е простор и сцена за магичното случување на самиот живот. На белата површина и скудно боените полиња се појавуваат трагите на светот, не како слика, туку како случување, како движење и дејствие – жестоките потези на сликарот го бележат ритамот со кој пулсира животот.

Токму ова и ваквото разбивање на уметноста и освоената слобода на сликарското платно или листот хартија, се белег на вкупниот творечки потфат на Таки М. Павловски што непрекинато, веќе педесет години, трае до денес.

Слики: Таки М. Павловски

ОкоБоли главаВицФото